Пред десетина дена на 4-от Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Загреб имав можност да ги проследам настапите на Штефан Филе, еврокомесар за проширување, и Едуард Кукан, европратеник и поранешен дипломат од кариера. Настапија во различни денови и со различни ставови. Филе ги обнови надежите за членство на Западен Балкан во ЕУ и воспостави одреден ранг каде по Хрватска, следеа Црна Гора, Македонија и Србија, а потоа Албанија, Косово и Босна и Херцеговина (БиХ). За Македонија, Филе ја нагласи платформата парафразирана како „и преговори и решавање на спорот на името“ или „преку преговори до добрососедски односи“. Филе разбуди надеж кај мене можеби зошто го кажа тоа што сакав да го слушнам и во што сум длабоко убеден – билатералниот спор на Македонија со Грција, како и другите проблеми најдобро и најбрзо може да се разрешат низ процесот на евроатлантски интеграции, а застојот во нив само ќе го продлабочи јазот. Утредента Едуард Кукан, настапи со „повик за будење“: предлогот на Филе „не успева да полета во Брисел“ (не добива поддршка), мисли дека спорот за името нема наскоро да се реши и во блокирањето на Македонија палката од Грција ја презема Бугарија.
Во изјавата за можноста за одредување на датум за преговори, минатата сабота за вестите на една телевизија, звучев преоптимистички, па појаснив дека шансите на Македонија се околу 30-40 проценти. Мојата изјава се засноваше на анализа на ЕУ-политиките на национално, регионално и европско ниво. Македонија стана кандидат во 2005 година, со одлука на највисоко ниво-на Европскиот Совет (премиерите на земјите членки). Како компромис меѓу различните интереси Македонија тогаш доби кандидатски статус без препорака за одредување на датум за преговори, што мислам дека се случи за првпат во ЕУ-проширувањето. Кандидатскиот статус имаше за цел да ја награди Македонија за спроведувањето на рамковниот договор и да ја стабилизира земјава по турбуленциите предизвикани со тогашната територијална реорганизација. Исто така тоа требаше да биде поттик на регионот во истрајувањето на патот кон ЕУ. Истовремено ЕУ го усогласуваше и сопствениот буџет за 2007-2013 година и обично тоа е време за договарање меѓу разните интереси во ЕУ.