Македонија виновна за војните во бивша СФРЈ

Еве, и јас се приклучувам во борбата за учинок со бомбастични наслови. По ослободителните пресуди на Анте Готовина  и Рамуш Харадинај, осамнаа наслови како „Само Тарчуловски останува да скапува во затвор“, што ме инспирира за насловот на овој коментар. Бидејќи ако само нашиот Јохан е во затвор, мора ние да сме виновни за војните во бивша СФРЈ.

Сепак, темата поради влијанието на меѓуетничките и меѓудржавните односи, како битни за стабилноста на Балканот, бара помалку сензационализам, повеќе претпазливост. Ослободување на виновниците е „убиство на правдата“, но зар, нема да биде убиство на правдата, ако се осудат невини луѓе? Или пак во формираните предрасуди за вината има место за претпоставеност на невиноста само на нашите, но не и за другите?  На пример помина незапазено информацијата дека Меѓународен суд за воени злосторства во поранешна Југославија (МСВЗПЈ)  има осудено 89 луѓе на 1,380 години, и тоа: Срби – 67 лица со 1.125 години затвор (околу 81 процент од вкупните казни),  Хрвати – 14 лица со 183 години, Бошњаци – пет лица со 41 година, Албанци – две лица со 19 години и Македонци – едно лице со 12 години. Тука не се вклучени постапките водени пред националните судови.

Значи не е точно дека нема осудени од сите страни, а дали тоа е праведно распоредено секогаш ќе биде различно перципирано од вклучените страни (држави, нации), бидејќи сите тие имаат различни перцепции за сопствената вина во минатите војни. Повеќето држави, вклучувајќи и Македонија, поаѓајќи од претпоставеност на невиноста на своите граѓани,  даваа поддршка на обвинетите и се радуваа на нивното ослободување. Како што сега Хрватите и Косоварите се радуваат, а Србите негодуваат, можам со леснотија да предвидам обратна ситуација, ако МСВЗПЈ го ослободи Воислав Шешељ.

Read more

28 ноември

Помина 28 ноември, Денот на албанското знаме и на државноста на Албанија. Оваа година празникот уште поголем – се одбележува 100 години од основањето на Албанија. Голем јубилеј, но на прославата на големиот јубилеј како да нема добрососедска срдечност, повеќе се чувствува одредена горчина. Говорам за мене како граѓанин на Македонија и етнички Македонец. Од каде таа горчина, кога се залагам за мултикултурно општество, за почит на различните идентитети, за добрососедски односи…

Првата причина зошто не треба да имам такво чувство на горчина е поради тоа што јас за мене сакам слобода и право да бидам горд на мојата држава Македонија и моето знаме. Горд сум на огромното знаме кое го развиваат навивачите на спортските натпревари во ракомет и во кошарка, без разлика дали е тоа тука во Македонија, или во Задар, Познен, Белград… Бев горд кога илјадници луѓе со нашите знамиња ги дочекаа кошаркарите и ракометарите, или кога ја одбележавме 20-годишнината од независноста. И горд сум кога ќе прочитам дека „Македонското знаме се подигна во Торонто“ – пред Парламент на Онтарио, во пресрет на 8 септември 2012 г. Сакам Илинден слободно да се прославува со македонското знаме и во Грција и кај другите соседи.

Read more

Новиот пат на свилата

По рана вечера во украински ресторан во Бишкек, Киргистан, со првиот поголем снег и минусни температури, во топлата хотелска соба, имам одлични услови за пишување на мојот следен коментар за Централна Азија. Овој пат инспириран од името на улица, тука во Бишкек, низ која поминав. Улицата се вика Пат на свилата.

Патот на свилата сведочи за една од најславните трговски рути за трговија меѓу Далечниот Исток – Кина, Јужна Азија – Индија и Блискиот Исток, Европа и Африка. Името на Патот на свилата е модерен термин за историска трговска мрежа, а го добива поради вносната трговија со свила. Но поточно е да се говори за патиштата на свилата бидејќи не станува збор за еден пат или рута, туку за систем на континентални и поморски патишта. Патот на свилата се повеќе континентални рути, кои од Кина поминуваат преку Централна Азија доаѓаат до Сирија и Турција, од каде се раздвојуваат кон Европа и Африка, како и повеќе поморски рути.

