Во претходниот коментар, на кој сега се надоврзувам, наведов дека не се одржливи тезите за „тоталитарен систем“ туку може да се говори за полуконсолидирана демократија, слична на Хрватска, и иако Македонија има назадување од 2009-2010 година не се одржливи ни тезите за „ретро-комунистичко општество“ бидејќи оценките се подобри не од тие за 1991-1992 година, туку од тие за 2003-2005 година.
Ваквите разлики во гледиштата, општите и тие на проопозициските чинители, опозицијата не ги согледува како дел од причините за недоволно силната реакција на 24 декември, и меѓу граѓаните и меѓу политичката класа. Причините за тоа сè уште се бараат во народот или евентуално во водството на опозицијата.
Народот „греши“, тој е „шутрачки“ и „проста маса“ или во поблагата верзија „тоталитарниот модел“ најмногу одговара на македонската национална култура и тој не е наметнат од ВМРО-ДПМНЕ туку прифатен од граѓаните. Дали е така, дали граѓаните сакаат цврста рака? Во прилог на тезата на национална култура, која е овозможувачка за авторитарен систем, се историското наследство, како и социо-економската структура на Македонија. Македонија пред 1945 година била под окупација, а од 1945 до 1991 година живееше во тоталитарно општество. И под окупација и во државниот социјализам слободоумноста се казнувала и таквото историско наследство сигурно се одразило во националната култура на тогашните генерации. Дополнително земјата има исклучително неповолна образовна и социјална структура каде секој втор граѓанин е со основно образование или помалку од тоа, секој трет граѓанин е невработен, секој четврт активно бара работа и секој трет живее под прагот на сиромаштијата. Во истражување од Николина Кениг на Хофстеде модел на национална култура, во земјава постои прифаќање на висок јаз во моќта меѓу лидерите и следбениците, како и висока маскулиност (мачо-култура), со што двете карактеристики заедно одат во прилог на мачо владеење со голема моќ на лидерот. Како одраз на културните и социо-економски состојби – невработеноста и сиромаштијата како клучни општествени приоритети, во истражување на јавното мнение во 2007 година на Институт-Охрид, 21 проценти од граѓаните претпочитале добра демократија наспроти 69 проценти, кои претпочитале силна економија. Демократска влада претпочитале 39 проценти од граѓаните, наспроти 41 проценти кои сакаат лидер со „цврста рака“.