Кога во мај оваа година со објавата на „Гардијан“ започна масовната шпионска афера предизвикана со откритијата на Едвард Сноуден, изведувач на Националната агенција за безбедност (НСА) на САД, личеше на веќе видено, личеше на случајот Викиликс од 2010 година кога започна објавувањето илјадници тајни документи на САД обезбедени од војникот на американската војска Челси (Бредли) Манинг. Но жестокоста на САД во потрагата по Едвард Сноуден, која заплаши и многу кавгаџиски и фалбаџиски светски лидери, кои еден по еден ги одбиваа барањата за политички азил, навестуваше дека можеби се случува нешто повеќе. Таа перцепција се засили со одлуката на Русија да му одобри привремен политички азил. Што толку важно знае Едвард Сноуден, што Русија се осмели да му брцне во око на Вашингтон?
Објавата на шокантно кршење на Четвртиот амандман на Уставот на САД, со прислушување на телефони на граѓани на САД и надгледување електронската пошта и Интернетот на милиони луѓе со програмите ПРИСМ, Икс-кејскоре и Темпора, предизвика брза одбранбена реакција дека телефоните не биле преслушувани, туку била собирана метадата (податоци за податоците) и дека со прислушувањето биле спречени напади врз САД.
Во јули следуваше нова епизода. Глен Гринвалд, новинар кој започна со објавувањето на тајните документи на Сноуден, објавил дека Бразил е меѓу земјите кои се систематски прислушувани. Тоа подоцна се разви во откритие дека е прислушувана и претседателката Дилма Русеф, што во септември доведе до откажување на нејзината посета на САД. На изјавата на претседателот Барак Обама дека „националните операции за безбедност општо имаат една цел и таа е да се осигури дека Американците се безбедни“, деновиве на германска телевизија ја демантира Глен Гринвалд. Според него, на случајот на Бразил, каде се прислушувани економски конференции, нафтени компании и министерството за енергетика, покажува дека „прислушувањето е за обезбедување на економски предности, и нема ништо со националната безбедност и дефинитивно ништо со тероризмот“. Тоа е особено интересно, земајќи и предвид дека Сноуден и не работел директно за НСА, туку за фирма-изведувач, познатата „Буз Ален Хамилтон“, консултантска компанија која нуди и „економски и бизнис-анализи“ и која има бројни скандали зад себе за врските меѓу политиката и бизнисот.


