Арапска пролет, курдска жетва!

Арапската пролет, во основа видена како процес на демократизација, има и секундарни ефекти како што се пролиферацијата на  оружје, одмрзнување на етничките прашања и измена на геополитиката.

Граѓанската војна во Либија, а сега и во Сирија, доведува до пролиферација на оружје, какво во нашето соседство  имаше со распадот на Албанија во 1997 г., што беше овозможувачки фактор за војната во Косово. Такви прелевања ќе има и сега, тоа веќе се случува во Мали, сосед на Либија, каде е прогласена независноста на Азавад, држава на Таурезите, берберски народ,  а може да се очекуваат и нови прелевања во соседните држави. Одмрзнување на етничките прашања се случува, покрај во Азавад, и на другите прашања на Берберите – нивниот јазик стана службен јазик во Мароко. Но многу поважен е развојот на настаните во Сирија.

Сирија е центарот на тоа што некогаш претставувал Левант (истокот) – земјите од Источниот Медитеран. Сегашната архитектура на држави е воспоставена со Сајкс-Пикеов договор од 1916 г. со кој Франција и В. Британија ги одредиле интересните сфери и, со тоа, денешните граници. Сирија е обратен пример на Ирак. Сирија, како и Ирак, е владеена од малцински групи, што биле вешти во правењето на сојузи. Сирија е владеена од малцинските Алевити (шиити), кои ги угнетуваат домашните сунити и Курди, но истовремено ги поддржуваат палестинските сунитски исламисти и Курдите во Турција.

Режимот во Сирија се одлучува на ризичен потег да игра на поделба и да сее хаос. Сириската војска забрзано станува  Алевитска милиција, која сè уште ќе биде најјака воена формација и која се фокусира на двата клучни града Алепо и Дамаск. Сирија се распаѓа и мали се шансите дека повторно ќе се воспостави централна власт како во минатото. Иако губи големи делови од Сирија, режимот останува клучен играч на теренот.  Со тоа „ иднината на Сирија е тоа што бил Либан, а сега е Ирак“.

Расте загриженоста од радикалните сунитски повици „христијаните во Либан, а шиитите во гроб“.  Во јули 2012 г. водечки интелектуалци на христијанските групи Сириакс, Халдеон и Асиријците, со декларација бараат автономен регион за христијаните во нова федеративна Сирија. Од сите групи, најважни се Курдите, кои се концентрирани во северниот дел на Сирија. Иако Сирискиот национален совет, во јуни 2012 г., во обид за зачувување на националното единство, за свој претседател избира сириски Курд, тоа не го спречува формирањето на  Курдски врховен совет, во Ербил, главниот град на Ирачки Курдистан, во јули 2012 г. Сирискиот режим со повлекувањето од градовите населени со Курди прави контраудар на сунитските Арапи и нивниот поддржувач Турција. Курдски народни единици преземаат контрола врз неколку града на границата на Сирија со Турција.

Курдите, се голем народ што нема своја држава.  Во Турција, Ирак, Иран и Сирија живеат околу 30 милиони Курди, од кои половината се во Турција, каде сочинуваат околу 20% од населението, концентрирани во југоисточна Турција. Курдите со години се борат за своја држава и неколку востанија на Курдите биле крваво задушувани. Во судирите во Турција, со  Курдската работничка партија (ПКК)  од 1984 г. се убиени околу 45.000 луѓе. Во Ирак по многуте жртви и првата автономија од 1970, денес Ирачки Курдистан е федерална единица на Ирак.

По првата изненаденост во Турција, поради слепата турска поддршка на сириските Сунити, станува јасна големата слика во Сирија, што ги менува турските сметки во Сирија. „1,200 км граница со Курди“, се создава „мега курдска држава“, се само дел од коментарите во Турција.

Во прилог на независен Курдистан се фрагилноста на Сирија и Ирак, како и отсуството на соработка на земјите кои се засегнати од курдското прашање пред се Турција, Ирак и Иран. Најголем противник на создавањето на независен Курдистан е Турција, каде сè уште преовладуваат поддржувачите на воено решение на курдското прашање наспроти политичко решение, што би значело вклучување на  барањата на Курдите во турските уставни реформи: дефинирање на Турција како граѓанска држава, културни права и децентрализација. Турција ја има поддршката од САД, но… Независен Курдистан би контролирал клучни ресурси. Резервите на нафта во Ирачки Курдистан, се на шесто место во светот. Курдските планини се клучниот извор на вода во Блискиот и Средниот Исток. Тоа, како и лојалноста кон Западот и отсуството на религиски екстремизам може да бидат причина за промена на ставот на Западот кон независен Курдистан. За тоа би бил заинтересиран и Израел, кој би добил голема неарапска држава во регионот. Како чекор за одобролување на Турција, сирискиот Курдски национален совет, ја споменува можноста за конфедерација со Турција, што го заговараат и чинители во Турција,  од што двете страни би имале голема економска добивка.

Независен Курдистан би бил вистински геополитички потрес, многу поголем од потресите од новите држави како Косово или Јужен Судан. Дали фрагилноста на Сирија (и Ирак) ќе отвори пат за нов Блиски исток, ќе зависи од редистрибуцијата на светските и регионалните интереси. Двете земји кои пред еден век ги цртале границите, Франција и В. Британија, сега се засенети од САД, Русија и Кина. Сирија е последниот сојузник на Русија на Блискиот исток и паѓањето на режимот ќе биде голем удар на руските глобални намери. Во Сирија се прекршуваат и регионалните ривалства на шиитски Иран и сунитските Турција и С. Арабија, како и Израел. Паѓањето на режимот во Сирија, ќе биде голем удар и за Иран, кој ќе  изгуби клучен арапски сојузник, а ќе биде разбиена и антиизраелската оска Иран, (Ирак), Сирија, Хезболах (во Либан) и Хамас (во Палестина). Ерупцијата на насилство во Либан и Ирак, како судирите во Синај – Египет и експлозијата во „градот на баклавите“ – Газиантеп во Турција, кој е на  100 км од Алепо, можеби се најава на прелевањето на судирите во соседството на Сирија, како што се закани и Иран, како последна карта на режимот во Сирија.

Македонија по воспоставувањето на дипломатски односи со Сирија под уставното име во 2010 г., учествуваше на министерско ниво на втората конференција на Пријателите на Сирија, а непријатели на режимот, во Истанбул, април 2012. Македонија не е на листата на Пријатели на Сирија, што доколку е точно, е обид за балансирање помеѓу САД и Турција, од една страна и Русија и Кина од друга страна. Секако дека Македонија не е никаков фактор во Блискиот исток, но мора будно да ги следи тамошните случувања, бидејќи потресите таму, можеби ќе се почуствуваат и на Балканот.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.