Левицата го спаси кралството

На 18 септември Шкотланѓаните на прашањето дали Шкотска треба да биде независна земја одговорија со „не“ – 55 отсто гласаа против независноста, додека 45 отсто гласаа за независна Шкотска. Шкотланѓаните го дадоа својот одговор, кој донесе многу олеснување во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како што официјално се нарекува Велика Британија, во ЕУ, во САД и многу други земји.

levitsata-go-spasi-kralstvotoДури Дејвид Камерон, британскиот премиер, е фатен на микрофон на  средба со Мајкл Блумберг, како коментира дека кога ѝ го соопштил на Кралицата Елизабета Втора резултатот од референдумот таа била многу задоволна, со што го прекршува протоколот дека разговорите меѓу кралицата и премиерот се приватни и не смее да се коментира содржината на тие разговори. Камерон исто така изјавува дека рејтинг-агенциите се виновни за погрешно прикажување на јавното расположение дека „за“ поддршката ја достигнува таа на „не“, но дека нема да ги тужи рејтинг-агенциите за чирот кој го добил поради тоа. Со протекување на приватни разговори и со обвинување на рејтинг-агенциите, Камерон покажува дека политичарите, колку да е разликата во префинетоста, си се политичари, сеедно дали тука, дали таму на Запад.

А толку важниот резултат за унионистите и за Обединетото Кралство, според многумина, и не е заслуга на ториевците на Камерон. И покрај тоа што се оценува дека околу 40 отсто од гласачите лабуристи гласале „за“ независноста, може да се оцени дека лабуристите, британската левица, имаат заслуга за ваквиот исход на референдумот. Алистер Дарлинг, шкотски лабурист, ја видеше кампањата „Подобро е заедно“- против независноста, а „не“ таборот го енергизираше Гордон Браун, поранешен британски премиер, британски и шкотски лабурист. Гордон Браун, можеби не влијаеше толку со својот пламен говор на завршниот митинг, кој го пренесоа сите медиуми, туку со својот план за пренос на нови моќи од британскиот на шкотскиот парламент, кој подоцна доби трипартиска поддршка од конзервативците, лабуристите и либерал демократите. Гордон Браун порасна од не толку успешен премиер, во спасител на унијата. Истовремено покажа како еден поранешен партиски лидер може конструктивно да се ангажира, иако не планира враќање на партиската сцена. Каква иронија е тоа, левицата го спасува кралството! Но сепак има и малку теснопартиски интереси бидејќи лабуристите во Шкотска добиваат по 40-50 пратеници, наспроти конзервативците кои добиваат еден или ниту еден.

Read more

Yes Scotland

Yes Scotland (Да Шкотска) или Better Together (Заедно е подобро) е дилемата што секој Шкотланѓанец ќе треба да ја реши денеска на референдумот кога ќе одговори со едноставните „да“ или „не“ на прашањето „Дали сакате Шкотска да биде независна земја?“. Прашање на кое ќе одговорат Шкотланѓаните, а ќе ја засегне Велика Британија, ЕУ и целиот свет. Неколку работи ја прават Шкотска различна од другите случаи на барање на независност.

yes-scotland-1Првата е дека Шкотска е дел од Обединетото Кралство врз основа на слободна волја, односно врз основа на политички договор меѓу Англија и Велс со Шкотска од 1706-1707 година. Тоа ја прави таа унија една од најдолгите и веројатно најуспешни политички унии. Успешни и за Шкотска бидејќи помага во трансформацијата на земјата од една од најсиромашните во просперитетна земја.

Што тогаш го разнишал овој повеќевековен сојуз? Британската империја, во чија основа е Англиско-шкотскиот сојуз, исчезна по Втората светска војна. Наметливиот протестантизам како кохезивен фактор го губи значењето со секуларизацијата на општеството. Посебна анализа бара меѓусебното влијание на две наднационални структури Обединетото Кралство и Европската Унија. Дали јакнењето на Шкотската национална партија (СНП) во Шкотска потекнува од истите причини, но со различна реакција, со јакнењето на евроскептичните Независни (УКИП) во Англија? Клучното прашање е дали наднационална структура како Европската Унија, ја слабее улогата на другите наднационални структури како Велика Британија или на федеративните структури, а ги зајакнува националните и регионалните идентитети? Дали Шкотска, Каталонија, Паданија (Северна Италија) и други, ќе сакат во Брисел да  учествуваат и влијаат виа Лондон, Мадрид или Рим, или директно?

