Почетни позиции

По релативно мирна кампања, помина првиот круг на изборите за претседател на републиката на 13 април 2014 година. Почетните оцени за изборите ги искажаа релевантните домашни и странски набљудувачи, кои ги оценија изборите како ефикасно спроведени и мирни. На критичката страна е нерамноправноста на кандидатите, во медиумското претставување и достапните ресурси. Една од најдобрите илустрации за тоа е анализата објавена од блогот Киберкотле за потрошените средства по освоен глас за изборната кампања: Иванов потрошил најмногу 92 македонски денари за еден освоен глас, Пендаровски 19 денари, Поповски 16 денари, а Халими 13 денари. За споредба, кандидатите добиваат од државата надоместок од 15 денари за освоен глас. Моја позитивна забелешка е дека негативната кампања, која доминираше во предизборниот период, до некаде се стивна за време на изборната кампања.

На изборите гласаа 48,84 отсто од избирачите, што се вклопува во трендот на намалување на одѕивот на гласачите на претседателските избори, коj на првите претседателски избори изнесувал над 70 отсто. Но овој одѕив е подобар од тој во вториот круг на претседателските избори во 2009 година, кога одѕивот изнесувала изнесува 42,63 отсто, особено бидејќи тогаш вториот круг на претседателските избори се одвиваше истовремено со вториот круг на локалните избори. И покрај тоа што во 2009 година, одѕивот во вториот круг е помал од тој во првиот круг, може да се очекува дека во вториот круг кој ќе се одржи 27 април, ќе се постигне прагот на одѕив од најмалку 40 отсто.

bez-partiski-lideri-megu-kandidatite-za-pretsedatel

Во првиот круг Иванов освои 51,67 отсто гласови, Пендаровски 37,52 отсто, Халими 4,48 отсто и Поповски 3,61 отсто. Што покажуваат овие резултати?

Read more

Спасибо, Путин!

Развојот на ситуацијата во Украина е крајно загрижувачки за Украина и Украинците. Како што пишував, Македонија и Македонците имаат најмалку пет причини за поддршка на Украина. Но како Москва и Западот се вкопуваат за продолжена пат-позиција околу анексијата на Крим и политичкото уредување на Украина, можни се промени на пристапи и политики низ целиот свет. Промени на пристапи и политики, вклучувајќи ги и НАТО и ЕУ, поради кои Македонија можеби ќе рече „Спасибо, Путин!“. И да не ве ставам во заблуда, јас не сум русофил, кој мисли дека Путин се грижи за Македонија и ќе ни го спаси името, туку мислам дека пат-позицијата во Украина може да и помогне на Македонија на индиректен начин.

spasibo-putinПоследните недели се прават многу анализи, се напишани многу коментари, како конфронтацијата на Москва и Западот во Украина ќе влијаат на светот. Многу од анализите и коментарите се со многу емоции и ќе избледеат, како што украинската криза ќе влезе во разрешница. Но од сите спомнувани последици по светските политики, вредни се за коментар заживувањето на НАТО и поттикнувањето на единството во Европа.

НАТО, кога почна да изгледа дека ја губи својата релевантност, посебно по завршувањето на мисијата во Авганистан, изгледа дека заживува. Се бара зголемено присуство на НАТО во Полска и Балтикот, се зборува за заеднички одбранбени потреби, та дури и неутралната Шведска и кон Русија секогаш внимателната Финска, отвораат дебати за поголема соработка со НАТО.

Read more

Кандидатски листи со пораки

Неделава политичките партии ги пријавија и објавија своите кандидатски листи за пратеници за предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека за учество во изборите се пријавиле 14 коалиции и партии. Што порачуваат кандидатските листи?

Прво, тоа е трендот на намалување на бројот на кандидатски листи, од 33 листи во 2006 година, 18 листи во 2008 и 2011 година, на 14 листи во 2014 година. Намалувањето на бројот на листи е резултат на изборниот систем, што ја поддржува „големата четворка“ ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Покрај НДП, на овие избори голема шанса има коалицијата ГРОМ.

kandidatski-listi-so-poraki

Второ, тоа е релативниот дисконтинуитет на кандидатските листи. И тоа не се однесува само на СДСМ, кај кој 9 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори во 2011 година. Најрадикален е примерот во СДСМ во изборната единица 5, каде што ниту еден од кандидатите од 2011 година сега не е кандидиран. Само осум од досегашните 42 пратеници на СДСМ најверојатно ќе бидат повторно избрани. Слично како во СДСМ и во ДПА скоро 9 од 10 кандидати се нови. И во ДУИ скоро 8 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори, а во  ВМРО-ДПММНЕ има поповолен спој на континуитет и новини, каде 6 од 10 кандидати за пратеници не биле кандидати на претходните избори. Листите на ВМРО-ДПМНЕ во изборните единици 4, 2 и 3 се најстабилни, и повеќето досегашни пратеници ќе ја продолжат својата работа во Собранието. Во промените треба да се забележи дека по претходните повлекувања на Стојан Андов и Љубисав Иванов – Ѕинго, на овие избори пратеничката кариера ја завршуваат и Тито Петковски и Борислав Стојменов.

