Богатите роднини

При крајот на втората недела од мојот престој во Киргистан – земјата од другата страна на империјата, почна да ми недостасува Македонија, но со дополнителна мотивација на читателите ова лето ќе посветам уште два написа, овој и еден во август, на Централна Азија.

Повеќе денови поминав во летното одмаралиште на Централна Азија: Исик-кул езерото, на падините на Тиан Шан. Престојував во санаториумот Аврора, кој го нарекуваат – санаториум легенда. Изграден во 1979 година, слично на неговиот македонски врсник хотел Метропол во Охрид, бил бисерот на брегот на Исик кул. Изграден е во форма на брод и посветен е на славниот руски крстосувач Аврора, Сеуште има задржано од својот сјај, посебно со прекрасната парк-шума од околу 50 хектари. За разлика од македонскиот врсник, Аврора сеуште е во државна сопственост, а во салите сеуште се чуваат собраните дела на Ленин. Како времето да застанало пред 30 г., чувство како враќање во младоста. Но секако дека најголем дел од магијата ја создава самото езеро, околните високи планини и секако киргиско-рускиот ритуал на пливање на изгрејсонце. Враќањето од Исук кул езерото кон Бишкек, првото на 1.600 метри надморска височина, повисока од наш Галичник, а вториот на околу 900 метри, скоро колку наше Водно, поради температурните разлики од 6-7 степени, многу ме потсеќа на враќањето од свежиот Охрид кон жешкото Скопје. Бишкек како и Скопје има “изгор лето, кочан зима”.

Read more

Од другата страна на империјата

Како подолго од една недела не сум во земјата и сум на оддалеченост од околу 5.000 км, не се чувствувам удобно да пишувам на актуелни домашни теми. Затоа пишувам за Киргизстан, каде што сум сега и имам патувано повеќепати, а првпат го посетив во 1998 г..

Пишувам за земјата, од другата страна на империјата, таа на Александар Велики, земја толку далечна, а блиска. Александар Велики, стигнал до Фергана долината, денес на тромеѓето меѓу Киргизстан, Таџикистан и Узбекистан, каде го основал градот Александрија Ексхата, денес Хучанд во Таџикистан. Не го спомнувам тоа од историски причини, туку бидејќи Киргизстан е една од ретките земји каде сум патувал, а при спомнувањето на Македонија луѓето веднаш започнуваат со разговар за Александар Велики. Во 1998 г. ми остави впечаток посетата на неколку села во Фергана долината, каде луѓето раскажуваа за Александар, како да достигнал до тие далечни краишта пред неколку години, а не пред повеќе од 2.300 години. Но темата не ми е Александар, туку Киргизстан.

Зошто далечна, а блиска?

Киргизстан е централната земја во Централна Азија. Во земјата живеат околу 5.5 милиони луѓе. Киргизстан, за централно азиски услови, е меѓу помалите земји, без пристап до море, со четири поголеми соседи: Кина, Узбекистан, Казакстан и Таџикистан. Основана во 1924 г. како дел од СССР, стекнува независност во 1991 г. И покрај кратката историја на независност, Киргизите имаат долга слободарска историја. Знамето на Киргизстан е сонце со 40 зраци. Тоа го симболизира обединувањето на 40 племиња под водство на националниот херој Манас. Најголем дел од земјата е планинска (80%), и освојувачите никогаш не ги покориле целосно планинските предели, слично како во блискиот Афганистан. Но сепак Киргизстан, поради неговата позиција на Патот на свилата, бил освојуван од Монголската Империја, Кина, Узбечкиот Коканд Ханат и Русија.

Read more

Сите денови треба да се отворени денови!

Минатата недела имаше скромна вест, на Алфа ТВ, дека наводно пратениците го одбиле барањето на Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) редовно да учествува на седниците на Комисијата за надзор над мерките за спроведување на следење. Без да навлегувам во точноста на конкретната вест, добив потврда дека ХКЧП се обратил до повеќе комисии на Собранието на Македонија за редовно учество во нивната работа, а добил потврден одговор од две комисии: од Комисијата за еднаквоста на мажите и жените и Националниот совет за евроинтеграции.

Иако со членот 122 од Деловникот на Собранието на Македонија е предвидена можноста да се поканат научни, стручни и јавни работници, претставници на општините и на синдикатите и здруженијата, за изразување на нивното мислење, горенаведената вест не ме изненадува. Пред неколку години на дебата во самото Собрание реков дека почесто сум учествувал во работата на собраниските комисии во социјалистичкиот период – како претставник на студентскиот сојуз во Комисијата за образование и Комисијата за труд и социјална политика, откалку во демократскиов период. Кога по победата на СДСМ во 2002 г. делегација од неколку водечки организации побаравме од тогашниот Претседател на Собранието да ги поттикне претседателите на комисиите да покануваат претставници на граѓанските организации, тој кратко одговори дека нема да го стори тоа и дека „ние победивме и ние сме власт овие четири години“.

