Идиоти, неутрални, независни

Конфронтациите меѓу клучните политички актери ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по 24 декември, и практиката на политиката за која пишував во „Балкан е ова, бе“ и „Игра кој е кукавица“, продолжија во јавната сфера, за поддршка на „нашата“ и „туѓата“ (не)вистина за „мрачни сценарија“, од една страна, и „ диктатура“ од друга. ВМРО-ДПМНЕ во комуникациите ги прикажува сцените кои ја поткрепуваат сликата за „мрачни сценарија“, со многу јасен фокус на Бранко Црвенковски, претседателот на СДСМ, како главен негативец. СДСМ во својата комуникација се фокусира на оцрнување на целата власт како idioti-neutralni-nezavisni„диктаторска“, централен концепт е „отпорот“ кон „диктатурата“. И комуникациите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ страдаат од селективност, се пренесува исклучиво тоа што одговара на сопствената вистина. Но тие на СДСМ страдаат и од очигледен недостиг на јасна цел и недостиг на ресурси. Тоа се гледа во неоригиналноста – позајмувањето: на симболот на српски „Отпор“, на спотот од „Bella Ciao” од протестите во Тирана, 2011 година, на „Мила знај“-македонскиот препев на „Bella Ciao” од „Звонко и другарите“ од 2011 година. Имаше и чудни пароли како таа од протестите пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ: „Македонија над сè“. Во 1992 година за „Македонија над сè“ од левицата се добиваше националистичка етикета, а во 2012 година левицата протестира под иста парола!?

Како и во секоја ескалација на конфликт, и двете страни жестоко удираат едни на други и се обидуваа да ги придобијат „третите“ на своја страна. ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го спречи приклучувањето на „третите“ кон СДСМ со „потсетувањето“ на Бранко Црвенковски, а СДСМ настапува со барањето за „определување“. Така Бранко Црвенковски за Нова година порача дека изборот е меѓу „…да живееме понижени,…или… ќе се бориме! Трето нема! И секој кој мисли дека има трето, дека може да остане настрана од ова што ни се случува, се лаже и себе си и сопствената совест“. Паралелно од повеќе чинители следуваа изјави „за крај на толерантноста“ кон сите на кои 24 декември не им е значаен настан, или пак кои ги изедначуваат двете страни, или пак дека „неутралноста е мртва во Македонија“. Има и интересни и богати со хумор методи како тој за „сертификат за независни интелектуалци“.

Во целата јавна расправа има конфузија околу употребата на поимите неутрални, неопределени, независни. Дел од конфузијата е предизвикана од спинови, како тој во кој ТВ Сител ја извади од контекст изјавата на еден стручњак за медиуми, дека „сите политички неопределени се идиоти“, што е далеку од намерата на стручњакот за опис на Аристотеловата “човекот е политичко животно (зоон политикон)“. Но дел од конфузијата е од незнаење. На пример, неутралноста не е иста ниту со индиферентноста, ниту со објективноста. Неутралноста е незаземање страна и отсуство на суд за валидноста на аргументите. Тоа е различно од објективноста која значи избор на страна која е поткрепена со повеќе објективни аргументи. Затоа не може да говориме за неутралност, туку за неопределеност или пак за независност. Неопределеноста значи дека сè уште не донесена одлука или суд. Но и недонесувањето одлука е определеност – да не се одлучи. Како што одлучиле тие што гласале на избори, така одлучиле и тие што не гласале – одлучиле да не гласаат. И индиферентноста е одлука. Независноста има повеќеслојно значење. Од повеќето значења на независност за издвојување се желбата за слобода, неповрзаноста со други и/или отсуство на контрола од други, не барањето или непотпирањето на нешто друго или некој друг. Независни се тие кои се потпираат на сопствената моќ за расудување и кои се самостојни, само-доволни во обезбедување на своите потреби.