Патот на свилата е започнат од Кина од Хан династијата во вториот век пред нашата ера. На запад Персија го воспоставува Кралскиот пат од Смирна (Измир) до денешен Ирак. Прва консолидација на Патот на свилата постигнува Александар Велики, со проширувањето на империјата на исток и со воспоставувањето на Александрија Ексхата во Фергана долината за што пишував во „Од другата страна на империјата“.

Read more

Кемализам

Звук на сирена, луѓе, некои со вистински ентузијазам, кои застануваат за едноминутен молк, државни, воени и други делегации кои полагаат цвеќе во мавзолејот и на спомениците низ сите градови во целата земја. Не, не станува за збор за 4 мај и за Тито. Сирените се огласуваат во 9.05 часот секој 10 ноември, како и оваа година, за Мустафа Кемал Ататурк. Ниту еден лидер во светот не би бил комемориран на таков начин 74 години по својата смрт. И не само во Турција, туку и на други страни. И кај нас во Македонија најмалку три училишта го носат неговото име.

Ататурк е херој на Турската војна за независност, благодарејќи на кого од пепелта на колабираната империја се основала Републиката, реформатор кој ставил крај на шеријатот и воспоставил западно-ориентиран секуларен систем и релативно модерна економија. Ататурк го запрел напредувањето на странските војски и ги повратил градовите како Измир (Смирна) и други градови. Меѓу нив и Газиантеп (Антеп), сега познат како градот на баклавите од популарната турска серија „Зет домазет“ – во која е проткаено огромното значење на татковинската војна за Турците.

За други луѓе постои и друг Ататурк – човек, демократ, хуманист, љубител на алкохол и љубовта, политичар кој сака Турција да ја направи нераздвоен дел од Европа, лидер кој не е религиозен, кој смета дека религијата е прашање на однос меѓу индивидуата и Бог. Но, и лидер кој го поттикнува преводот на Куранот на турски јазик бидејќи сакал „да се изучува религијата на турски за Турците, кои со векови го практикувале исламот без разбирање“.

Сепак предимензионираните церемонии, репродуцирани од војската, посебно по воениот удар во 1980 г., за многумина се најконтроверзните симболи на Кемализмот. Кога и да се спомене, тој потсетува на војска: портрет со строг лик на војник и воена дисциплина. Кемалистите сакаат да го заштитат кемализмот на авторитарен начин. Тие се националисти, стриктниот секуларизам е за нив највисок принцип, не постои простор за други мислења. Најголема штета нанесена на Ататурк е таа од Кемалистите.

Read more

„Беби-бум“ не се прави со ад-хок мерки!

Едно од прашањата што се отворија оваа есен беше и прашањето на демографскиот развој на Македонија или, крајно поедноставено наталитетот. Темата ја диктира ВМРО-ДПМНЕ. Демографскиот развој доминираше во говорот на премиерот Никола Груевски за 23 октомври. Најпосветен е пратеникот Влатко Ѓорчев, кој континуирано пишува и говори за демографските предизвици. Прашањето доби висок публицитет во јавноста, како и во новите медиуми. За жал дебатата се подели на две групи: за враќање на традиционалните вредности и за создавање на социоекономски услови. За жал бидејќи прашањето е прекомплексно за да има едноставни одговори.

Иако се поттурна во заден план, придобивка е што прашањето доби јасна рамка на проблем кој ја загрозува земјата во кованицата „демографска рецесија“ и дека одиме кон исчезнување. Колку ни е појасно дека имаме проблем, се зголемуваат шансите да се приоритетизираат (и буџетираат) можните решенија.

