Во претходниот напис коментирав за политичките партии и граѓанските организации, односно за партиските влијанија во граѓанскиот сектор, а по повод на неодамнешното преминување на граѓански активисти во СДСМ и коментари поврзани со тој чин. Мојот одговор поаѓа од тоа дека политичките партии и граѓанските организации се сестри, кои потекнуваат од истата слобода – слободата на здружување, како и фактот дека треба да го споделуваат просторот на (јавните) политики, бидејќи и двата сектора имаат начела на влијание на политиките. Но потребата за сестринско разграничување постои и со закон е утврдено непартиското начело на граѓанските организации, односно забрането е финансирање на конкретни политички партии и влијание на јавни избори.
Историска недоверба меѓу двете страни е од почетокот на транзицијата кога СДСМ го воведе терминот граѓанско општество како противтежа на етнонацијата. Етнонационалните елити во таквото граѓанско општество видоа закана-предавство на националните интереси. Но и самите граѓански организации, во тој период, најголем дел излезени од чадорот на СКМ и Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, по инерција ги продолжија своите привилегирани односи со левицата, што само ја продлабочи недовербата со десницата. Беа потребни години да се надмине тоа недоразбирање.
Но на тоа недоразбирање се надоврза ново – граѓанските организации, наместо сестрински односи, кон политичките партии почнаа да градат сопернички и на моменти непријателски односи. Пред десетина години, при дијалог за дефиниција на граѓанскиот сектор, водечки личности од граѓанскиот сектор жестоко се противеа на вклучување на политичките партии во граѓанското општество, иако тоа е прифатено од водечки глобални организации како Цивикус. Сличен но помал отпор имаше кон вклучување на синдикатите, коморите, како и црквите и верските организации во концептот на граѓанско општество. Иако на пример, според Антонио Грамши, кој има придонес на современото разбирање на граѓанското општество, црквата е дел од граѓанското општество. Од каде беше тој отпор кон сестринските организации? Впечатокот е дека тоа се должи на привилегираниот однос што го имаа граѓанските организации кај странските донатори. Како во ретко која земја значаен дел од фокусот на странските донатори, посебно до пред десетина години, беа граѓанските организации. Странските донатори сметаа дека е доволно да се зајакне граѓанското општество, како клучна состојка на демократијата. Тој фокус значеше пристап кон многу ресурси. Тоа значеше дека граѓанскиот сектор разви позначајна структура од сите други форми на здружување: синдикати, политички партии и други, кои беа запоставени. И повеќе граѓански организации го продлабочуваа јазот кон другите, во обид да се заштитат сопствените привилегии. И да за заштити сопствената „чистота“, наспроти „валканите“ партии. И всушност првите осуди на премини од граѓански организации во политички партии, не доаѓаа од политичките партии туку од самите граѓански организации.