Секогаш кога настапувам во „црни тонови“ добивам конструктивна критика од Лилјана Поповска (ДОМ), дека состојбата е подобра. И да, можеби проблемот што веднаш скокаме во слабостите без да ги споменеме и силните страни. Собранието покажа отвореност со прифаќање на повеќе иницијативи. Македонското женско лоби основано од 2000 г. обезбеди интеракција меѓу Собранието и стручните работници и граѓански активисти, што резултира со повеќе законски проекти и секако беше зародиш на сегашната Комисија за еднаквост на мажите и жените, една од најактивните во организација на јавни расправи, како неодамнешната за Националната стратегија за спречување и заштита од семејни насилство 2012-2015. Тука е и примерот на Интерпартиската парламентарна група за лицата со хендикеп основана во 2003 г. со водство на Полио плус, која е исклучителен пример за отвореност и вклучување на граѓанските организации во јавните политики. Таквите поттикнувачки акции водеа во отварањето на Канцеларијата за контакти со НВО во 2004 г. Врвот се постигна основањето на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во кој се вклучија претставници на поширокото граѓанско општество, како ЗНМ, стопанските комори, верските заедници и граѓанските организации. Впечаток на повеќе активисти е дека Комисијата за европски прашања, НСЕИ и Комисијата за еднаквоста на мажите и жените се водечки во отвореноста, најчесто изразени низ формата на јавна расправа, како ефективен инструмента на граѓанска партиципација. Намерно не го нагласувам Отворениот ден на Собранието, бидејќи сепак тоа е еднодневен и пред се формален настан.

Read more

(Не)зрел за коментатор?

Во април оваа година од „Нова Македонија“ ме прашаа за пишување коментари, што се совпадна со моите размислувања за започнување на блог. Се согласив, бидејќи сакам да анализирам, имам малку повеќе време откако не сум во раководството на МЦМС и поради тоа што исклучително ја ценам и институцијата „Нова Македонија“, како и нејзиното раководство и новинари. И така започна мојот блог Меѓутоа и објавена е мојат прв коментар во април 2012 г.

Овој 11. пат, коментарот се преместува во четврток, кога досега пишуваше Ана Мартиновска, која во периодот што следи се посветува на проширувањето на семејството, и ми ја остави одговорноста за пишување за промоција на родовата еднаквост и недискриминација за сите. Ќе ги следам тие вредности, бидејќи ги споделувам. И благодарам на Ана Мартиновска за одличните коментари и ѝ посакувам многу љубов и здравје во семејниот живот. Ана Мартиновска се извини дека во својата засега последниот коментар ќе си дозволи поинтимен тон. Јас ќе си го дозволам тоа на почетокот.

Темите за кои пишувам се општествено политички теми, но повремено ќе бидат и институциско-организациски теми и за себеразвој. Тоа се заснова на моето уверување за интегрираност на личниот, организацискиот и општествениот развој, односно дека човекот ги создава организациите и општеството според својот лик и своите вредности и начела. Вредностите и начелата се основата на секоја личност, организација или општество. Затоа моите коментари се насочени кон односот на одреден проблем и решенијата, препораки за тој проблем, засновани на вредности. Покрај наведените теми ќе пишувам и за самите вредности, како и за животот.

Во интернет-изданието на мојот коментар одредени податоци се поврзани-линкувани со изворите, а за илустрација употребувам фотографии или графици.

Како што забележаа некои читатели, во коментарите често употребувам прашални форми. Целта на тоа не е да шпекулирам, туку напротив, мој внатрешен порив да поттикнам аргументација и контрааргументација, размена, разбирање, да поттикнам дијалог. Да поттикнам што повеќе други луѓе да се вклучат во дијалогот, бидејќи јас сум свесен за недостатоците на моите знаења, и секако, за мојата субјективност – за моите вредности, начела и уверувања кои влијаат на моето осознавање на проблемите. Мојот клучен предизвик е да допуштам дека покрај мојата „вистина“ постојат и други „вистини“. Затао сакам дијалог за меѓусебно разбирање. Ваквиот, рационален стил на пишување, понекогаш е можеби премногу академски и недоволно личен. Понекогаш тешко балансирам меѓу личниот порив да вклучам многу собрани податоци и потребата од јасност. Ќе ми биде предизвик коментарите да бидат попривлечни – атрактивни и лесни за читање, разбирливи и во говорен јазик, да бидат едноставни.

Read more