На велосипед [2]

Во „На велосипед (1)“ пишував за Критичната маса, за велосипедот како урбано транспортно средство, за велосипедизмот како нов вредносен систем заснован на самоизразување, грижа за здравјето и за животната средина, како и за придобивките од велосипедизмот. А придобивките од велосипедизмот, економски, здравствени, сообраќајни, безбедносни, еколошки, и секако, личното задоволство и слободата, се неoспорни. Затоа се неопходни политики и мерки за подобрување на условите за велосипедистите во урбаниот транспорт.

Иако кај нас стереотипот за велосипедот како урбан превоз е дека се употребува како економска нужда (сиромаштија), велосипедот како урбан превоз е на врвот во најбогатите европски земји: Холандија, Данска, Шведска, Германија. Прирачникот „Возење велосипед: патот напред за градовите во ЕУ“ од 1999 година е еден од првите напори на ЕУ да предложи едноставни, нескапи и популарни мерки за развој на велосипедот како урбан транспорт. Потоа следат Белата книга за транспортна политика (Европска комисија, 2001), Зелената книга Кон нова култура на урбаната мобилност (Европска комисија, 2007) итн.

na-velosiped-2-1Што прават во практика? Берлин планира да изгради над 600 км на велосипедска мрежа, вклучувајќи 20 супербрзи рути, дел кружни, дел рути за брзо поврзување на градот со предградијата. Во Копенхаген, една третина од луѓето возат велосипед на работа или на училиште. И Копенхаген гради систем на супербрзи рути, кои вклучуваат и „зелен бран“ на раскрсниците. Во Копенхаген постои и систем за бесплатно изнајмување на велосипеди. Во Амстердам предност во сообраќајот имаат пешаците и велосипедистите пред автомобилите. Ама Амстердам и Копенхаген се рамни, лесни за возење велосипед и богати да инвестираат. Но не, толку добри примери има и во места каде климатските услови се неповолни како во ладниот и снежниот Стокхолм или во врнежливиот Кембриџ, или во планинската Швајцарија. И да, не само на северот, добри примери има и на југот на Европа. Ферара, Италија, има преземено низа мерки како пешачка зона во центарот, давање предност на пешаци и велосипедисти со ограничување на брзината за автомобили и двонасочност за велосипедисти во еднонасочни улици, рутите се израмнети и обезбедени се паркинг-места за велосипеди. Ако Италија, не е доволно јужно, слични примери има и во Португалија.

Read more

На велосипед [1]

Пред десетина години, соочен со сопствените здравствени ризици, почнав да одвојувам време за спорт и рекреација, вклучувајќи и пешачење на Водно. Таму почнав да го согледувам порастот на рекреативниот велосипедизам. Но и велосипедизмот како урбан транспорт доживува нов пораст. Пријатно се изненадив од изградбата на паркинг за велосипеди во мојата поранешна организација – МЦМС и дека околу петтина од вработените возат велосипед за работа. Во мое време (звучи како да сум многу стар), велосипедот беше наменет за детска игра (познатиот велосипед „пони“) или за работа, главно користен од работници поради егзистенцијални причини.

Новиот пробив на велосипедизмот не го ценев толку кога пред неколку години холандската амбасада поттикна обележување на велосипедските патеки и возење велосипеди низ Скопје. Уште една холандска лудорија, си мислев. Пред неколку месеци забележав група на велосипеди на бул. Св. Климент Охридски во Скопје. Бидејќи тоа беше во периодот на протести на опозицијата, си помислив нашле иновативен начин на протести. Но набргу дознав дека тоа е „критична маса“ – група велосипедисти што се собираат и возат по улиците на градот. Целосно домашна иницијатива на неформална група на скопски велосипедисти „На точак“, чија цел е подобрување на условите за велосипедисти во урбаниот транспорт.

na-velosiped-01Критична маса е почната во 1992 година во Сан Франциско, по што се проширува во стотици градови. Во Сан Франциско почнува со 45 велосипедисти, а рекордот е забележан во Будимпешта со 80.000 велосипедисти во една критична маса. Името „критична маса“ е земено од документарецот „Враќањето на велосипедот“ – во Кина велосипедисти мора да се соберат во доволен број, „критична маса“, кога благодарение на својата бројност може да си го пробијат патот од автомобилите и да поминат на крстосниците. Во Скопје првата критична маса е организирана на 30 мај 2012 година и оттогаш се организира секоја последна среда во месецот. Средствата за промоција на акцијата се собираат со прилози на самите учесници. Досега се возени 12 критични маси. На КМ-12 низ Чаир учествувале 320 велосипедисти. Првата година возење ќе биде одбележана со 13-та критична маса идната среда, на 29 мај 2013 година.

Read more

Вината на Грција

Последниов период во известувањето за Грција, често се среќаават написи за ксенофобијата во Грција, осебено поврзани со третманот на доселениците, издигнувањето на Златна зора, кои се во спротивност со вообичаените изјави за Грција како колевка на западната цивилизација и родно место на демократијата.

