Деновиве бевме сведоци на предлогот на туристичките работници да се продолжи летниот одмор за учениците од 31 август на 15 септември, а со тоа да се продолжи туристичката сезона. Минатото лето, поттикнат од расправата на новите медиуми за наводната неуспешност на сезоната во Охрид, во три продолженија, под насловот „Мојот прекрасен Охрид!“ (1), (2) и (3), ги изнесов моите мислења за туризмот во Охрид. Сега овој предлог ме поттикна да го посветам овој коментар на три предлози за побрз раст на туризмот. А тој ни е потребен за искористување на неискористени капацитети за раст и отворање нови работни места и поместување на Македонија од дното на глобалната светска туристичка карта – во 2011 година Македонија е на околу 140 место во економијата на патувања и туризмот.
И моите предлози за побрз раст на туризмот овој пат нема да бидат туристички. Тие се опфатени во Националната стратегија за развој на туризмот на Македонија. Опс! Стратегијата која можев да ја најдам на Интернет е за периодот 2009 – 2013 година. За 2014-2018 година не можев да пронајдам стратегиски документ. Ако Македонија нема стратегија за периодот 2014-2018 година, што не можам со сигурност да го тврдам, тоа многу би говорело за пристапот на власта кон туризмот, како и за капацитетите на Министерството за економија, надлежно за туризмот. Барајќи ја стратегијата, пронајдов еден документ со многу долг наслов „Техничка помош за ревизија и имплементација на Националната стратегија за развој на туризмот на Република Македонија 2009 – 2013 година“. Документот е изработен од француски и домашни консултанти и експерти, во 2011 година, и, според мене, претставува многу добар стратегиски водич. Тоа е една исклучително критичка ревизија на Националната стратегија, во која се тврди дека на Националната стратегија ѝ недостига визија, или пак дека клучниот сегмент, домашните туристи,воопшто не се опфатени.



