Деновиве, во сенка на серијата земјотреси, низ традиционалните и социјалните медиуми, се дебатира за најавата на учество на граѓански активисти на партиски листи за парламентарните избори на 11 декември 2016 година, поточна за учество на активисти на граѓански организации и на Шарената револуција на партиски листи на СДСМ. Очекувано дебатата е поделен на „за“ и „против“. Првите сметаат дека тоа е нормално продолжување на борбата против власта, вторите дека тоа е откривање на валкана игра во која партиски членови лажно се претставувале за непартиски граѓански активисти. Има и трети, кои се „за“, но имаат забелешки во однос на конкретните имиња кои се спомнуваат.
Сегашнава дебата ме потсети на многу слична дебата од пред десетина години, ми се чини во мај 2006 година, кога Звонко Шаврески, претседател на „Полио плус“, стана кандидат за пратеник. Во трибина на која учествуваа Владимир Милчин, тогашен директор на Отворено општество, Звонко Шаврески и јас, како тогашен директор на МЦМС, сите тројца се согласивме дека правото на здружување и граѓанско и партиско е непри¬косновено човеково право и слобода, оттука произлегува дека ова право не смее да се ограничува. Се согласивме дека исти така ќе постои потреба граѓанските организации да застапуваат и лобираат за своите ставови и во државата, вклучувајќи и кон политичките партии и дека е легитим¬но граѓанска организација или активисти да влијаат на агенда на политичка партија. Дали може да се говори за партиска агенда, ако тоа е истивремено и граѓанска агенда? Но исто така се согласивме дека потребно е да се разговара за судир на интереси и потребата од транспарентност на учество во раководење и во граѓанска организација и во политичка партија. Или како тогаш Милчин ја дефинираше дилемата: „…вистинското прашање гласи: Имаат ли граѓанските здруженија регулативи и процедури со коишто ќе се оневозможи нивната злоупотреба во интерес на партиските кариери или амбициите да се биде пратеник или министер?“. Прашање поставено пред десет години, на кое граѓанското општество нема одговор досега. И дали воопшто треба одговор? Или одговорот треба да го дадат граѓаните како избирачи?