А проблемот не е само наш. Тоа е глобален проблем, јасен е трендот на опаѓање од 4,92 во 1960 на 2,45. И во светот и во Македонија има регионални диспаритети, но секаде има тренд на опаѓање. Европа и Далечниот исток со 1,81, односно 1,8 се региони со најнизок фертилитет. Во целиот Балкан состојбата е алармантна и под просекот на Европа: најнизок фертилитет има Србија (1,4), Македонија (1,41), Грција (1,44), а малку повисок Бугарија (1,49) и Албанија (1,52). Во Македонија во не толку далечната 1994 г. сме имале фертилитет од 2,1. Најнизок фертилитет имаат југозападниот и источниот регион (1.3), а највисок скопскиот регион (1,6). Според демографските проекции до 2050 година Македонија ќе има 1,7 милиони жители.

Read more

Интервју со Клековски: Закон за цивилни жртви е добра можност за градење меѓуетничка доверба

Во истражувањето на МЦМС над 80 % од граѓаните од сите етнички припадности сметаат дека се оправдани законските одредби за правата на цивилните жртви. Поранешниот директор на МЦМС, смета дека тука треба да се бара решението за начинот на кој ќе треба да се ресоцијализираат припадниците на ОНА, но и да се обезбедат посебни права за бранителите.

  • Сам ВМРО-ДПМНЕ, не може да придонесе до нови меѓуетнички тензии во државата. Доколку СДСМ не го поддржеше предлог-законот за бранителите, ситуацијата ќе останеше внатрекоалициски проблем – проблем меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со поддршката на СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ, а и на ДПА на ДУИ, внатрекоалицискиот проблем станува меѓуетнички проблем, вели Клековски во интервјуто за ПРЕС24.

Анализирајќи ја актуелната политичка состојба во државата, Клековски не гледа концепт во коалицијата Црвенковски-Георгиевски, освен нивна желба за негово рушење од власт.

  • Чудна е ситуацијата со комити и химна на ВМРО на митинг на СДСМ. Не слушнав заеднички политики, така што можам да претпоставувам дека тоа што ги поврза е Никола Груевски и нивната заедничка желба да го соборат човекот кој се заканува да ги испрати во конечна политичка пензија, потенцира Клековски. Во интервјуто зборува и за можноста за одблокирање на евроатланските интеграции на државата.

ПРЕС24: Жртвите од конфликтот во 2001, во моментов се отворено прашање кое ги оптоварува политичките односи во државата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон за бранителите, на што исто така владејачката ДУИ, остро се спротивставува. Вие, имавте коментар во Нова Македонија, а МЦМС, вашата поранешна организација, имаше едно истражување кое мислам дека не доби поголем одек во јавноста, особено на еден одговор на едно прашање – цивилни жртви. Што подразбирате под цивилни жртви?

КЛЕКОВСКИ: „Слупчане“ отвори прашања поврзани со 2001 г., кои сѐ уште не се разрешени. Меѓу другите и прашањето на бранителите, за што беше донесен закон во 2002 г., но кој не овозможи решавање на проблемите. Поднесувањето на предлог-законот за бранители може да се перципира како проблем, но и како можност за разрешување на проблемите од 2001 г. И колку да се игнорира, премолчува и слично, ние имаме прашања кои не се разрешени како што се ресоцијализацијата (или статусот) на бранителите, на припадниците на ОНА, на цивилните жртви и на раселените лица, итн. За потсетување сѐ уште имаме раселени лица.

Расправата за законот за бранителите, треба да се употреби за аргументирана расправа и како можност за разрешување на наведените прашања. Цивилните жртви се можност за разрешување на едно отворено прашање, а исто така добра можност за градење на меѓусебна доверба. Малку е познато во јавноста дека во Македонија има Закон за цивилните жртви од 1976 г. што се однесува на цивилните жртви од Втората светска војна и ги дефинира цивилните жртви како цивили-жртви на воени дејствија, жртви на мини и неексплодирани бомби или жртви на терористички напади. Во 2001 г. имаше цивили кои настрадаа како колатерални жртви на воените дејствија, од мини и сл. Јас тука ги вбројувам и околу 18 исчезнати етнички Македонци и етнички Албанци. Цивилните жртви дури не се ни евидентирани, не се знае колку се! Целосно неодговорно е толку години да не ги евидентираме и да не им помогнеме ним и на нивните семејства.