Read more

Без капитен во финалето

Се случи првото поголемо изненадување во предизборието 2014 година – Зоран Заев, лидерот на СДСМ, нема да ја предводи кандидатската листа на СДСМ на предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година. Изненадувањето можеше да се види пред сè во проопозициските редови, наслови на проопозициски медиуми како контроверзна одлука, втора постава и слични, а во новите, социјални, медиуми, неверување, а објавата на кандидатската листа на СДСМ за пратеници помина без еуфорија и ентузијазмот кој што беше присутен при објавата на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата.

bez-kapiten-vo-finaletoСекако не е изненадување отсуството од листите на кандидатските листи  на пратениците кои го означија претходниот период, бидејќи подолго време се најавуваше дека на листите ќе ги нема Јани Макрадули, Горан Минчев … За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое влегува во овие избори со хомогено раководство и партија, СДСМ на овие избори треба да го консолидира раководството и партијата. Затоа за СДСМ очекувано и неминовно  е дека во  натамошната консолидација на раководството и партијата мора да дојде до промена на пратеничката група.

Изненадувањето е отсуството на раководството на СДСМ од кандидатските листи, или поточно отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. Одбраната на вака поставените кандидатски листи е дека тоа се најдобрите кандидати поддржани од членството и проверени и со повеќе анкети, дека се неутрализира негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, и дека се докажува прекинот со претходното лидерство на СДСМ.

Покрај отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, не држи констатацијата дека ова е втора постава, ниту дека е листа на анонимуси. Да не именувам некои од раководството на СДСМ, на пример од потпретседателите кои се по анонимни отколку некои од носителите на листи. На пример Ренета Тренеска Дескоска е одличен професионалец, но поаѓајќи од фактот дека носител во изборна единица 1 досега бил лидерот на СДСМ, има хендикеп дека подготовката и нејзината промоција не е започната порано. Има и други личности, особено надвор од Скопје, кои се почитувани во своите заедници. Позитивен чекор е делумната локализација на листите, но и таа делумна бидејќи не сите листи ги водат кандидати кои живеат во своите изборни единици.

Read more

Пет причини за поддршка на Украина

Јавноста со внимание го следи конфликтот во Украина, кој, како и секој конфликт, ја дели јавноста на страни кои имаат симпатии за едната или другата страна. Тие симпатии, за Евромајден или за Русија, често се засновани на општи симпатии за Западот или Истокот. Со ризик за поедноставувања, ќе наведам пет причини за поддршка на Украина, не од западни или источни перспективи, туку од македонска перспектива. Петте причини се емотивни и интереси и тоа: оспорувана, делена и владеана од туѓи земји; млада држава; 2001 година; трговија и нема територијални решенија за етнички прашања.

Оспорувана, делена и владеана од туѓи земји е опис во кој многумина тука ќе ја препознаат Македонија, но е опис кој често се употребува за Украина. Украина со својата позиција меѓу Централна Европа на запад и Русија на исток, меѓу Балтичкото море на север и Црното море на југ, е важна крстосница која ја поврзува Москва со Венеција и Дрезден, Хелсинки со Одеса. Историски, Украина е делена од посилните соседи Австро-Унгарија и Русија, Полска-Литванија и Отоманската империја. И не само што била делена и владеана, туку била и оспорувана. Словенските браќа и соседи на северо-запад и исток, Полјаците и Русите, не ја признавале посебноста на Украинците, кои биле подложувани на полонизација или русификација, која се рефлектирала на јазично и на верско поле. Украина, доминатно православна е поделена меѓу Украинската православна црква – Киевска патријаршија и Московска патријаршија, и украинските унијати. Украинската православна црква – Киевска патријаршија, заедно со Македонската православна црква е на листата на непризнаени цркви. Со словенски браќа и соседи што те оспорувале, и со непризнаена црква, како да се нема разбирање и поддршка за Украина?

