Во „На велосипед (1)“ пишував за Критичната маса, за велосипедот како урбано транспортно средство, за велосипедизмот како нов вредносен систем заснован на самоизразување, грижа за здравјето и за животната средина, како и за придобивките од велосипедизмот. А придобивките од велосипедизмот, економски, здравствени, сообраќајни, безбедносни, еколошки, и секако, личното задоволство и слободата, се неoспорни. Затоа се неопходни политики и мерки за подобрување на условите за велосипедистите во урбаниот транспорт.
Иако кај нас стереотипот за велосипедот како урбан превоз е дека се употребува како економска нужда (сиромаштија), велосипедот како урбан превоз е на врвот во најбогатите европски земји: Холандија, Данска, Шведска, Германија. Прирачникот „Возење велосипед: патот напред за градовите во ЕУ“ од 1999 година е еден од првите напори на ЕУ да предложи едноставни, нескапи и популарни мерки за развој на велосипедот како урбан транспорт. Потоа следат Белата книга за транспортна политика (Европска комисија, 2001), Зелената книга Кон нова култура на урбаната мобилност (Европска комисија, 2007) итн.
Што прават во практика? Берлин планира да изгради над 600 км на велосипедска мрежа, вклучувајќи 20 супербрзи рути, дел кружни, дел рути за брзо поврзување на градот со предградијата. Во Копенхаген, една третина од луѓето возат велосипед на работа или на училиште. И Копенхаген гради систем на супербрзи рути, кои вклучуваат и „зелен бран“ на раскрсниците. Во Копенхаген постои и систем за бесплатно изнајмување на велосипеди. Во Амстердам предност во сообраќајот имаат пешаците и велосипедистите пред автомобилите. Ама Амстердам и Копенхаген се рамни, лесни за возење велосипед и богати да инвестираат. Но не, толку добри примери има и во места каде климатските услови се неповолни како во ладниот и снежниот Стокхолм или во врнежливиот Кембриџ, или во планинската Швајцарија. И да, не само на северот, добри примери има и на југот на Европа. Ферара, Италија, има преземено низа мерки како пешачка зона во центарот, давање предност на пешаци и велосипедисти со ограничување на брзината за автомобили и двонасочност за велосипедисти во еднонасочни улици, рутите се израмнети и обезбедени се паркинг-места за велосипеди. Ако Италија, не е доволно јужно, слични примери има и во Португалија.


