Посетата на Венизелос, грчкиот министер за надворешни работи, на Скопје, иако со мали очекувања, донесе одредени сигнали за грчко-македонските односи. Да се потсетиме кои се позициите на Грција и Македонија за меѓусебните односи. Атина тврди дека го поминала својот дел од патот, дека решението за спорот е име со географска одредница за севкупна употреба, што е дел од нив понудениот меморандум за добрососедство, и дека проблем е иредентизмот и неконструктивноста на Скопје. Скопје бара почитување на Привремената спогодба, градење меѓусебна доверба преку билатерални средби и поттикнување на прекуграничната соработка, нови гранични премини и проекти, дека Грција не е заинтересирана, како и барање на решение преку преговори на ниво на премиери.
Кои се пораките од Атина, пренесени од Венизелос? Венизелос, за грчките медиуми, изјави дека премиерот Груевски го уверил дека Македонија нема територијални претензии и не изразува иредентизам, а сега е потребна „креативна позиција во однос на името“. Колку кај нас дома, во Македонија, ни звучат смешни перцепциите за територијалните закани на Македонија кон Грција, стравот од иредентизам е присутен во Грција посебно во грчка Македонија. Затоа ова е значајна порака кон дома на Венизелос и отстапување од грчката реторика дека Скопје има територијални претензии.
Понатаму Венизелос се откажа од ставот на Атина дека спорот за името не се решава поради неконструктивноста на Скопје, со неговата изјава дека чувствува дека Скопје е подготвено за дијалогот за прашањето за името, како и за унапредување на билатералните односи. Иако е познато дека Скопје предлагаше повеќе пати билатерални политички средби и иницијативи за прекугранична соработка, добро е што конечно Атина ја виде конструктивноста на Скопје.