Read more

Иванов – Пендаровски 3-2

Со објавувањето на кандидатите за претседател на републиката, се објави првата анкета на јавното мислење. Во првата анкета претседателските кандидати Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Илијаз Халими и Зоран Поповски, имаат доверба меѓу граѓаните што е повисока од довербата во партиите нивни формални или неформални предлагачи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ГРОМ. Подоброто мислење за претседателските кандидати, отколку за партиите-предлагачи може едноставно да е резултат на тоа што има помалку претседателски кандидати од партии, па гласачкото тело се дели на помалку делители. Но, подоброто мислење може да е и одраз на одобрување на кандидатите од страна на граѓаните, односно одраз дека партиите го направиле својот најдобар избор.

bez-partiski-lideri-megu-kandidatite-za-pretsedatel

Првичните анкети велат дека Иванов е во водство пред Пендаровски, а ги следат Халими и Поповски. Кои се факторите и чинителите кои влијаат и ќе влијаат на нивото на доверба во кандидатите? Тоа се личноста – карактерот и искуството на кандидатот, неговата програма, партиската поддршка, како и вкрстената поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи.

Во сегашниот политички контекст, интегритетот, во поширока смисла, и чесноста во потесна смисла, ќе бидат клучни критериуми низ кои граѓаните ќе ги оценуваат кандидатите. Тука кандидатите стојат добро. СДСМ по подолго време има кандидат зад кој нема афери и скандали, но Иванов е во предност, бидејќи тој ги задржал тие карактеристики и дури ја вршел претседателската функција. И не случајно, во кандидатскиот говор Иванов ја нагласи својата чесност, со која ќе ја бара поддршката од граѓаните.

Read more

Без партиски лидери меѓу кандидатите за Претседател

Исчекувањето поврзано со кандидатите за претседателските избори заврши. Кандидати за претседател се Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Илијаз Халими и Зоран Поповски. Првите коментари за кандидатите секако одат од една крајност во друга крајност. Нас секако нè карактеризираат крајности, а не умереност и одмереност. Поединечни коментари се дека ниту еден кандидат не  заслужува поддршка. Да ги тргнеме на страна ваквиот тип на коментари на кои  ништо не им е доволно добро. Политичките партии ги кандидираа најдобрите кандидати од спомнуваните кандидати. Можеби имало подобри кандидати, но според моите сознанија овие кандидати имаат најголема поддршка во јавноста. Од друга страна, овие претседателски избори ќе бидат први избори каде нема ниту еден кандидат лидер на политичка партија и, дури повеќе ниту еден кандидат не е од најтесното раководство на партиите-предлагачи. Тоа може да се толкува на два начини, првиот дека партиите сфатиле дека претседателските кандидати треба да бидат прифатливи и за независните гласачи и за симпатизерите на други политички партии, а вториот дека лидерите на партиите не ја гледаат претседателската функција како доволно моќна, доволно важна, за самите тие или нивните најблиски соработници да се кандидираат. Доколку е второто во прашање, за очекување ќе биде да претседателските избори и кампања бидат во целосна сенка на парламентарните избори и кампања.

bez-partiski-lideri-megu-kandidatite-za-pretsedatel

Read more

Брисел виа Атина и Софија

Посетата на Венизелос, грчкиот министер за надворешни работи, на Скопје, иако со мали очекувања, донесе одредени сигнали за грчко-македонските односи. Да се потсетиме кои се позициите на Грција и Македонија за меѓусебните односи. Атина тврди дека го поминала својот дел од патот, дека решението за спорот е име со географска одредница за севкупна употреба, што е дел од нив понудениот меморандум за добрососедство, и дека проблем е иредентизмот и неконструктивноста на Скопје. Скопје бара почитување на Привремената спогодба, градење меѓусебна доверба преку билатерални средби и поттикнување на прекуграничната соработка, нови гранични премини и проекти, дека Грција не е заинтересирана, како и барање на решение преку преговори на ниво на премиери.

brisel-via-atina-i-sofijaКои се пораките од Атина, пренесени од Венизелос? Венизелос, за грчките медиуми, изјави дека премиерот Груевски го уверил дека Македонија нема територијални претензии и не изразува иредентизам, а сега е потребна „креативна позиција во однос на името“. Колку кај нас дома, во Македонија, ни звучат смешни перцепциите за територијалните закани на Македонија кон Грција, стравот од иредентизам е присутен во Грција посебно во грчка Македонија. Затоа ова е значајна порака кон дома на Венизелос и отстапување од грчката реторика дека Скопје има територијални претензии.

Понатаму Венизелос се откажа од ставот на Атина дека спорот за името не се решава поради неконструктивноста на Скопје, со неговата изјава дека чувствува дека Скопје е подготвено за дијалогот за прашањето за името, како и за унапредување на билатералните односи. Иако е познато дека Скопје предлагаше повеќе пати билатерални политички средби и иницијативи за прекугранична соработка, добро е што конечно Атина ја виде конструктивноста на Скопје.

