Арапска пролет – долга и неизвесна транзиција

Блискиот Исток или Среден Исток и Северна Африка – МЕНА (Middle East and North Africa) во англо-американски контекст е регион со изразена доминација на автократски режими, создадени со сплет на повеќе фактори, а подржани од светските сили во периодот на Студената војна, со економска стагнација – просечен раст на БДП од 0,5% во периодот 1980-2010 г., невработеност и корупција. Последните десетина години во регионот и во САД се води дебата за развојот на регионот: дали во името на стабилноста и понатаму да се подржуваат автократските режими кои произведуваат се повеќе незадоволство (и нестабилност) или да започне решавање на натрупаните проблеми со демократизација по секоја цена, дури и по цена на изборите да победат организации како Муслиманското братство.

Муслиманско братство, основано во 1928 г. во Египет, се смета за највлијателно арапско движење и една од најголемите исламски организации, која комбинира политички и социјален активизам. Независно од братството се основаат партии, кои најчесто се главни опозициски сили во повеќе арапски земји. Контраверзите за нив се поврзани со ставот „исламот е решение за се“ и нивното наводно неоградување од насилство. Забранувано и често прогонувано, посебно во секуларните режими како Сирија, а нивните бунтови крваво задушувани, како масакрот во Хама во 1982 извршен од Хафез ал Асад, таткото на сегашниот сириски претседател Башар ал Асад. Но токму на сирискиот пример може да се види хетерогеноста на Муслиманското братство – додека членовите на сириското братство се прогонувани, Сирија е во сојузништво со Хамас, дел од Муслиманското братство во Палестина. Хамас, кога во 2006 г. го победува секуларниот Фатах – Палестинска ослободителна организација (ПЛО), е првиот случај кога Западот применува условно признавање на нивната победа.

Бутефлика, со Хусеин и Асад во 70-те

Дебатата за демократизацијата на Блискиот исток ја обликуваат примерите во Турција и Ирак, како и тој во Алжир.
Социјалистички  Алжир, е земја каде во 1991 г. се одржуваат  првите плурални избори. Во првиот круг со големо мнозинство води салафистичкиот Исламски фронт на спасот (ФИС), што доведува до суспензија на изборите, забрана на партии засновани на религија и воен удар. Започнува децениска граѓанска војна од 1991 до 2002 г. во која се убиени над 150.000 луѓе. За одбележување е дека Општественото движење за мир , претходно Хамас – партијата поврзана со Муслиманското братство, се оградува од ФИС и насилството и учествува на изборите и го поддржува Бутефлика, сегашниот претседател на Алжир. Со тоа Алжир воспоставува пример на раздвојување на радикалните салафисти и умерените исламисти, но Алжирската граѓанска војна (како и таа во СФРЈ) станува чест изговор на режимите за одбивање на демократизацијата.
Во Турција, Партијата на развојот и правдата (АК Партијата), основана во 2001 г. и покрај обидите со легални начини (судски забрани), како и со нелегални начини (заговорот Ергенекон), да се спречи во владеењето, за кратко време станува водечка политичка партија во Турција.  АК партијата се гледа како исламски пандан на христијан-демократските партии во Европа, како муслиман-демократи, и како таква од 2005 г. има статус на посматрач во Европската народна партија. Се создава тнр. Турски модел, на слободни избори, кои иако се жестоко оспорувани, се мирни; на секуларен устав и исламска Влада; на брзо растечка и либерална економија.
Во Ирак, демократизацијата се постигнува со воена интервенција на САД против режимот на Садам Хусеион и БААС – пан-арапската социјалистичка партија. САД како окупациона сила вршат „де-баасизација“ – целосно отстранување на членовите на БААС, од сите рангови, од војската и државната администрација, што доведува до колапс на Ирак. САД организираат избори, и во 2005 и во 2010 г., на кои победува коалицијата Владеење на правото и Ноури ал Малики, шиитски лидер и премиер на Ирак, сметан за близок на Иран – јасен знак дека САД се спремни да дозволат и несакани резултати на изборите. Критиките велат дека изборите во Ирак не воспоставиле демократски амбиент, дека Ирачаните претпочитаат „цврста рака“ наместо сегашниот политички хаос и  радикална корупција, и дека Малики, поради неговата одлука покрај премиер да биде и вршитеп на функциите министер за внатрешни работи, за одбрана и за национална безбедност, е само шиитска варијанта на авторитарен режим.

На трите примери е научено дека долгогодишните авторитарни режими креираат радикални сунитски движења – салафисти и радикални шиитски движења, и затоа е потребна промоција на умерени исламски партии, како и демократизација по секоја цена. Таа демократизација не може да се наметне со воена интервенција, но треба да биде допуштена од меѓународната заедница. И потребен е транзициски период во кој наместо  целосно отстранување на претходните авторитарни режими во Ирачки стил, треба вклучување на елементи од нив, посебно тие што жалат (или барем го глумат тоа) за стореното.

И се случи… Во декември 2010 г. со замозапалување на мал трговец во Тунис, започна процес што се нарече Арапска пролет. Поголеми или помали протести се прошируваат низ регионот, од Мароко и Мавританија на запад до Оман на исток. Протестите имаат заеднички именител – граѓански отпор со штрајкови и протести, како и употребата на социјалните медиуми за нивна организација. Многу од протестите наидуваат на насилен одговор од властите. Во востанија се развиваат протестите во Јемен и Бахреин,  а во граѓански војни во Либија и Сирија. Во Египет и Јемен, работите се одвиваа помалку крваво, меѓудругото и бидејќи војската поддржува формирање на транзициски власти. Досега има промена на властите во Тунис, Египет, Јемен и Либија.

Во Египет, периодот на воената транзициска власт, заврши со победа за Претседател на Републиката на Мохамед Морси, докторант од Калифорнија,  од Партијата на слободата и правдата (партија на Муслиманското братство). Новата Влада, која даде заклетва деновиве, вклучува клучни министри како тие за одбрана, за внатрешни работи и за финансии од претходната транзициска Влада, блиски до војската, како и неколку министри како тие за информации и образование од Муслманското братство. Во Владата нема вклучено видни млади протагоности на египетската пролет, ниту жени или претставници на малцинските православни  Копти, но ниту на салафистите, кои на изборите освојуваат 24% и се втора партија по Партијата на слободата и правдата, која има 36%. Таквата Влада, можеби не задоволува никого, но дали е можно поинаку во првите демократски чекори по 60 години на авторитарна воена власт?

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.