21-от Ден на независноста

Во пресрет на 21-от Ден на независноста, се потсетив на минатата јубилејна година, која беше не ден, туку месец, кој не се заборава. Кога ја оценував 2011 г. за новогодишното издание на „Нова Македонија“, изјавив дека „20-годишниот јубилеј од независноста како дел од континуитетот на самоизразување на Македонија како држава даде можност за нов оптимизам“. Но во оваа пригода нема да ја коментирам националната гордост, туку состојбата на нацијата од еден друг агол, од агол на клучната состојка на секоја нација.Ако нација е „големо тело на луѓе, здружени со одредена територија, кои се доволно свесни за своето единство, да бараат или да имаат самовладеење”, свеста за единството, за заедништвото, за припадност, за кохезија, е клучната состојка на нацијата.

Долги години етничките јазови и делби беа главната пречка за постигнување на кохезијата на нацијата. Етничките Албанци главно не учествуваа во конституирањето на независна Македонија – не учествуваа во референдумот за независност и во донесувањето на првиот Устав на независна Македонија. По 2001 година и рамковниот договор и зајакнувањето на внатреетничкиот партиски натпревар, растеа и партиските јазови и делби, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ и ДПА. Овој процес на партиски делби, доколку не е екстремен, е корисен, бидејќи раслојувањето по други основи, освен етничката, е корисно за земја како Македонија, со повеќе етнички групи.

За жал од 2009 година досега, партиските делби станаа екстремни и кулминираа до степен кој може(ше) да го загрози единството на нацијата. СДСМ, како наследник на македонските комунисти и левицата воопшто, по повеќедецениски монопол на власта (и на вистината), по 2006 година за првпат се најде во ситуација на повеќе годишно владеење на ВМРО ДПМНЕ – македонската десница. Повеќегодишното владеење, во континуитет, на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен, според некои за реструктуирање на македонскиот идентитет, а според моите разбирања за реституција или декомунизација. Процесот на декомунизација во основа ги опфати денационализацијата, лустрацијата и обележување на жртвите на комунизмот, вклучувајќи и со Музејот на жртвите на комунизмот, како и преиспитување на непријателската секуларност, со одбележување повеќе верски празници и со воведување религиска етика и историја во образованието. Дополнително е барањето повеќе простор за македонската десница во заслугите за македонската борба, илустрирано со барањето простор за дејци на ВМРО како Тодор Александров и Борис Сарафов.

СДСМ во старт демонстрира неразбирлив отпор и на целосно легитимни и неоспорни процеси како денационализацијата. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ дел од процесите ги наметна без доволна јавна расправа и партиципација. Наметнувањето на ВМРО-ДПМНЕ и неселективното спротивставување од СДСМ неминовно поттикнаа спирала на партиски делби. Прво мислев дека кулминацијата на партиските делби беше насилството при протестите на Плоштадот Македонија, па потоа дека тоасе случи со неучеството на СДСМ на јубилејниот 20-ти Ден на независноста, како протест на „Скопје 2014“. СДСМ на годинашниот Илинден, со поклонувањето пред спомениците на АСНОМ, Никола Карев и Методија Андонов-Ченто, споменици дел од „Скопје 2014“, ја признаа грешката со неучеството во 20-от Ден на независноста. Но сега мислам дека дното е враќањето на тактиката на „бугарските летоци“ – СДСМ, и кога е целосно во право, не смее да си дозволи скандирање „Бугари“ за ВМРО-ДПМНЕ, како при протестите за преименување на улиците во Скопје.

Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, партиските делби ги коментира во „Крај на црно-белиот свет“, каде што завршува со „заслугата за постоењето на македонската држава не е ниту само на едните, ниту само на другите, таа е заслуга на борбата на македонскиот народ“ и дека секој што нема да го прифати концептот на единство и ќе гради политика на омраза и поделби ќе биде осуден на неуспех.Околу годинашниот Илинден, Илија Димовски во коментарот „Го славиме востанието, но не и водачот“ го постави прашањето за преиспитување на улогата на Сарафов, лидер на ВМРО за време на Илинденското востание, а подоцна напиша дека „до Јане треба да биде Сарафов“. Тоа секако е важно прашање за заслугите на македонската десница и за помирувањето. Но, за помирувањето може многу повеќе да придонесе ако македонската десница, покрај досегашните гестови за признавање на македонската левица, како со споменикот на АСНОМ, направи поголем чекор кон признавањето на заслугите на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. Како ќе ја славиме независноста на Македонија, но не и првиот претседател? Затоа до Ченто треба да биде Глигоров. Вистински чекор ќе биде ВМРО-ДПМНЕ да предложи достојни начини на одбележување на делото на Киро Глигоров, од именување на престижна институција (универзитет) до поддршка на фондацијата Киро Глигоров.

Но во расправата за македонското единство, не смееме да застанеме на единството на етничките Македонци, туку на единството на сите етнички групи. Дека етничките делби се главен предизвикувач на тензии, и за момент може да ги засенат партиските тензии, покажува развојот на настаните по Слупчане. Доволен беше еден предлог-закон – законот за бранителите, иако еднаш е донесен сличен закон во 2002 година, од меѓуетнички коалиции, партиите лути противници веднаш да се постројат на својата етничка страна. Тоа е опасен процес и политичарите мора да се вратат кон конструктивно разрешување на проблемите. А кога сакаме, тогаш знаеме и можеме. Околу најновата етничка поделба околу именувањето на училиштата во Чаир, еден пример дека можеме конструктивно да го решиме и тоа прашање. Во периодот 2006-2009 г. имаше сличен проблем во Гостивар, со преименувањето на ОУ „Братство-единство“ во „Bashkimi-Башкими“, за да по три години се постигна решение со кое се задоволни сите – „Единство – Bashkimi – Birlik“. За проблемот со именувањата на училиштата за десетина дена ќе понудам мерки за конструктивно решение.

Единството, заедништвото и кохезијата, а не поделби, ни се потребни повеќе од вообичаеното поради, во основа, некомплетираниот процес на независност. Да, некомплетиран процес на независност, бидејќи во ООН сме членка под привремена референца и само кога ќе го решиме тој проблем ќе можеме да го прославиме нашето „полнолетство“. Заедништвото ни е потребно за да истраеме во едноставното барање да нѐ викаат со нашето сопствено име – Македонија.

Честит Денот на независноста!

1 thought on “21-от Ден на независноста”

  1. Мислам дека треба да се остави време за да се направи правилна проценка за (не)делото на Киро Глигоров, пред да тргнеме во ново чествување што некој ќе го спори.
    Има време некои нови генерации од временска дистанца и не оптоварени да решат дали и на кој начин ќе му оддадат почит на Глигоров.

    Одговори

Напиши одговор на Рино Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.