Ветено, неостварено! Во изборен стил ветив дека овој четврток ќе следи продолжение на претходниот коментар „Окупирај ја политиката (1)“, но нема да го остварам и ќе мора да го одложам, а овој да го посветам на бојкотот на локалните избори.
Во играта кој е кукавица, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаа уште еден круг на ескалација на политичката криза која на 16 февруари резултираше со одлука на СДСМ за бојкот на локалните избори на 24 март. Очекуван исход, бидејќи од октомври 2012 година на раководството на СДСМ му преостана само еден излез, да го одврати вниманието од локалните избори и да ја побара својата последна шанса – игра на сè или ништо, во едно „катаклизма-сценарио“ и повторување на „15 септември“.
Јасно се демонстрира стремење кон победник-губитник решение и отсуство на основно разбирање на (политичкиот) дијалог. Тоа се огледаше во целиот политички процес. Се огледаше во селективноста на приемот на пораките од меѓународната заедница, та така на некого му се слушаше само дека бојкотот не е решение, а на некого дека изменување на деловник без опозиција не е начин. Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во „Бојкотот е бојкот врз Македонија“ има одлични заклучоци дека: „…никогаш повеќе Македонија не смее да се занимава и да зборува за …пресметки, закани до внуци и правнуци. Македонија треба да зборува и да се натпреварува со реформи, проекти, позитивни мерки за вработување и успеси.“. Но тие не се применливи само на неразбирливите закани на СДСМ. Зошто ВМРО-ДПМНЕ и при сите реформи и проекти, врши понатамошна поларизација со негативната кампања за „гркот Бранко“?
За жал, веројатно политичкиот процес ќе продолжи така и понатаму. И покрај повикот дека ако има политичка волја сè уште има време за решавање на политичката криза, СДСМ немаат одговор како би изгледало тоа решение? Од партиските изјави јасно дека е поверојатно дека СДСМ ќе се обиде да го делегитимира изборниот процес. Тоа може да се случи или со опструкции на изборниот процес, што искрено се надевам, за нивно и наше добро, дека СДСМ нема да го направат, и/или со натпревар на „негласачи против гласачи“. Така СДСМ најверојатно ќе се најде во ситуација, по втор пат во историјата, да им порача на граѓаните дека имаат избор со неостварување на своето гласачко право. По втор пат, бидејќи и во 2004 година СДСМ со паролата „Некои прашања не заслужуваат одговор“ повика на бојкот на референдумот.
Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ не спие на спиновите, на најдобриот провладин спин мајстор, кој вели дека овие избори „има најголем број на независни кандидати“. Да, има најголем број на независни кандидати, но… Легитимноста на локалните избори е делумно начната со неучество на главната опозициска партија. Но вистински удар на легитимноста може да претставува нискиот одѕив на граѓаните на изборите. Да, ќе има натпревар во општините со мнозинско население од етнички Албанци или другите етнички заедници, ќе има натпревар во повеќе рурални и помали општини, каде има повеќе јаки независни кандидати, но од поголемите општини ќе има натпревар само во Карпош, Ресен, Кавадарци и донекаде Куманово. Во отсуство на натпревар и веќе добиени избори ќе биде тешко да се мотивираат и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат. Од друга страна јасно е дека „Партијата на исклучени од СДСМ“ може да има ограничен успех во одѕивот. Секако важно е однесувањето на гласачите во поголемите општини како Куманово, Карпош, Струмица и Охрид. Дали симпатизерите на СДСМ во Куманово и Карпош, општини каде ВМРО-ДПМНЕ, доколку добро се сеќавам никогаш нема победено, ќе ги предадат изборите без натпревар? Дали пред очигледната победа на ВМРО-ДПМНЕ, многумина ќе ги „пронајдат вмровските корени“ и ќе ја прејдат на победничката страна?