Read more

Кој ја егеизира Македонија!?

Едно интервју на генерал Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на борците на Македонија, насловено „Да не беше АСНОМ ќе останевме движење“ од 25 јули 2014 година, што требаше да биде пригодно претпразнично интервју, предизвика дебата поради употреба на поимот „егеизација“. Сметав дека на оваа тема треба да пишувам со мала дистанца за да избегнам дневно-политички третман на темата, но и за ограда – еден од моите родители е „Егеец“.

Што вели генерал Атанасовски? Според него сега сме во една „егеизација“ на Македонија, која се случува секојдневно во различни форми, пример е преименување на улицата каде живее генералот од „29 ноември“ во „Костурски херои“, а идеологот на таа егеизација е економската дијаспора од Беломорјето.

Пригодното интервју предизвика критики од провладините чинители за делба на македонското национално ткиво и одбрани од проопозициските чинители. Една од одбраните тврди дека егеизацијата е всушност антиквизацијата што ја спроведува актуелната македонска влада и е дело на најрадикалните националистички структури.

Тезите на генералот Атанасовски, за егеизација, само зошто неговата улица 29 ноември, Денот на Републиката на СФРЈ е преименувана, се лесно соборливи. На пример, не можам да се сетам на ниту еден министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија, кој како сака. Неколкуте министри од дијаспората се тукашни, од Ташковиќ, кој е по потекло скопјанец, преку Самак, кој е прилепчанец, до најновиот министер Горан Мицковски, кој е исто така е скопјанец. Кои се тие егејци во Владата, имаат ли имиња? А од друга страна, мислам прв и еден од најжестоките критичари на антиквизацијата е Димитар Димитров, кој за прв пат пишуваше за антиквизацијата како прикриена хеленизација во 2009 година. Инаку Димитар Димитров е егеец од воденско. Но сега и тука нема да спорам за тезата за егеизација, ниту ќе пишувам за значењето на граѓаните по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија за модерна Република Македонија, туку за две слепи точки на македонската левица искажани низ расправата за егеизацијата – лицемерството и ксенофобијата.

Read more

Мојот прекрасен Охрид! [3]

Охрид е неоспорно врвната туристичка дестинација во Македонија и меѓу десетте врвни дестинации на Балканот. Двапати, претходниот месец, коментирав дека Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи? За Охрид не може да биде основна стратегија масовниот туризам или повремените жители, насоката треба да бидат два можни стратешки пристапа: лесна пристапност и  врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи, кои меѓусебно се комплементарни. Во Мојот прекрасен Охрид! (2) пишував за стратешкиот пристап на лесна пристапност, а во ова последно продолжение за врвниот туризам.

mojot-prekrasen-ohrid-2Прво мора да си одговориме што го чини Охрид најврвна дестинација? Секако тоа е езерото, но езерото не како плажа, туку како пејсаж, надополнет со Галичица и исклучителното културно наследство. Доволно е да ги прелистате клучните светски прегледи за туризам и ќе видете дека во презентацијата на Охрид нема капачи на плажа, туку го има Св. Јован Канео, Св. Наум, Св. Климент …Тогаш стратешкиот пристап за врвна туристичка понуда треба да се состои од заштита на Охрид, врвна угостителска инфраструктура и приказна, нарација.

Почетокот на било која туристичка стратегија за Охрид мора да е заштита на Охрид, заштита на езерото, заштита на културното богатство и заштита на националниот парк Галичица. За заштита на езерото значајно е постигнувањето на билатералниот договор за заштита на езерото меѓу Македонија и Албанија од 2004 година, за кој се грижи билатерален комитет и секретаријат. Секако клучен проект за заштита на езерото е рехабилитација и надградба на постоечкиот колекторски систем и негова доградба кон Св. Наум и кон Радожда и Албанија. И ова е проект кој градот ќе нема сили сам да го изведе туку ќе биде неопходна голема национална и меѓународна поддршка.

Read more