Минатата недела имаше скромна вест, на Алфа ТВ, дека наводно пратениците го одбиле барањето на Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) редовно да учествува на седниците на Комисијата за надзор над мерките за спроведување на следење. Без да навлегувам во точноста на конкретната вест, добив потврда дека ХКЧП се обратил до повеќе комисии на Собранието на Македонија за редовно учество во нивната работа, а добил потврден одговор од две комисии: од Комисијата за еднаквоста на мажите и жените и Националниот совет за евроинтеграции.
Иако со членот 122 од Деловникот на Собранието на Македонија е предвидена можноста да се поканат научни, стручни и јавни работници, претставници на општините и на синдикатите и здруженијата, за изразување на нивното мислење, горенаведената вест не ме изненадува. Пред неколку години на дебата во самото Собрание реков дека почесто сум учествувал во работата на собраниските комисии во социјалистичкиот период – како претставник на студентскиот сојуз во Комисијата за образование и Комисијата за труд и социјална политика, откалку во демократскиов период. Кога по победата на СДСМ во 2002 г. делегација од неколку водечки организации побаравме од тогашниот Претседател на Собранието да ги поттикне претседателите на комисиите да покануваат претставници на граѓанските организации, тој кратко одговори дека нема да го стори тоа и дека „ние победивме и ние сме власт овие четири години“.
Секогаш кога настапувам во „црни тонови“ добивам конструктивна критика од Лилјана Поповска (ДОМ), дека состојбата е подобра. И да, можеби проблемот што веднаш скокаме во слабостите без да ги споменеме и силните страни. Собранието покажа отвореност со прифаќање на повеќе иницијативи. Македонското женско лоби основано од 2000 г. обезбеди интеракција меѓу Собранието и стручните работници и граѓански активисти, што резултира со повеќе законски проекти и секако беше зародиш на сегашната Комисија за еднаквост на мажите и жените, една од најактивните во организација на јавни расправи, како неодамнешната за Националната стратегија за спречување и заштита од семејни насилство 2012-2015. Тука е и примерот на Интерпартиската парламентарна група за лицата со хендикеп основана во 2003 г. со водство на Полио плус, која е исклучителен пример за отвореност и вклучување на граѓанските организации во јавните политики. Таквите поттикнувачки акции водеа во отварањето на Канцеларијата за контакти со НВО во 2004 г. Врвот се постигна основањето на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) во кој се вклучија претставници на поширокото граѓанско општество, како ЗНМ, стопанските комори, верските заедници и граѓанските организации. Впечаток на повеќе активисти е дека Комисијата за европски прашања, НСЕИ и Комисијата за еднаквоста на мажите и жените се водечки во отвореноста, најчесто изразени низ формата на јавна расправа, како ефективен инструмента на граѓанска партиципација. Намерно не го нагласувам Отворениот ден на Собранието, бидејќи сепак тоа е еднодневен и пред се формален настан.