Стана практика, секој декември, по (не)одлучувањето во Брисел, да се коментираат евроатлантската ориентација и перспективи на Македонија. Деновиве може да се прочитаат многу коментари и изјави, најдобар показател дека во Македонија имаме јавна дебата за стратешката ориентација. Според Стево Пендаровски „релевантните политички субјекти треба да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме“, а според Билјана Ванковска во „Нека се носат во…Украина“: „треба трезвена политика во која ќе почнеме сами да си ги решаваме проблемите…“ и да не трчаме по оној кој го обожаваме (ЕУ), туку да свртиме грб и чекаме да покаже интерес, додека за Ѓакуш Кабаши на земјава и претстои украинизација.
Кабаши во колумната: „По Брисел: украинизација на Македонија“, наведува дека Македонија, со зависноста од кредитите и недостигот на демократско владеење, е блиску до украинско сценарио. Според авторот показател за блискоста на таквото е барањето алтернативи во Русија („Јужен тек“), Кина и Индија. Авторот заклучува кога ќе пресушат европските кредити, руските понуди и енергенси, без вистински европска влада и силни медиуми, Македонија има многу повеќе шанси да стане Киев отколку да заличи на Загреб.
Прво да не идеализираме, зошто јас не би сакал да заличиме на Загреб, во некои аспекти. Хрватска имаше најмала поддршка за ЕУ. Со референдумите во Хрватска, пред се со можниот референдум против употреба на кирилицата, односно азбуката и јазикот кој го употребува 30% од населението, не сум сигурен дека тоа е идеалот. Дали е идеал во Македонија да се одржи референдум за неупотреба на латиницата?
Дали украинизацијата на Македонија е реален ризик или заплашување на граѓаните етнички Албанци? Според двата употребени критериуми, долг и демократија, Македонија е далеку од украинизација. Македонија има долг од околу 30 отсто од БДП, Украина од 40 отсто со тренд за 2014 година од 48 отсто. Фридом хаус ја класифицира Македонија како полуконсолидирана демократија, заедно со Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Хрватска, додека Украина е хибриден режим (меѓу авторитарен и демократски), како и тој во Албанија. И доколку постои ризик во управувањето на јавните финансии и од авторитарни трендови, Македонија не е Украина, поради како што Ванковска забележува, Македонија за разлика од Украина, има основен општествен договор.


