Само што започна летово, започнаа и летните расправии за успешноста на туристичката сезона во Охрид. Наводно туристичката сезона била пропадната, хотелите и сместувачките капацитети биле празни, и градските власти планирале мерки за спас на сезоната. Пишувам наводно, бидејќи успешноста може да се мери само доколку постојат јасни очекувања и планови (број на гости и ноќевања) и јасни извештаи, а не ми е познато да постојат јасни очекувања. Секако самото спомнување неуспешна туристичка сезона предизвика голем број на коментари, секако најголем дел засновани на ривалитетот на Охрид и Скопје. Критичките гласови беа за високи цени и неуслужливоста во Охрид. Секако, на таа тема сите сме експерти и сите имаме свои ставови, а моето лично искуство е дека Охрид не е поскап од Скопје или други споредбени туристички дестинации, а за услужливоста имам и добри и лоши лични искуства, како во повеќето дестинации каде што сум патувал. Но точно расправата за цените покажува колку спротивни очекувања имаме за туристичката стратегија на Охрид, каква стратегија сакаме, масовен, културен, врвен или каков туризам ќе се развива?
Една дигресија, ми се чини дека од исти извори на новите медиуми се критикуваат и цените во Охрид и ниските плати во странските фирми во економските зони. Истовремено тие извори не го поставуваат прашањето дали пониски туристички цени во Охрид ќе значат и пониски плати за вработените во туризмот? И додека сите знаеме колку се платени работниците во странските фирми, дали знаеме колку се платени тие во туристичкиот сектор? Дали знаеме дека просечната плата на работниците во угостителството е околу 13.000 македонски денари, и тоа за работа која вклучува работа во смени, ноќна работа и работа во викенди и за празници.
Ќе споделам мои согледувања за туристичката стратегија на Охрид, иако оваа сезона можеби главниот проблем е виша сила – силното невреме цело лето не само во Охрид и Македонија, туку и во поширокиот регион. Кога е толку лошо времето не само во туристичките места, туку и во местата главни извори на туристи, како Скопје или нашите соседи Србија и Бугарија, за очекување е дека ќе има и намален број на туристи.