Датумот кога меѓународната заедница требаше да се изјасни дали се создадени услови за одржување на парламентарните избори на 24 април 2016 година, доживеа неколку одложувања во обид на пронаоѓање на можни решенија за ситуацијата. Претставниците на САД и ЕУ објавија дека не се постигнати сите услови за одржување на изборите, што беше очекувано, земајќи ги во предвид почетните доцнења во спроведувањето на договорот во Пржино. Во коментарот од минатата седмица напишав „ Доколку СДСМ ги поттикне своите претставници во ДИК и МВР да се забрза пречистувањето на избирачкиот список и доколку ВМРО-ДПМНЕ поддржи компромис за медиумите, изборите на 24 април 2016 година стануваат реалност. Во спротивно станува извесно нивно одлагање за 29 мај или 5 јуни 2016 година“.
И покрај извесноста на одложувањето за изборите, земјата влезе во драматична завршница на 23 февруари, последниот ден пред распуштањето на Собранието, во кој рок можеше да се постигне договор за можните решенија. Како што напишаа на социјалните медиуми „македонската политика исто како македонскиот ракомет, мора да има драма во последните моменти, во завршницата“.
Зошто одложувањето на изборите беше извесно? Одржување на избори во најбрз можен термин со кредибилен избирачки список и израмнет терен не е само најдоброто решение туку и единствено што Македонија ќе ја води кон излез од политичка криза. Кои беа другите опции? Покрај одлагањето на изборите, опција беше одржување изборите во веќе закажаниот термин на 24 април 2016 година, како и суспензија на договорот од Пржино во однос на политичката разврска. Одржување на изборите на 24 април 2016 година, со став на меѓународната заедница дека не се исполнети докрај условите, како и став на СДСМ дека да учествуваат на изборите, не беше можно, бидејќи со бојкот на СДСМ и меѓународно непризнание тие избори нема да беа излез од политичка криза туку ќе водеа во уште подлабока политичка криза, губење на препораката за членство во ЕУ и меѓународна изолација. Суспензија на договорот од Пржино во однос на политичката разврска, би значело оставка на (техничка) Влада за спроведување на зиборите, со избор на политичка влада најверојатно повторно од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Изборите би се одржале во редовниот термин во 2018 година или пак заедно со локалните избори во 2017 годима, кога согласно законот повторно би се избрала (техничка) Влада за спроведување на изборите. Тоа би значело дека СДСМ го признава легитимитетот на Владата на ВМРО-ДПННЕ и ДУИ, што би било политичко самоубиство. Непризнавањето на легитимитетот на Владата, пак неминовно води кон обновување на политичката криза, која може да се реши само со предвремени избори. За извесноста на одложувањето на изборите говори и тоа што сите пратеници од сите политички партии беа во Собранието, по крајот на нивното работно време.
За одржување на избори на 24 април 2016, од договорените мерки за израмнет терен за избори, пред се преку раздвојување на партијата од државата и балансираност на медиумите, потребен е пречистен избирачки список и постигнување на договор за медиумите. Според последните медиумски извештаи, ДИК ги има собрано базите на податоци на граѓани од околу десетина различни институции како МВР, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско осигурување, Министерството за труд и социјална политика и други. Завршена е и првата фаза на усогласување на базите на податоци, што значи дека веќе е можно вкрстувањето на податоците, што би водело кон откривање на грешки и нелогичности во избирачкиот список, кои би се провериле на терен. Колку што следам за избори на 24 април, избирачкиот список треба да биде составен до 5 март, за потоа да биде достапен на граѓаните за проверка од нивна страна. Тој рок е постиглив, ако се сака и достапни се потребните ресурси.
Оценката на делувањето на министрите и замениците од СДСМ, е возможна само ако се воспостави јасен критериум за нивната улога и место во Владата. И тука започнува збрката, што е всушност мандатот, работата на овие министри и заменици? Збрка од разлики во именувањата до разлики во разбирањата на содржината. Збрката започна со преводите на договорот од Пржино.