Збогум Никола Младенов!
***
Заврши првиот дел од едни од најневообичаените избори досега, карактеризирани со контекст на разврска на политичката криза, со измената на територијалната организација на Кичево… Со политичката криза во заднината беше горлива потреба овие локални избори да бидат мирни и најефикасно спроведени. Во стручната јавност доминираа оцени за мирни избори, со висок одѕив, со одредени нерегуларности.
Црна дамка се десетината изборни места кои се непреброени два дена. Оцените не ги споделува опозицијата, која најави поднесување на неколку стотини претставки. Можеби е поважно фокусот да се стави на проблемите надвор од денот на изборите и тука се издвојуваат три проблеми. Првиот е нетранспарентноста на финансирањето на кампањите и партиите воопшто. И на овие избори големите партии имаат нереални извештаи, некаде празни, некаде со огромни диспропорции меѓу приходите и расходите. Вториот проблем е нераздвојувањето на државата, и на национално и на локално ниво, од партијата. И третиот проблем е пристрасноста на медиумите.
Резултатите на овие најневообичаени избори исто така беа доста невообичаени за многумина набљудувачи. Прво еден поглед на резултатите на локалните избори од друг агол. Најголеми губитници на овие избори се „другите“, односно партиите надвор од „големата четворка“: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Од околу 30 отсто колку што освоија другите во 2009 година, на овие избори вклучувајќи неколку етнички партии како НДП, ДПТ, СНС и СРМ, се сведоа на 14,1 отсто. Овие избори најверојатно значат крај за Нова Демократија, чии гласови се редистрибуираа во ДУИ и ДПА. Најверојатно ќе бидат крај и за НСДП, ВМРО-НП, и за ПЕИ, која беше само трета во Маврово-Ростуше. Можат да бидат крај и за ЛДП, која можеше да биде најголем добитник доколку останеше на политиката „ниту со ВМРО ниту со СДСМ“ на поранешниот лидер Јован Манасиевски. Недостигот на понуда од „другите“ може да е причина за околу 50.000 неважечки ливчиња. Токму храброста на ДОМ да за првпат настапат самостојно на локални избори им донесе околу 18.000 гласачи (1.6 отсто). Добитници се и повеќе независни листи, осебено во помалите општини населени со етнички Македонци. За истакнување е дека ќе добиеме и две или три градоначалнички, што е многу скромно, но далеку подобро од срамните ниедна градоначалничка во претходниот мандат. И една необичност, за првпат високо верско лице е избрано за градоначалник. Досегашниот муфтија Ружди Љата е избран за градоначалник на Дебар со поддршка од сите верски и етнички групи.

