Соборувањето на рускиот авион во Сирија и обвинувањата за улогата на Турција изречени од рускиот претседател Путин поттикнаа лавина на анализи и коментари, кој, кого и зошто подржува во конфликтот кој ја создаде Исламската држава на територијата на Сирија и Ирак.
Турција за руските обвинувања за поддршка на ИСИС одговора кратко: докажете! А Русија и нема потреба да докажува. Доказите веќе ги има обезбедено Западот. На пример, Институтот за изучување на човековите права на Универзитетот „Колумбија“ составил „ИСИС-Турција листа“ на обвинувања, кои се кредибилни, а се изнесени од меѓународни извори како „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон Пост“ или „Гардијан“ и Би-би-си, но и од турски извори како Си-ен-ен Турк, „Хуриет“, „Џумхуриет“ и други. Во листата се наведуваат обвинувања за поддршка на ИСИС од Турција, со чинење или не-чинење, и тоа во испорака на оружје, транспортна и логистичка поддршка, поддршка во регрутација и обука на борците на ИСИС, медицинска поддршка, и финансирање преку илегална трговија со нафта, до најтешките обвинување дека турските сили се борат заедно со ИСИС (посебно поврзано со битката за сириско-курдскиот град Кобане). Всушност, најсолидните докази против Турција, за транспорти на оружје за џихадистите во Сирија организирани од турската тајна служба, ги имаат обезбедено турски новинари од Република – Џумхуриет (Cumhuriyet), кои деновиве беа уапсени и обвинети за шпијунажа.
Еден секојдневен пример обезбедува самиот ИСИС со својата електронска публикација „Хиџрах до Исламската држава – што да се спакува, со кого да се контактира и каде да се оди“. Ова публикација направена како имитација на популарен туристички водич на „Лонли планет“ за Исламската држава, дава насоки како џихадистите од Западот да пристигнат до Исламската држава. Меѓу другото во водичот се објавени и сведоштва на борци за контакти во Турција и како најлесно може да се помине турската граница, вклучувајќи и со подмитување на турските гранични сили. Земајќи во предвид дека за Исламската држава се борат десетици илјади странски џихадисти, Турција ако не со чинење, тогаш со не-чинење обезбедува „автопат“ за џихадистите.







