Партиите ги објавија кандидатските листи за парламентарните избори на 11 декември 2016 година, а јавноста и експертите започнаа со коментари за истите. Анализите на кандидатските листи понекогаш личат на гатање, бидејќи партиите останаа затворени за објаснување на кандидатските листи. Клучното прашање е дали кандидатските листи се најава за промени, и во државата и во партиите?
СДСМ се осмели и прв ги објави кандидатските листи, со што ѝ овозможи на ривалската ВМРО-ДПМНЕ предност да ги експлоатира слабостите на листата на СДСМ или да подготви соодветен одговор. Од прв поглед јасно е дека се клучни е ИЕ 4 и 1, но и ИЕ 5 и 2 може да влијаат на исходот.
Зоран Заев, како претседател на СДСМ ја напушти практиката за лидерско соочување во изборната единица (ИЕ) 1, и е кандидат во ИЕ 4. Тоа може да создаде впечаток за избегнување на неговиот политички ривал, Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на предизвик, и Никола Груевски ја води листата во ИЕ 4. Нормално двете страни имаат сосема спротивни толкувања за своите потези. СДСМ тврдат дека ќе победат во ИЕ 1 и затоа Груевски бега од таа изборна единица. Ако е така, прашањето е зошто Зоран Заев не е кандидат во ИЕ 1, туку тоа е Стево Пендаровски? Од друга страна Никола Груевски вели дека ќе се соочи со Зоран Заев во ИЕ 4, зошто тој одбрал таму да биде соочувањето и дека тоа е лидерско соочување за премиер на Македонија. Логичен избор за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во ИЕ 4 (како и ИЕ 3) има подобри резултати отколку во ИЕ 1, ќе се соочат двајцата лидери во ситуација кога Никола Груевски има двапати повисок рејтинг од Зоран Заев. Зоран Заев избирајќи ја ИЕ 4 и својата Струмица укажува дека се спрема за одбрана, а не за напад. ВМРО-ДПМНЕ ќе парира и на кандидатурата на Љубчо Георгиевски и ќе се обиде да спречи позначаен одлив на гласови во коалицијата „ВМРО за Македонија“.

