Безмилосност е тоа што го посакува Исламската држава, тоа што ќе ги одреди подалекoсежните последици од терористичките напади, и што го открива главниот мотив на терористите од Исламска држава на Ирак и Сирија (Левант) – ИСИС/ИСИЛ или само Исламска држава. ИСИС можел да заклучи дека веројатноста за моќна светска коалиција и воена интервенција на територијата на Исламската држава не е непосредна опасност. Констатацијата во коментарот од претходната седмица, по само неколку дена, со соборувањето на рускиот авион од страна на Турција, е уште повалидна. Но за соборувањето на рускиот авион, подолу.
Доколку воена интервенција не е непосредна опасност, тогаш ИСИС можат со терористичките напади да се обидат да ги постигнат своите политички цели. А нивната политичка цел е наметнување на својата идеологија, на своите вредности, како околина на судирот меѓу Западот и ИСИС. И тука не мислам да идеологија на исламот, туку на ИСИС, бидејќи мора да се постави граница меѓу исламот и исламизмот како радикална идеологија. Со терористичките напади сака да предизвика одмаздничка реакција, ИСИС сака да ја наметне безмилосноста, наспроти солидарноста на Западот. Зошто така ќе го наведе Западот да води идеолошка конфронтација со вредносен систем во кој ИСИС многу подобро се снаоѓа. Сè додека Западот опстои на сопствените вредности пред сè солидарноста, ИСИС ќе води изгубена борба. И обратно, Запад не може да добие борба со безмилосност, поле во кое ИСИС покажа дека нема граници. Како што некој рекол Запад не е само географски поим, туку симбол за одреден морал, етика и вредности кои се инспирирачки за целиот свет. Без тие вредности Западот е само една страна во војната.


