Балканот и Македонија повторно се во фокус на вниманието на ЕУ и НАТО, пред сè, како што пишував во „Спасибо, Путин!“, поради вознемиреноста на Западот од Путин и Русија. Балканот, и покрај ветувањата за ЕУ-интеграција, напредува бавно, поради своите слабости, но и поради зголемениот отпор за ЕУ-проширување во клучни земји на ЕУ. Во таков момент клучно е вклучувањето на Германија и лично на Ангела Меркел, канцеларката на Германија. Германија на 28 август 2014 година ќе биде домаќин на премиерите од Западен Балкан, настан кој е битен чекор во уверување на клучните чинители во регионот дека Германија и Ангела Меркел се подготвени да го поттикнат процесот на ЕУ-интеграции на Балканот, во деликатен момент на пораст на евроскептицизмот и во ЕУ изразен со отпор кон ЕУ-проширувањето и на Балканот изразен во пад на довербата на јавноста во ЕУ. По очигледната компромитација на Грција како водечка сила за ЕУ-интеграција на Балканот, многу е важно дека во Берлин постои разбирањето дека кредибилитетот на ЕУ-интеграциите во Балканот може да го поврати само земја како Германија. И таа обнова на кредибилитетот не значи дека Балканот веднаш ќе биде интегриран, туку дека постои германска гаранција за процесот.
Во рамките на балканската иницијатива на Германија, треба да се анализира и одговорот на Ангела Меркел, на прашање на прес конференцијата со српскиот премиер Александар Вучиќ, за спорот за името: „…ќе ме радува доколку наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името“ и “Тоа не зависи само од Македонија, но зависи и од Македонија“. Ангела Меркел, како голем политичар со малку зборови упати многу силна порака. Јасно го изрази германскиот интерес, како претставник на Западот, за решение за спорот за името. Исто така јасно изрази дека тоа решение зависи и од Грција и од меѓународната заедница, но зависи и од Македонија. Земајќи го во обѕир зголемениот интерес на Германија, односно меѓународната заедница за решение, треба да се фокусираме на делот што зависи од Македонија. Притоа не смее да не обесхрабри евентуалното непримање на Македонија во НАТО во септември оваа година. Германија и меѓународната заедница ќе чекаат поволен момент за решение и во Грција, што земајќи ги во предвид состојбите таму, можеби нема да се случи до септември, но можеби ќе има нов развој потоа. Во тоа светло е и изјавата на досегашниот македонски преговарач за името и нов министер за одбрана Зоран Јолевски дека за приемот на Македонија во НАТО не е неопходен НАТО-самит, бидејќи Македонија е веќе поканета, туку тоа може да се случи на некоја средба на Северноатлантскиот совет. Тоа укажува дека можноста за решение за спорот за името не се затвора во септември, туку ќе постои и одреден период потоа.
Решението за името, не зависи само од Македонија, но зависи и од Македонија. Во однос на што Македонија треба да направи може да се анализира во потесна смисла на спорот за името и во поширока смисла. Во поширока смисла клучни се добрососедството и политичкиот дијалог.
Македонија треба да направи сè да се склучи договорот за добрососедство со Бугарија до септември оваа година, а Декларацијата за добрососедство од 1999 година е добра основа за договорот. Секако, Бугарија ќе инсистира да се тестира македонската подготвеност, пред се преку заедничко одбележување на настани и личности. Првата проба, со заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј, помина успешно. Следува вистинскиот предизвик – заедничкото одбележување на Илинден. Секако дека за Бугарија тоа ќе биде клучно за склучување на договорот за добрососедство. Во неодамнешно интервју за бугарски медиум, Никола Поповски, македонскиот министер за надворешни работи, се обиде да го одбегне одговорот за заедничкото одбележување на Илинден, одговарајќи дека во принцип не е против идејата, како дел од европската култура, но дека најдобро е најнапред да се изгради меѓусебна доверба. Како одговор од дипломат, добро срочено. Но, со одлагање не се гради меѓусебна доверба. Македонија и Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија, треба да ја прифатат поканата. Да не бараме европски примери, како заедничкото одбележување на Денот Д и од победниците и од поразените. Ги имаме дома, кај нас. „Одбележувањето на Кумановската битка е порака за мир и сеќавање на цивилизацискиот пресврт на Балканот, во Европа и во светот“ порача српскиот претседател Николиќ, на одбележувањето на 100 годишнината на кумановската битка во 2012 година на кое учествуваше севкупната српска елита. На настанот учествуваа и претставници на Владата на Македонија, иако ВМРО-ДПМНЕ се обиде делумно да се огради од настанот како „српска прослава“, поради контроверзноста на битката како голема победа против отоманската империја, но истовремено вовед во српската окупација на Македонија. Зошто на 2 август 2014 година, претседателот Ѓорѓе Иванов не го покани својот бугарски колега Плевнелиев во Крушево, или не ја прифати поканата за заедничко одбележување во Бугарија? Како што заедничкото одбележување на Св. Кирил и Методиј не ги направи светите браќа повеќе или помалку Бугари или Македонци, така заедничкото одбележување на Илинден, нема да го направи востанието повеќе бугарско или македонско. Заедничкото одбележување само ќе покаже дека сме пораснале, сме созреале.
Како што и политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата треба да покаже дека сме пораснале, сме созреале, за што повеќе во следниот четврток.
excellent.bravo