Оваа, 2014 година, без разлика дали ќе има предвремени парламентарни избори, може да биде запаметена како година на претседателски избори со значење. Претседателски избори со значење не поради историскиот период што нѐ очекува, бидејќи кај нас секој период е со историско значење, туку поради фактот дека успешни претседателски избори ќе имаме само со претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, што можат да обезбедат поддршка и од други партии и независните гласачи.
Во целиот период по независноста, поради етничката поделба на гласачите во Македонија, победува претседателски кандидат што добил поддршка надвор од симпатизерите на политичката партија што го предлага. За претседателските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во минатото таа поддршка ја обезбедувале ДПА и ПДП. Таа поддршка често беше поддршка на врвовите на тие политички партии, но не и нивните симпатизери, и најчесто постоеја обвинувања дека поддршката е со полнење на гласачките кутии. Тоа се промени во 2009 година, кога на тогашните претседателски избори отсуствуваше полнење кутии, но успехот на претседателските избори беше обезбеден со намалување на прагот на излезеност на гласачите на 40 отсто од претходните 50 отсто и со истовременото одвивање на локалните избори. Немаше полнење кутии, но поради намалениот праг на излезеност и истовременото одвивање на локалните избори не постоеше притисок кандидатите да бараат поддршка од други политички партии.

