Во пресрет на почетокот на политичкиот дијалог, СДСМ објави пет теми за кои бара да се разговара и тоа: формирање техничка влада, одвојување на партијата од државата, медиумите, изборното законодавство и спроведување попис. Начелно сите пет теми се поврзани со изборите и изградениот опозициски став дека единствена причина зошто ги губат изборите, е тоа што власта ги „краде“ гласовите.
Едно од клучните подрачја се медиумите. Во оценките на набљудувачите на изборите постои критичка оценка за „нерамен терен“ за изборите, формулација што вообичаено реферира на употреба на државни ресурси или одвоеноста на партијата од државата и на медиумите. Во медиумите нерамниот терен го сочинуваа две работи: политичките реклами и (не)пристрасноста во информативната програма. Во изборите 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ потроши повеќекратно повеќе од другите политички партии, што не беше случај во 2011 година кога СДСМ учествува со 1.51%, наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 1.03% во прегледот за најголеми рекламери на комерцијалните телевизии. Оваа прашање не е толку прашање за регулација на медиумите, колку што е за регулација на финансирање на политичките партии.
Непристрасноста на медиумите или независноста на медиумите е централното прашање во подрачјето на медиумите. Во извештаите на Фридом хаус, Македонија има стабилни оценки на независноста на медиумите сè до 2010 година, со влошување на оценките во 2011/12 и 2013 година. Влошувањето на оцените најмногу се поврзува со затворањето на А1 и со судската постапка против Томислав Кежаровски. Во заднината на оцените има две критички нишки: влијанието на Владата преку владиното рекламирање и големиот број на судски постапки против новинари. Или на кратко, награда за своите, казна за туѓите.








