Во коментарот кој претходеше на овој, поттикнат од расправата за (не)успешноста на туристичката сезона во Охрид, коментирав дека Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, и не само во тука туку и на Балканот, а од друга страна Охрид, како и Македонија, е соочен со трендот на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. Порастот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостаток на истражувања и анкети за причините за намалување на домашните, мојата претпоставка тоа е поради сегментацијата на интересот на туристи од Македонија.
Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи?
Владините субвенции за странски туристи, можат да бидат дел само од стратегија на најниска цена и привлекување на гости на пониско ниво. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување, отколку како мерка за развој. Охрид како своја предност го има културното наследство и националниот парк. Плажите на скоро 700 метри надморска височина можат да бидат дополнување на тоа што е предност на Охрид, а не основна понуда. Охрид не може да биде конкурентен на масовниот олинклузив-туризам на Турција или Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција. И градбата на станови за повремени жители не би требало да биде пристапот за развој на туризмот во Охрид поради деградација на природата и ограниченото влијание на туристичките приходи.
Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам, или пак во повремените жители, во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратешки пристапа: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапи имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.