Независноста, не значи и неопределеност, напротив. Како аналитичар и коментатор се определувам, при што се трудам да ја зачувам својата независност и објективност. Неутрален не сум, бидејќи расудувам и имам став. Е сега што ставовите не се бинарни или црно-бели, не значи дека немам став. Покрај целата независност и објективност, имам вредности и политички ориентации кои влијаат на моето расудување. Затоа претпочитам транспарентност, па самите читатели врз основа на моите ставови и мојата личност, нека си донесат сопствен заклучок. Со „(Не)зрел за колумнист“, како што напиша во коментарот еден читател направив „целосно обелоденување“ на мојот вредносен систем и на мојата политичка ориентација и изјавив дека „со сигурност моите ставови биле, се и ќе бидат резултат на мојата глава.“ И како што ја обелоденив мојата политичка ориентација, во иднина ќе го обелоденувам мојот избор на партија или кандидат на локалните, парламентарните и претседателски избори, слично на праксата во САД. А за тие што имаат потреба да ги распоредат луѓето „кон еден од двата табори, без разлика дали тоа го сакал или не“, нека го прават тоа, нема да е првпат.

Пребројувањето, осебено на новите или социјалните медиуми, започна. Едни самите се приклучуваат, други ги етикетираат. Со изразување на став близок на едната или другата страна не се губи независноста, ако тој став е резултат на сопственото расудување. И како што порача Влатко Васиљ, влијателниот од новите медиуми во интервјуто за „Република“, да ја зачуваме умереноста. На крај и без разлика на ставовите и своите вистини, треба да бидеме луѓе, да бидеме пријатели, колеги, соседи и сограѓани и да можеме да се погледнеме во лице.

А умереноста и понатаму се убива. За чудење е опозициското нафрлање врз сè и сешто. Народот „кој е во право и кога греши“, стана „шутрачки“, израз на „простаклук“ и „проста маса“ која живее „како говно“, „смртно уплашени од еден режим кој не убива, нема концентрациони логори, нема голи и други отоци, а максимумот на репресивноста се состои во шансите да ве избркаат од работа“. Паушалноста на етикетите се множи, и влегуваат во контрадикторност на самите себе. Не може истовремено да се величи и повикува на храброста и мудроста во Илинден и НОБ, да се повикува на 370.000 граѓани, кои гласале за опозицијата и истите граѓани да се прогласуваат за „проста маса“.

Ако ништо друго, комуникациски е контрапродуктивно. Контрапродуктивно е за опозицијата прогласувањето на „колаборационисти“ на луѓе што тоа не се, а и имаат пошироко јавно влијание. Тие луѓе наместо да се придобиваат се туркаат „кон другиот табор“. Граѓаните кои треба да гласаат за опозицијата се „шутраци“ и „простаци“. Никаде не сум видел, слушнал или прочитал за политичка кампања со навредување на потенцијалните гласачи. Време е наместо лоцирање на проблемите во „колаборационисти“ и „простата маса“, кое очигледно не дава резултати, СДСМ да ги преиспита своите политички цели, пристапот кон идентитетот и демократијата како централен дел од досегашниот настап, и секако лидерството на партијата која треба да ги оствари тие цели. Промените во Македонија може да дојдат со промени во СДСМ. Инаку со ваква опозиција, ќе имаме ваква власт.

twitter@sklek  хаштаг: #независни

1 thought on “Идиоти, неутрални, независни”

  1. Почитуван Клековски,
    Убаво одбрана тема. Спомнуваш опозиција.Постои ли таа? Како авион без мотор се. Неможам да поверувам дека тие не можат да ги видат очиглените работи што ние обичните смртници ги гледаме. А кажуваат дека прават анализи, студии … а тоа што им е пред очи не го гледаат. Почнав да се прашувам: па можеби и не сакаат да го видат? Можеби вака им е подобро? Кој да ги знае? Ми делуваат како оној просјакот кој ти бара пари за лепче ама притоа те псуе.

    Одговори

Напиши одговор на перо чиракот Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.