Во „Окупирај ја политиката (1)“ напишав дека сме сведоци на општо губење на илузиите за традиционалната репрезентативна демократија, поради чувството дека избраните политичари не се способни да ги решат најбитните проблеми. А самата (партиска) политиката се избегнува и постојат знаци дека клубот на политичари станува сè повеќе затворен, ексклузивен и клиенталистички. Партиската „одбрана“ на политиката како ексклузивен клуб е поставена во два круга: внатрешен, партиски со висока централизација и надворешен, со поставување пречки за непартиско политичко учество. Како да ги совладаме бедемите и да ја окупираме политиката?
Анонимен автор во „Помалото политичко зло“, објавен во Окно, поставува теза за системот како туѓ, украден од политичките и бизнис-елити, а отуѓувањето на политичката од општествената сфера и комплетната деполитизација се инхерентен производ на системот. Авторот смета дека во неможност да се отфрли системот во целост како неправеден, на граѓанинот му преостанува да биде прагматичен и да избере каде има повеќе материјални и нематеријални добивки. На граѓанинот му преостанува избор на помало политичко зло, избор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, врз основа на нивните политики во економски и општествени прашања. Во отсуство на позначајни, идеолошки, разлики, според авторот, подеднакво легитимно е некој да не може / не сака да го пресмета помалото зло, и да одбива да даде легитимитет на системот. Многу добра анализа, но, за жал изборот го сведува на две крајности: отфрлање на либералната демократија или (не) избор на помало политичко зло. Да, точно во Европа, во Словенија, Бугарија, граѓаните се дигнаа против системот и бараат заминување на корумпираните политички елити, но не нудат решенија. Не е многу позади нас пропаста на претходните обиди за социјалистичка револуционерна промена на системот.
Меѓу двете крајности избор на помалото политичко зло и револуција, мора да постојат достижни меѓурешенија.
Петер Креко, смета дека одговорот на антиестаблишмент движењата треба да вклучува некои од нивните практики и препорачува на политичките партии поблиска ангажираност со гласачите, повеќе идеологија, и помалку (политички) професионализам. Кај него решенијата се во рамките на подобрување на политичките партии како централен дел на политичкиот натпревар. И Звонко Шаврески, своевремено, препорача политички (партиски) ангажман.