Read more

Последна шанса – игра на сè или ништо!

Не било летото работно, туку есента… Се редат настан по настан, од отворање на расправата за семејството и наталитетот, преку ЛБГТИ-инцидент, бранителите и повеќе други,  до големиот митинг на здружената опозиција. Големиот митинг го коментирав на „24 Анализа“ на 29 октомври и дел од тоа преточувам во пишан коментар. Истовремено се надоврзувам на мојот коментар „Нов бран: промена или трик“ од 30 април. Тогаш напишав дека Скопје, како главен град, е предвесник на промената на националната власт. Исто така тврдев дека ВМРО-ДПМНЕ има одредена кадровска предност, бидејќи во Скопје, по неколку градоначалнички мандати на коалициски кандидати или независни кандидати, избран е градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ – Коце Трајановски, кој е јасен кандидат и на следните избори за градоначалник. Сметав дека СДСМ треба што поскоро да промовира кандидат за градоначалник на Скопје.

И се случи, СДСМ, односно здружената опозиција, ги објави своите осум кандидати за Скопје, на големиот митинг. Навреме за да може кандидатот(те) на СДСМ во Скопје да се претстават наспроти (кандидатите за) градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Но по сè изгледа само тоа е добро направено.

Претставувањето на кандидатите во Скопје се направи на голем митинг. Бидејќи политичарите ги практикуваат митинзите за политичка мобилизација сигурно сметаат дека се добар метод. Но за мене барем за Скопје, големите митинзи се спорни, а чинат многу. Јас самиот го изгубив интересот за партиски митинзи од 1998 г., а сметам дека и кај повеќето жители на Скопје ефектите на митинзите се минимални. Последните години сите партиски митинзи во Скопје во основа се национални митинзи со големо учество на граѓани од други градови. Но митинзите ги сметам несоодветни за левичарска опозиција, посебно претставени како „најголем митинг во историјата“. За мене тоа е речник на популизам и на машко-доминатна или „мачо“ култура, за кои опозицијата ги обвинува партиите на власт.

Опозицискиот тим од осуммина има една суперѕвезда – Стевче Јакимовски, а на интернет можев да ги најдам биографиите уште на двајца кандидати Јани Макрадули и Андреј Жерновски и три реченици за Борче Стефановски. Тоа не значи дека кандидатите се лоши, туку дека се релативно непознати. Лично го познавам Диме Велковски, кандидатот за Аеродром, и сметам дека е добра личност и професионалец, но релативно непознат во јавноста. Ќе биде голем предизвик и вложување во следните пет месеци да стане видлив покрај Ивица Конески, сегашниот градоначалникот на Аеродром.

Read more

Македонска фудбалска репрезентација

Денот на народното востание, 11 октомври, ми овозможи мал одмор од пишувањето коментари. Ама паузата од две недели ми создаде и проблем, што да биде мојот фокус во овој коментар. Ова недела е означена со два меѓународни дена: 16 октомвриСветскиот ден на храната и 17 октомври – Меѓународниот ден на искоренување на сиромаштијата. Но откако, неделава, во интервју за „Актив“ одговорив дека одѕивот на граѓанското општество во борбата против сиромаштија не е толку ефективен како порано, станав свесен дека ми треба повеќе време за анализа која ќе понуди одредени решенија. Така таа тема отпадна засега. Втора можност беше да му одговорам на мојот читател Тоде кој мојот последен коментар „(Не)знаеме колку (не)знаеме!“, го оценил како одлична анализа, но дека без препораки може да се перцепира како нихилистички. Тоде, биди сигурен, можеби сум многу други работи, но нихилиста не сум, и најмалку еден следен коментар ќе биде посветен на подобрување на образованието.

