(Не)зрел за коментатор?

Во април оваа година од „Нова Македонија“ ме прашаа за пишување коментари, што се совпадна со моите размислувања за започнување на блог. Се согласив, бидејќи сакам да анализирам, имам малку повеќе време откако не сум во раководството на МЦМС и поради тоа што исклучително ја ценам и институцијата „Нова Македонија“, како и нејзиното раководство и новинари. И така започна мојот блог Меѓутоа и објавена е мојат прв коментар во април 2012 г.

Овој 11. пат, коментарот се преместува во четврток, кога досега пишуваше Ана Мартиновска, која во периодот што следи се посветува на проширувањето на семејството, и ми ја остави одговорноста за пишување за промоција на родовата еднаквост и недискриминација за сите. Ќе ги следам тие вредности, бидејќи ги споделувам. И благодарам на Ана Мартиновска за одличните коментари и ѝ посакувам многу љубов и здравје во семејниот живот. Ана Мартиновска се извини дека во својата засега последниот коментар ќе си дозволи поинтимен тон. Јас ќе си го дозволам тоа на почетокот.

Темите за кои пишувам се општествено политички теми, но повремено ќе бидат и институциско-организациски теми и за себеразвој. Тоа се заснова на моето уверување за интегрираност на личниот, организацискиот и општествениот развој, односно дека човекот ги создава организациите и општеството според својот лик и своите вредности и начела. Вредностите и начелата се основата на секоја личност, организација или општество. Затоа моите коментари се насочени кон односот на одреден проблем и решенијата, препораки за тој проблем, засновани на вредности. Покрај наведените теми ќе пишувам и за самите вредности, како и за животот.

Во интернет-изданието на мојот коментар одредени податоци се поврзани-линкувани со изворите, а за илустрација употребувам фотографии или графици.

Како што забележаа некои читатели, во коментарите често употребувам прашални форми. Целта на тоа не е да шпекулирам, туку напротив, мој внатрешен порив да поттикнам аргументација и контрааргументација, размена, разбирање, да поттикнам дијалог. Да поттикнам што повеќе други луѓе да се вклучат во дијалогот, бидејќи јас сум свесен за недостатоците на моите знаења, и секако, за мојата субјективност – за моите вредности, начела и уверувања кои влијаат на моето осознавање на проблемите. Мојот клучен предизвик е да допуштам дека покрај мојата „вистина“ постојат и други „вистини“. Затао сакам дијалог за меѓусебно разбирање. Ваквиот, рационален стил на пишување, понекогаш е можеби премногу академски и недоволно личен. Понекогаш тешко балансирам меѓу личниот порив да вклучам многу собрани податоци и потребата од јасност. Ќе ми биде предизвик коментарите да бидат попривлечни – атрактивни и лесни за читање, разбирливи и во говорен јазик, да бидат едноставни.

Толку за коментарите, малку за мене. Прво за појаснување, јас не сум новинар на „Нова Македонија“, ниту новинар воопшто, така што пишувањето за весник е нов предизвик за мене. Јас сум по образование доктор по медицина, со континуирано образование за менаџмент и за јавни политики. Не практицирав ниту еден ден, но студиите по медицина не ги сметам за изгубено време – научив многу работи применливи и во други подрачја на работа. Моето дваесетгодишно искуство е во МЦМС и граѓанскиот сектор, во Македонија, на Балканот и други земји. Странското искуство ми помогна да увидам колку е јака мојата сознајна пристрасност.

Моите вредности и начела се изградени и формирани од моите родители и семејството, низ образованието и работното и животно искуство. Моите вредности се: толеранција и заемна почит; вклученост; отвореност; еднакви можности за сите луѓе, претприемништво, соработка и партнерства, одржливост… Активни граѓани или претприемништвото – преземање лична иницијатива и ризик за успехот – деловен или на заедницата и општеството, е клучна состојка за пазарно и граѓанско општество. Верувам во конкуренцијата, но сметам дека низ соработка може да се постигне повеќе. Овие вредности ги споделавав во моето опкружување, како и во МЦМС, организацијата во која бев „цел живот“, како што планирам да ги споделувам со пошироката публика.

Соодветно на мојот вредносен систем, мојата политичка ориентација е десен центар или либерал демократска. Се залагам за социјална пазарна економија, со балансирана одговорност меѓу државата, приватниот сектор и активните граѓани. Горд сум на родниот крај и татковината, а умерено слободоумен во однос на религијата и моралот. Не сум бил член на СКМ, бидејќи во гимназија и во ЈНА, не ме сакаа, поради непочитување на авторитети. Во плурализмот прва определба ми беше МААК, по чиј крај не сум членувал во ниту една партија, иако имав јаки симпатии за ЛДП под лидерството на Петар Гошев. Отсекогаш сум гласал десно од центарот, за ДП/ЛДП и ВМРО-ДПМНЕ, но во неколку наврати и на национално, во 2002 г., и на локално ниво имам гласано и за левицата.

Добредојдени се и посебно сум благодарен за сите коментари од читателите кои ќе помогнат во осознавање на темите. Секој јавен настап (и коментар), некому ќе му се допадне, некому не! И свесен за тоа ги прифаќам и двете страни. Добредојдени се коментари кои одобруваат, како и коментарите кои укажуваат дека сум недоследен аналитичар, со сомнителна генеза, дека не размислувам со своја глава, дека сум медиокритет на кого Сорос му ги пишува текстовите, дека сум потклекнал и пишувам нарачан текст од ВМРО итн. И ваквите коментари ми помагаат да согледам, колку сум (не)зрел за коментатор, каде може да се подобрам и како да се усовршувам. Јас признавам дека може да се случи да бидам субјективен и пристрасен, дека моите ставови може да личат на ставови на една од многубројните политички партии, но со сигурност моите коментари биле, се и ќе бидат резултат на мојата глава.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.