Во почетокот на овој месец со коментарот „(Не)знаеме колку (не)знаеме“ го започнав моето коментирање на човечкиот капитал како дел од пошироката тема за митот на националните богатства на Македонија. Како што укажува насловот од минатиот коментар, ние живееме со мит за „одлични деца“, а подигнуваме онеспособени генерации. Отсега, ќе коментирам можни решенија.
Првиот чекор во секое решение е признавање на проблемот. Македонија не е земја со образовани граѓани! Нашиот образовен систем не произведува ниту бројност ниту квалитет што е потребен. Нагласувањето на проблемот не е поради пристапот „ништо не чини“, туку без признание за проблемот не можеме да пристапиме кон решение или докторски: „дури не признаеш дека си болен не можеш да бараш лек“. Е тука е првиот проблем: како да си признаеме дека сме необразовани! Дури и Владата која презема соодветни решенија, одбегнува јавна комуникација со јасна порака: луѓе, необразовани сме!
Откако ќе постигнеме јавна свест за проблемот, може да се пристапи кон решенија за образовната структура и квалитетот, кои може да бидат општи и специјални решенија. Добар дел од нив веќе се дел од Владината програма и се спроведуваат, но дел ќе повторам, нагласам или дополнам за градење на јасна слика.
Неповолната образовна структура (50% со основно или без образование), треба да се промени со задолжителното средно образование воведено во 2008 г., веројатно најзначајниот проект на оваа Влада, и со проширување на можностите за студирање. Тоа на долги патеки, до 2025 г., треба да обезбеди во возрасната група од 25-30 г. сите имаат најмалку средно училиште! Тоа треба да нè приближи кон тоа што
Словенија или Полска го имаат сега веќе постигнато. Во последните години вклучувањето во високо образование е исклучително високо. Тоа е добро за постигнување на ЕУ 2020 целта за 40% млади вклучени во високото образование. Од друга страна високите уписи на факултет може да доведе до хиперпродукција на кадри со високо образование и до недостиг од кадри за занимања за кои е потребна средна стручна спрема или до состојба кога „кога шрафцигерот вреди повеќе од индексот“. Тоа доведува и до „арчење на памет“ (brainwaste), за илустрација тоа е кога на банкарски шалтер наместо некој со средноекономско се вработува дипломиран економист. Затоа ни треба баланс меѓу вклучувањето во средно и високо образование. И ако во вклучувањето во средно и високо образование бележиме напредок, во вклучувањето во предучилишно образование, и покрај воведувањето на деветолетката, бележиме значително заостанување – во 2008 г. 90% од 4-годишните деца во ЕУ 27 биле вклучени во предучилишно (или основно) образование наспроти околу 20% во Македонија. Можеби нашиот традиционален систем на „баби-дадилки“, без навреда за огромниот придонес на нашите супербаби, создава почетен и битен хендикеп во натамошниот систем на образование. Затоа треба многу поголемо внимание кон вложувања во предучилишното образование. Патем тоа е дел од решението и за проблемот на наталитетот на кој толку инсистира Владата во последно време.