Но тоа нема да биде овој коментар! Ми се случи нешто што во споменатото интервју за „Актив“ реков дека не ми се случува – дека за коментарите ми треба неколкудневни подготовки, што не ми овозможува да реагирам дневно. Но ете, ноќеска, по навивањето на фудбалскиот натпревар Македонија-Србија (1-0), си дозволив да реагирам импулсивно и планираната тема за образование да ја одложам за тема која не е моја – спортот и фудбалот.

Не è моја тема, бидејќи сум рекреативец – потпросечен во повеќето спортови, а гледам натпревари главно ако игра Македонија или македонски тим. Сепак спортот го препорачувам секому и поради психофизички баланс и поради можноста за социјализација – дружење со фудбал е подобро од гледање ТВ. Но натпреварот Македонија-Србија ме поттикна на поглед од друг агол.

Прво, да му го признам визионерството на Љубчо Георгиевски, кога на почетокот на 1990-тите, побара македонска фудбалска репрезентација. Во тоа време кога многумина навива за југословенски клубови, како што и јас навивав, покрај Вардар и за Партизан, во тоа време кога и тврдокорните националисти не се охрабруваа јавно да говорат за независна Македонија, не сум сигурен дека и јас, а богами и Љубчо Георгиевски, беше свесен за големината на идејата за македонска фудбалска репрезентација.

Идејата за македонска фудбалска репрезентација, на моменти беше кутнувана на земја и понижена. Не говорам за понижувања како поразот од Андора. Јас посебно тешко го доживеав поразот на Македонија од СР Југославија на 8 септември 1999 година. Тогаш скратената Југославија не победи со 2:4. Што нè победија дома, и тоа на нашиот Ден на независноста и не беше толку страшно – СРЈ тогаш беше прва во групата. Тоа што го доживеав понижувачки беше што дел од публиката незадоволна од нашиот национален тим почна да навива за скратената Југославија. Тогаш си реков никогаш повеќе нема да гледам македонска фудбалска репрезентација.

Ми требаа десет години да се вратам на стадион. Во 2009 г., мој пријател Американец ме покани заедно да го гледаме пријателскиот натпревар Македонија-Шпанија. Не сакајќи да одбијам пријател странец кој сака да ја гледа Македонија (и Шпанија секако), си дозволив да си го прекршам зборот и појдов на стадион. По 2009 г. „повлеков нога“ и ги следев националните тимови во ракомет во Задар и Белград и во кошарка во Познан. Исклучителни доживувања, и тоа не само кога победуваме! Десет години беа доволни да забележам одредени промени. Тоа ги изразив во изјава за Нова Македонија, во 2011 г. во новогодишниот број во „Колку нè измени 2011-та, што да направиме во 2012-та?“ говорев за новиот оптимизам и меѓу другото реков: „За мене големо симболично значење имаше доизградбата на фудбалскиот стадион во Скопје, кој со децении беше споменик на македонската неспособност да се завршат работите.“ На минатата 2011 г. секако посебна магија ѝ даде националниот кошаркашки тим, со својата борбеност до последен момент. Една интернет страна таа моја изјава ја прогласи за глупост од која „боли глава“. Но за (не)исправноста на мојот став, како и за идејата за посебна репрезентација, да оставиме одредена временска дистанца, ќе биде појасно.

Read more

Најдолгиот пат!

Минатата недела редовната посета на Штефан Филе, еврокомесарот за проширување, предизвика редица нa реакции. Се редеа написи: „Брисел повторно бара алиби за да ги одложи преговорите“, „Македонија пак ги заплетка евробирократите“, „Никој нема идеални добрососедски односи“, „Имаме ли друга опција освен евроболшевизмот“. Реакциите следуваа на спомнувањето на добрососедските односи, како, во досега познат контекст со Грција, првпат и со Бугарија. Што е тоа што толку нè погодува што за краток период му се посветија толку насловни страници и коментари? Чувството на оспорување, добрососедските односи или Бугарија, или сè заедно?