На 24 март ќе се води натпревар за завршување на изборите во прв круг, посебно во Скопје, ќе се води натпревар за одѕив над „една третина“ (33,3%). Одѕивот, а потоа и најавените оставки на опозицијата (дали ќе се случат?, дали сите ќе поднесат?) ќе го одреди понатамошниот развој на политичката криза.
Само со соодветен одѕив, ќе се намали штетата за ВМРО-ДПМНЕ, дека некои одлични кандидати за градоначалници во Скопје, во Прилеп, во Штип, во Охрид, нема да имаат конкуренти од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ и со добар одѕив, мора да бидат свесни за последиците на „(впиши име) вмровски град“. Мора да станат свесни дека влегуваат во власт без опозиција или „удолница без кочници“ и дека ароганцијата, искажана и со брзото донесувањето на закони во собранието, ќе и им се тресне од глава на истиот начин како што му се случи на СДСМ во периодот 1994-1998 година.
СДСМ доколку продолжи вака не може да се надева на пресврт. Како да се поверува во нивната демократичност кога во саботата прашав истакнат кандидат за градночалник дали ќе ги бојкотираат изборите, ми одговори „ниту ме прашуваат ниту ми кажуваат“. Како да се поверува во нивната искреност кога бараа време за подготовка на советничките листи, го добија и не го прифатија. И во Кавадарци немаа време да ги подготват листите, а имаа време да го исклучат од членство Панчо Минов, двапати градоначалник и еднаш пратеник на СДСМ. Којзнае по кој пат СДСМ ја пуштаат приказната за промена на раководството. И покрај недовербата дека најавата повторно е трик, на знаците на одобрување од независните и неопределените, љути реакции од тврдокорните симпатизери „никој не бара смена на раководството“. Ако им е добро раководството, нека си го чуват. Ако во СДСМ не постои свест дека не само што е потребна смена и тоа не во стилот „И по Тито, Тито“, туку многу подлабока и посуштинска, и понатаму само ќе тонат, само нека не бидат бесни и лути на сите други.
И додека ВМРО-ДМНЕ и СДСМ се натпреваруваат кој ќе биде победник, сигурен губитник е Македонија. Отсуството на политички дијалог, ја зголемува политичката несигурност. Политичката несигурност пак ја намалува потрошувачката и негативно влијае врз економијата. Дополнително негативно влијание ќе има евентуалното повлекување на препораката за преговори за ЕУ членство. Не заради бесот на ЕУ, туку од едноставни причини. Сегашниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ, ББ+) е јасно поврзан со ЕУ-перспективите. Назадувањето во ЕУ-перспективите извесно ќе го влоши кредитниот рејтинг што негативно ќе влијае на странските инвестиции и ќе ја зголеми цената на странскиот капитал и на задолжување во странство, што ќе биде долевање на масло во постоечките економски проблеми на земјава.
А сè што треба е политичките партии да имаат слух за очекувањата на граѓаните, кои не сакаат бојкот на изборите и кои не сакаат избори без главната опозициска партија.
@sklek хаштаг: #ЛокалниИзбори2013
Почитуван,
Пороблемот во Македонија е отсаството на вистински авторитети кои би реагирале во вакви исклучително тешки времиња за државата.Што ќе се случи со Македонија ако продолжи до бескрај оваа состојба? До каде ќе стигнеме? Мудриот народ рекол : “ДВА ОСТРИ КАМЕЊА НЕ МЕЛАТ БРАШНО”. А народот-гладен. Дваесетина години јас ја гледам истава слика.Гледајќи го тоа, почнувам да го рaзбирам, еден од базните принципи во едно здружение кој гласи: ТОЛЕРАНС,ТОЛЕРАНС,ТОЛЕРАНС.
Се прашувам : Имаме ли ние Македонците доблест да ја изградиме црквата Сакр Кер ( Свето Срце ) како што французите ја изградија во знак на помирување по Париската Комуна? Имаме? Тешко
Со почит