Доколку поддршката меѓу граѓаните за демократијата како добар систем е јасна и значајна, дали проблемот е само во досегашниот демократски (не)учинок на лидерот, и во сегашниот избор на тактиката на политичка борба, или тој е подлабок?
Еден дел на проблемот е во досегашниот демократски (не)учинок на лидерот, и во сегашниот избор на тактиката на политичка борба. Како што аргументирав во претходниот коментар, во нација што не сака насилство, СДСМ ќе добиеше многу поголема поддршка од граѓаните доколку се одлучеше за институциско дејствување. И во самиот СДСМ се свесни за проблемот на досегашниот демократски (не)учинок на лидерот. Така поранешна пратеничка на СДСМ упатува повик за поддршка на опозицијата, па откако ќе се сруши „недемократскиот режим“, ќе може да дојде и до смена на водството на СДСМ. И самиот лидер на последниот протестен марш ќе изјави дека не станува збор за неговата кариера, бидејќи кариера имал, туку за демократијата. На прашањата зошто тогаш лидерот не се повлече, одговорот е дека само тој можел да го обедини СДСМ и да го победи Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Е, тука е проблемот. Бранко Црвенковски и СДСМ веќе еднаш, на „15 септември“ (2002 година), добија мандат врз основа на слична нарација за спас на Македонија. Тогаш, по нецели две години, Бранко Црвенковски се откажа од доверениот мандат. Зошто сега повторно би поверувале на таа иста нарација? Втората работа е дека тезата за опозицијата што само под водство на Бранко Црвенковски може да победи е доказ за демократски (не)учинок на лидерот, односно за (внатрепартиската) авторитарност. Основата на авторитарноста е висока концентрација на моќ, во незаменлив лидер, кој политички ги елиминира своите (внатрепартиски) ривали. Доколку не беше така, СДСМ ќе немаше проблем да има ново лидерство.
Но сепак проблемот е подлабок од само авторитарноста на лидерот. СДСМ се развиваше не како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиентелистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии. Тој систем е заснован на принципот „земи таму, дади ваму“ или „систем на размена каде гласачите во замена на политичка поддршка се здобиваат со добивки од јавниот процес на одлучување“. Покрај „земи-дај“ односот меѓу патронот и клиентот, постои и асиметрична моќ меѓу нив, што создава услови за (внатрепартиска) авторитарност. Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси. Во партијата изборите не се одвиваат од членството кон раководството, од „базата“ кон врвот, туку обратно. Раководството ги поставува општинските раководства, ги избира учесниците на партиските конгреси, кои потоа го избираат лидерот. И на пропорционалните листи за пратеници во Собранието се вклучуваат избраните од лидерот, кои му возвраќаат со негова поддршка. Ваквиот партиски клиентелистички систем општо земено го пресликаа сите поголеми и помали политички партии во земјава. Имаше една историска изјава на министер на СДСМ, ми се чини во 2002/03 година, дека „и ВМРО-ДПМНЕ сакале да создадат своја олигархија“. Од 2006 година ВМРО-ДПМНЕ со воведувањето на доктрина на народна или демохристијанска партија е во обид на градење на идеолошки пристап наместо клиентелистички принцип. Ваквиот систем се вклопи во социоекономскиот амбиент на висока невработеност и каде клучниот производ на партиите стана вработување на своите поддржувачи. Клиентализмот, како општо прифатена партиска практика, дури јавно се демонстрира во извештаите за отчетност – за финансирање, каде политички партии ги навеле донациите од партиските членови кои се вработени како државни службеници. На ваквиот систем му се потребни јавни ресурси за одржување, а во нивен недостаток системот се контролира со централизирана моќ.
Read more