Таквите спротивности колку се вина на Грција, толку се и на Европа. Грција како „најромантичниот дел“ од историјата на Европа, во основа е одраз на европското разбирање на конвенционална национална држава или држава – нација. Тоа е разбирање за луѓе со заедничко минато, култура, јазик, економија и територија и единствена самосвест. Обединувачкиот капацитет го обезбедуваат државата, религијата и култура. Конвенционалната национална држава накратко ја опишувам со „еден крал, една нација, една црква, еден јазик“.

vinata-na-grtsija-1Во Грција, воспоставувањето на држава-нација, од борбата за независност (1821-1829 г.), преку независноста (1830 г.), неколкуте територијални проширувања (од 1864 до 1947 г.) е надгледувана од големите сили. И не само што надгледувале, туку големите сили директно се мешале. Веднаш по независноста големите сили ја укинуваат првата грчка република и Грција во 1832 година станува монархија, со кралот Ото, од баварската куќа (династија) на Вителсбахови, заменет во 1862 година со Принцот Вилхелм од Данска. Така едно национално и социјално револуционерно движење на „Рум милет“, кое во 1821 година започнало во денешна Романија(!), било целосно преземено од големите сили. И сега многу грчки историчари трагаат длабоко во историја по корените на грчката сина боја на националното знаме, а тоа повеќе личи на некои нордиски знамиња. А сегашната форма на грчкото национално знаме е утврдена дури во 1978 година.

По европскиот рецепт, по „еден крал“ следувало воспоставувањето на „една нација, еден јазик, една црква“.

Read more

Атина – некогаш и сега

Пред 25 години, кон крајот на осумдесеттите во минатиот век, поминав неколку месеци во Атина. Тогаш како студент го искусував преку „направи сам“ тоа што сега туристичките агенции го нудат како „работи и патувај“ (work & travel). Атина, Грција, во тоа време беше нормален избор. Со економија во пораст, во Грција постоеше потреба од (сезонски) работници во земјоделието, градежништвото и atina-nekogash-i-segaтуризмот. А истовремено Грција беше и е врвна туристичка дестинација. Во значаен дел од времето поминато во Атина работев во младински хостел на плоштадот „Викторија“ во Атина. Идеална работа за студент. Малку работа, малку забава, во исклучителна разновидност. Атина ја запаметив по убаво: отворена, разновидна, забавна, безбедна… Се стекнав со нови умеење, вклучувајќи готвење на кари, што го научив од готвачите Цејлонци во хостелот. Покрај поминатото време таму, сопственикот на хостелот беше единствениот Грк со кој комуницирав, но можев да го набљудувам грчкото општество: од вообичаените политички расправи на пензионерите на „Омониа“, бучниот зелен пазар во близината, преполните Монистираки и Плака, марините на Ејгина… И со единствениот Грк со кој комуницирав, имавме несогласување. За што друго ако не за Македонија. Во расправата понекогаш на моја страна се приклучуваше рецепционерот, Иранец, кој студирал во Скопје и така имавме долги „грчко-македонско-персиски“ полемики.

И покрај неколкуте можности да патувам во Атина, поради службени потреби, тоа не се случи во минатите години. Слично „ембарго“ на патувања имав и за главните градови на поранешна Југославија, за што ми требаа 15 години да го надминам. По 25 години се одлучивме за краток одмор во Атина. Се колебав, дали е вистински момент, со социјалните немири таму, со насилството на Златна зора со… Но се донесе одлуката и заминавме.

Read more

Селективен а/теизам

„Што си ти? Атеиста! Прашувам што си, за кои празници не работиш? Ааа, православен христијанин!“ Тоа е една од шегите на релација теисти (верници) и атеисти, сега пред празниците, која ја отсликува состојбата на тензии во меѓусебните односи. Тие тензии беа највисоки во 2009 година, околу воведувањето на религиското образование во државните училишта и околу изградбата на црква на плоштадот, што ескалираше во насилство на плоштадот Македонија во Скопје. Оттогаш наваму како на новите, социјални медиуми, така и во традиционалните медиуми не престанува меѓусебното полемизирање.

Една тема во полемиката е кој повеќе зло нанел. Доколку едните ги наведат злосторствата на другите, селективно ги забораваат сопствените. Тие што ќе ги наведат инквизицијата, крстоносните војни, верските судири во Европа, Нигерија или некоја друга земја, ќе заборават на злосторствата на Сталин во Русија, Мао Це Тунг во Кина, Пол Пот во Камбоџа или Енвер Хоџа во Албанија. Ќе тврдат дека религијата во Македонија не била посебно прогонувана во социјализмот, истовремено тврдејќи дека сега насилно се наметнува религијата. А тепањето на плоштадот се случи, како и што и постоеше непријателски секуларизам и прогон на религијата во социјализмот. Наддавањето за кој донесува повеќе зло е бесмислено, бидејќи екстремизмот – теистички или атеистички е исто зол и опасен.

Второ поле на полемизирање се верските храмови. За тоа пишував во „Струмица напред – Скопје стој (не)доследност“. Додека имаше жестока реакција од атеистите и секуларистите за изградбата на црквата на плоштадот во Скопје, изостана таква реакција за градбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица или „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. За „(Аеро)Дромци“ се прават шеги за бројот на црквите кои се градат, а имаат четири православни и една католичка црква, на 72.000 граѓани, помалку од претходно споменатите градови. Се критикува власта за градење цркви, а во исто време се премолчува дека ктитори или дарители за црквите се луѓе поврзани со опозицијата: во Радовиш, дарителот за црквата во 2011 година беше кандидат за пратеник на опозициска партија; во Аеродром, дарителот е поранешен пратеник на СДСМ; за Св. Богородица во Скопје, дарителот е поврзан со опозицијата, а за Св. Константин и Елена најголем дарител е една банка чие име често се поврзува со СДСМ. Од друга страна, верските храмови како духовна потреба, теистите ги забораваат, ако се тоа верски храмови од друга, не од сопствената вера.

Read more