Неделата на гордоста, посветена на ЛГБТИ-лица (лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, интер-секс) или родовата и сексуална разноличност, почна со правдање на организаторите дека нема воопшто да организираат парада позната како „геј прајд“. Немаше и „контра геј прајд“ закажан на фејсбук од непознати лица. А имало немил настан, кога е каменуван ЛГБТ-центарот во Старата чаршија во Скопје, за време на настан за отворање на неделата на гордоста.
Геј-парада немаше во Скопје, бидејќи организаторите процениле дека нема да има доволно учесници. Сакам да верувам дека тоа не е од страв од насилство – Боки 13 секој ден демонстрира родова и сексуална разноличност, па верувам дека е безбеден и покрај целиот говор на омраза против него. Верувам дека тоа е страв од неприфаќањето и стигматизираноста на сексуалната разноличност. Во земја што е конзервативна и каде е висока нетолеранцијата, хомосексуалците се непосакувани соседи за 78 отсто од граѓаните, најнепосакувани веднаш по лицата зависници од дрога и алкохол или тие со ХИВ-инфекција. Девет од десет граѓани на Македонија не ја оправдуваат хомосексуалност. И таквиот став не е цврсто поврзан со религиозноста, етничката или партиската припадност. На скалата од 1-целосно неоправдано до 10-целосно оправдано, оправданоста на хомосексуалноста е 2,1, а по групи таа кај етничките Македонци е 2,3; кај етничките Албанци е 1,5; кај нерелигиозните лица е 2,8; кај религиозните 2,0; а кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ е иста.



