Минатата седмица беа објавени резултатите од истражувањето на јавното мислење „Спорот за името 2018“, кое четврти пат го прават Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија. Истражувањето е спроведено од „М-проспект“, а јас бев еден од истражувачите и автори. Неколкуте клучни наоди се дека постои висок отпор кон можен компромис за името, дека се продлабочува етничкиот јаз, а дека можноста за компромис е базирана на идентитетот како крајна црвена линија и деликатен баланс на евроатлантските интеграции, стравот од нови барања од Грција и стравот од национален раскол.
Иако помалку во споредба со 2013 година, секој втор граѓанин е против каква било промена на името, како и двајца од тројца етнички Македонци. За другите се прифатливи опции од двојна формула до ерга омнес. Притоа ерга омнес е прифатливо за еден од десет граѓани, истовремено тоа е најмалку прифатливо решение за повеќето граѓани. Значајно е дека се продлабочува јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во однос на решението. Во ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, 44,6% од етничките Македонци би избрале зачувување на името (64,9 % во 2013 г.), а 90,1% етнички Албанци би избрале евроатлантски интеграции (68 % во 2013 г.). Во ставовите за решение, тоа што е најприфатливо за етничките Македонци „никаква промена“ (59,6%) е најмалку прифатливо за етничките Албанци (40,8%), и обратно, тоа што е најприфатливо за етничките Албанци „ерга омнес“ (42,3%) е најмалку прифатливо за етничките Македонци (50,6%).


