Од другата страна на империјата

Како подолго од една недела не сум во земјата и сум на оддалеченост од околу 5.000 км, не се чувствувам удобно да пишувам на актуелни домашни теми. Затоа пишувам за Киргизстан, каде што сум сега и имам патувано повеќепати, а првпат го посетив во 1998 г..

Пишувам за земјата, од другата страна на империјата, таа на Александар Велики, земја толку далечна, а блиска. Александар Велики, стигнал до Фергана долината, денес на тромеѓето меѓу Киргизстан, Таџикистан и Узбекистан, каде го основал градот Александрија Ексхата, денес Хучанд во Таџикистан. Не го спомнувам тоа од историски причини, туку бидејќи Киргизстан е една од ретките земји каде сум патувал, а при спомнувањето на Македонија луѓето веднаш започнуваат со разговар за Александар Велики. Во 1998 г. ми остави впечаток посетата на неколку села во Фергана долината, каде луѓето раскажуваа за Александар, како да достигнал до тие далечни краишта пред неколку години, а не пред повеќе од 2.300 години. Но темата не ми е Александар, туку Киргизстан.

Зошто далечна, а блиска?

Киргизстан е централната земја во Централна Азија. Во земјата живеат околу 5.5 милиони луѓе. Киргизстан, за централно азиски услови, е меѓу помалите земји, без пристап до море, со четири поголеми соседи: Кина, Узбекистан, Казакстан и Таџикистан. Основана во 1924 г. како дел од СССР, стекнува независност во 1991 г. И покрај кратката историја на независност, Киргизите имаат долга слободарска историја. Знамето на Киргизстан е сонце со 40 зраци. Тоа го симболизира обединувањето на 40 племиња под водство на националниот херој Манас. Најголем дел од земјата е планинска (80%), и освојувачите никогаш не ги покориле целосно планинските предели, слично како во блискиот Афганистан. Но сепак Киргизстан, поради неговата позиција на Патот на свилата, бил освојуван од Монголската Империја, Кина, Узбечкиот Коканд Ханат и Русија.

По стекнувањето на независност, неколку години името на државата е Киргизстан, по што се менува во Киргизска Република. Во земјата покрај околу 69% Киргизи (од групата на турски народи), има Узбеци, Руси, Дунгани (Кинези муслимани), Ујгури, Татари, Германци, или околу 80 етнички групи. Службени јазици се киргизскиот и рускиот јазик.

Киргизстан бил на крстопатите на Патот на свилата и рутите на караваните кои поминувале тука, носеле не само стока за трговија, туку донеле и влијанија на различни култури: Турска, Персиска, Арапска, Индиска, Кинеска, Руска итн. кои се измешале со културата и традицијата на тукашните народи. Дел од мешањето потекнува од присилните преселби за време на Сталин, кога на пример се населени црноморски Грци. Може да се почуствува тој главно турско-славјански, муслиманско-православен спој, со елементи на советскиот комунизам, мешавина која во поинакви размери се чувствува и во Македонија. Таа мултикултура е богатството на Киргизстан, но истовремено неговото проклетство. Во плодната Фергана долина, постои најчудната граница, со енклави и ексклави, и повремено избиваат насилни судири меѓу Киргизите и Узбеците, како судирите во Ош во 1991 г. и во 2010 г., и помали судири со Таџикистан.

Секако позицијата на крстопат сеуште привлекува “глобални полицајци”. САД имаат своја воена база на Манас аеродромот во главниот град Бишкек, а Русија има четири бази, меѓу кои свој воен аеродром во Кант, руско-германски град во близината на Бишкек, како и полигон за тестирање на подводни оружја во Исик-кул езерото.

Богатството на култури се гледа пред се во фолклорот и кујната. Секако народни носии може да се видат само во одалечените планински села и на фолклорните настани за туристи. Да, туристи, Киргизстан станува се попривлечен пред се за планинари. Посебно е впечатливо богатството на кујната: од традиционални киргизски номадски јадење, пред се месо и млечни производи, преку турскиот и ујгурскиот пилав, кебапи, разни лебови и тестенини, до кинески јадења, руски борш и украински јадења. И секако незаменливиот црн или зелен чај кој се пие со секој оброк. Само европоцентрик како мене, пауза на состанок во Киргизстан би нарекол кафе пауза, бидејќи сите пијат чај. Киргизите ќе се пофалат со својот бешбармак, лагман и манти, како и кумис – ферментирано млеко од кобила, или аирин (кефир) и бозо. Кај повеќемина Киргизи предизвикав чудење дека нивниот национален пијалок бозо, е наша македонска боза. Но, и јас се зачудив кога македонски пивопиец пребарувајќи за киргизски пива на интернет, нашол информација дека бозо е вид на пиво!?

Покрај сонцето, позицијата на крстопат, мултукултурното богатство и бозата, причината зошто Киргизстан ми е близок се прекрасните планини и езера, кои многу ме потсеќаат на Македонија. Како што веќе напишав 80% од земјата се планини, а околу 4% се езера. Но до тука е сличноста, а разликата е во големината. Иако Киргизстан за тамошни прилики е мала земја, неговата површина е 199.900 квадратни километри – за осум пати поголема од таа на Македонија. И другите работи се многу поголеми. Тиан Шан е најголемиот планински ланец кој се протега и во соседните Казакстан и Кина, се до Индија. Највисокиот врв – Јенгиш Чокосу или Врвот на Победата е висок импресивни 7.439 м. Во планинското подножје е езерото Исик-кул. Всушност тоа е “езериште” кое е десетото најголемо езеро во светот по волумен, со најголема длабочина од 668 метри, со должина од 182 км, колку од Скопје до Охрид, и брег од 688 км. Неговата површина е 6.236 квадратни километри или отприлика колку четвртина Македонија. Езерото е солено и тоа го прави второ најголемо солено езеро по Каспиското езеро. Езерото е омилено место за летен одмор за Киргизите, Казаците и сибирските Руси, за кои е оддалечено “само два часа лет”. Иако температурата на водата не надминува 19-20 степени, тоа за гостите е “жарко” (топло).

За разлика од своите соседи Киргизстан нема нафта и гас. Земјата е сиромашна, со три пати помал БДП по глава на жител од Македонија и живее од дознаките на околу еден милион емигранти во Русија и Казакстан. Но и покрај сиромаштијата, луѓето се исклучиво гостопримливи и тоа чувство на добредојденост секогаш е покана за повторна посета.

1 thought on “Од другата страна на империјата”

  1. Почитувани,
    прочитав дел од Вашите излагања, но вниманието најмногу ми го задржаа деловите за Киргизстан и Централна Азија…

    Имав прилика 2010 година 7 дена да престојувам во Душанбе, Таџикистан, така што тоа што го читам во многу ме потсеќа и за Таџикистан…

    Поздрав од Делчево,

    Игор

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.