Македонија е заробена во чувството на загрозеност или општествената (социетална) безбедност: „способноста на општеството да истрае во својот есенцијален карактер во променливи услови и можни или актуелни закани“. На тоа, од различни агли, досега се навратив двапати и тоа во „Мултикултурата – проклетство или богатство“ и „За кого работи времето“.

Во Македонија истрајуваме веќе долго време. Не говорам само за нашите „предци, за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“ , ниту само за Илинденското востание или Народноослободителната војна, туку и за сегашните генерации. Македонија овие 21 година независност помина тројна транзиција: од федерална единица во независна држава; од авторитарен систем во демократија и од планско стопанство во пазарна економија. И сето тоа под постојани блокади од Грција, со чувство на непринципиелна поддршка на САД и ЕУ, до сомневање дека „Брисел сè уште не успева да се помири со фактот дека Македонија и Македонците постојат“.

Но „македонскиот народ е посилен од секоја сила и има докажан нагон за самоодржување“. Ние веќе плативме висока цена за нашето право да бидеме дел од независните нации, да бидеме дел од 193-те членки на Обединетите нации (ОН). Нашиот пат во независноста, почнува да личи на „Најдолгиот пат“. И сè до тука е така! Но не смееме да западнеме во стапицата на жртва – само нам ни е најтешко!

Read more

Бранители, ОНА и цивилните жртви

Прашањето на реинтеграцијата на учесниците и жртвите од воениот конфликт во 2001 г. уште еднаш ги разбранува македонското општество и политика. Македонија којзнае по кој пат страда поради постконфликтните пропусти направени пред десетина години. Пропусти, бидејќи постконфликтните мерки на градење на доверба треба да вклучуваат реинтеграцијата на засегнатите луѓе, што не беше направено сеопфатно. Реинтеграцијата се однесува на повеќе групи: на воените учесници и воените жртви (воени инвалиди, загинати), цивилните жртви (загинати, цивилни инвалиди, киднапирани и исчезнати лица) и бегалците и раселените лица. Во Охридскиот рамковен договор (ОРД) се предвидени мерки само за бегалците/раселените лица, иако и нивното прашање сè уште е не е целосно решено.

Реинтеграција или ресоцијализација на воените учесници е подолгорочен процес на враќање на демобилизираните лица во „цивилен статус“. Во нашиот случај, од нејасни причини, реинтеграцијата воопшто не е предвидена во ОРД, мерките за реинтеграција се запоставени после конфликтот, не се побарани средства од меѓународната заедница за таа цел… Дополнително при демобилизацијата е пропуштено да се евидентираат воените учесниците, така што не постојат точни информации за нив. Спроведени се малобројни активности за социоекономска поддршка на дел од овие лица главно со залагање на граѓански организации. Тогаш пропуштеното, тешко се надоместува сега.

Во безбедносните сили на Македонија (бранителите) учествувале околу 7.000 лица. Јавно не е познат точниот број, поради што, меѓу другото, не можат да се предвидат финансиските ефекти за обезбедените права. Безбедносните сили дадоа над 70 жртви и над 340 ранети. Чекор напред во реинтеграцијата на бранителите е направен со донесувањето на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили во јануари 2002 г. со кои се уредуваат правата во здравствената заштита, вработувањето, семејна пензија, парична помош, станбено згрижување и образование. Законот во најголема мера се однесува на воените инвалиди и на семејствата на загинатите, а другите бранители реално имаат две права: бесплатно високо образование и предност при вработување во јавни институции. Поради пропусти во законот во 2002 г. како неуредување на семејната пензија, извршени се измени и дополнувања на законот во 2003, 2004 и 2007 г. Но, дел од одредбите во овој Закон се укинати од Уставниот суд, по што од поранешните припадници од безбедносните сили е барано да ја вратат отштетата, што доведува до огромен и оправдан револт. Бранителите бараат утврдување на статусот учесник во воените дејствија во 2001 година, како и уредување на претходно укинатиот надоместок.

Read more