Во истражувањето на МЦМС над 80 % од граѓаните од сите етнички припадности сметаат дека се оправдани законските одредби за правата на цивилните жртви. Поранешниот директор на МЦМС, смета дека тука треба да се бара решението за начинот на кој ќе треба да се ресоцијализираат припадниците на ОНА, но и да се обезбедат посебни права за бранителите.
- Сам ВМРО-ДПМНЕ, не може да придонесе до нови меѓуетнички тензии во државата. Доколку СДСМ не го поддржеше предлог-законот за бранителите, ситуацијата ќе останеше внатрекоалициски проблем – проблем меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со поддршката на СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ, а и на ДПА на ДУИ, внатрекоалицискиот проблем станува меѓуетнички проблем, вели Клековски во интервјуто за ПРЕС24.
Анализирајќи ја актуелната политичка состојба во државата, Клековски не гледа концепт во коалицијата Црвенковски-Георгиевски, освен нивна желба за негово рушење од власт.
- Чудна е ситуацијата со комити и химна на ВМРО на митинг на СДСМ. Не слушнав заеднички политики, така што можам да претпоставувам дека тоа што ги поврза е Никола Груевски и нивната заедничка желба да го соборат човекот кој се заканува да ги испрати во конечна политичка пензија, потенцира Клековски. Во интервјуто зборува и за можноста за одблокирање на евроатланските интеграции на државата.
ПРЕС24: Жртвите од конфликтот во 2001, во моментов се отворено прашање кое ги оптоварува политичките односи во државата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон за бранителите, на што исто така владејачката ДУИ, остро се спротивставува. Вие, имавте коментар во Нова Македонија, а МЦМС, вашата поранешна организација, имаше едно истражување кое мислам дека не доби поголем одек во јавноста, особено на еден одговор на едно прашање – цивилни жртви. Што подразбирате под цивилни жртви?
КЛЕКОВСКИ: „Слупчане“ отвори прашања поврзани со 2001 г., кои сѐ уште не се разрешени. Меѓу другите и прашањето на бранителите, за што беше донесен закон во 2002 г., но кој не овозможи решавање на проблемите. Поднесувањето на предлог-законот за бранители може да се перципира како проблем, но и како можност за разрешување на проблемите од 2001 г. И колку да се игнорира, премолчува и слично, ние имаме прашања кои не се разрешени како што се ресоцијализацијата (или статусот) на бранителите, на припадниците на ОНА, на цивилните жртви и на раселените лица, итн. За потсетување сѐ уште имаме раселени лица.
Расправата за законот за бранителите, треба да се употреби за аргументирана расправа и како можност за разрешување на наведените прашања. Цивилните жртви се можност за разрешување на едно отворено прашање, а исто така добра можност за градење на меѓусебна доверба. Малку е познато во јавноста дека во Македонија има Закон за цивилните жртви од 1976 г. што се однесува на цивилните жртви од Втората светска војна и ги дефинира цивилните жртви како цивили-жртви на воени дејствија, жртви на мини и неексплодирани бомби или жртви на терористички напади. Во 2001 г. имаше цивили кои настрадаа како колатерални жртви на воените дејствија, од мини и сл. Јас тука ги вбројувам и околу 18 исчезнати етнички Македонци и етнички Албанци. Цивилните жртви дури не се ни евидентирани, не се знае колку се! Целосно неодговорно е толку години да не ги евидентираме и да не им помогнеме ним и на нивните семејства.
Read more