Read more

Paseo Yugoslavo

Отсекогаш посебен предизвик ми се патувања во земји многу далечни и малку присутни во медиумите како Грузија во Кавкаскиот регион, Киргистан и Казахстан во Централна Азија, Јужноафриканска Република, Боцвана… Тие земји поради малкуте информации кои ги има за нив во нашата земја нудат можност за откритија и изненадувања. Затоа со задоволство прифатив покана од универзитет во Сантијаго за учество на конференција и можност за соработка, но и за откривање на Чиле. За Чиле знаев за Салвадор Алјенде, за воениот удар на Пиноче, за исчезнатите, и за чилеанското вино. Открив дека Чиле е развиена земја, со силен дијалог и мултикултурност и нешто што најмалку го очекував – нашинци.

paseo-yugoslavo-1Дека Јужна Америка, посебно Бразил, е брзо растечка економија, знаев и претходно. Чиле има пораст од 4 до 7 отсто годишно, со исклучок на неколкуте години на глобалната криза, но веќе во 2012 г. растот е 5,5 отсто. Чиле не е само брзорастечка економија – има највисок БДП по жител во Јужна Америка и според Светска банка, од 2010 година Чиле е земја со висок приход и е развиена земја и станува членка на ОЕЦД, прва од Јужна Америка. Поедноставеното објаснување е дека бакарот во чие светско производство Чиле учествува со една третина е тајната на успехот. Има многу земји богати со природни ресурси, но без такви постигнувања, а и значењето на бакар за Чиле е во постојано намалување и сега изнесува 20 отсто од БДП и 60 отсто од извозот. Тајната на успехот се постигнатите економски слободи (седма земја во светот) со независно и ефикасно судство и мудро водење на јавните финансии. За илустрација за независно и ефикасно судство е фактот дека иако никогаш осуден Августо Пиноче, чилеанскиот диктатор од 1973-1990 година, бил предмет на неколку судски постапки и куќни притвори во периодот 2002-2006 година, што довеле до негова оставка од формалните позиции (доживотен сенатор) и непосредно пред неговата смрт во 2006 година до негова изјава за прифаќање на политичката одговорност за направеното. Тоа е еден од ретките примери домашното судство да ја наруши недопирливоста на диктатор.

Read more

Прво буре барут

Прво буре барут, иако ние тука во Македонија буре барут го употребуваме како опис на историјата на нашата земја, не е коментар за состојбите во Македонија, туку наслов на еден од поинтересните коментари, на Александар Беќиќ,  за социјалните протести во Босна и Херцеговина (БиХ).

Социјалните протести во БиХ, во медиумите се опишани не како етничка туку како социјална експлозија, бес на политичките класи надвор од етничките граници, против политичарите кои запловиле во националистички води за да се одржат на власт,  шлаканица на меѓународните институции. Повеќемина го истакнуваат Дејтонскиот мир и комплексното политичко уредување на БиХ, како извор на политичкиот и економскиот застој на БиХ. Многумина се надеваат дека протестите ќе се развијат во босанска пролет, а некои дека ќе се рашири и во регионот.

prvo-bure-barutНе е можно да се оспори социјалниот карактер на протестите во БиХ. Некој граѓанин тоа го изразил низ „моћ народу, крај банана републикама и тајкунско банкарским прћијама“. Но потребно е да се расветлат неколку работи. Протестите може да се анализираат како протести против  национализмот и тоа ќе може да се аргументира со палењето на седиштата на ХДЗ БиХ и СДА во Мостар. Но таквата анализа ќе биде неодржлива доколку се анализира и Тузла, градот каде започнаа протестите.  Во Тузла, поранешен индустриски центар, веќе подолго време протестираат работниците, предводени од синдикатите, од некогашните индустриски гиганти, а сега жртви на неуспешни приватизации и стечаи. Соодветно изворот на проблемите е во трансформацијата на социјалистичката индустрија – превработена и неконкурентна. Доколку се споредува состојбата со Македонија, најспоредлива би била со постприватизацискиот период во 1990-тите, во Велес, Штип или Скопје. Тузла сега се соочува со тоа што се соочи Велес во 1990-тите. Доколку се погледнат барањата на работниците во Тузла, тие се социјални и доколку се политички, тоа се барања за техничка влада и избори, тоа не се барања за ново политичко уредување. Во повеќето коментари за антинационалистичкиот карактер на протестите, не се спомнува фактот дека во Тузла на власт не е СДА, ниту некоја друга партија со етничка мобилизација, туку Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) под водство на Златко Лагумџија. СДП се декларира како работничка партија со социјалдемократска идеологија, настаната со трансформација на Сојузот на комунистите на БиХ. Сеад Чаушевиќ, премиерот на Тузланскиот кантон, првиот премиер кој поднесе оставка, е социјалдемократ. Затоа социјалните протести во БиХ се протест против севкупната политичка елита, не поради нивните националистички политики, туку поради неспособноста и неуспешноста на економската трансформација.

Read more