Во претходниот коментар насловен „Украинско, бугарско или турско сценарио“, ги употребив трите модели во анализа на можната политичка разврска во Македонија. Притоа значењето на „турско сценарио“ беше останување на власт наспроти масовните јавни протести. Во меѓувреме се случија парламентарните избори во Турција, кои делумно го променија значењето на турското сценарио. На парламентарните избори Ердоган и неговата Партија за правда и развој (АКП), победија, но го изгубија парламентарното мнозинство за првпат по десетина години владеење.
Многумина тоа ќе го толкуваат исклучиво како спротивставување на граѓаните на „путинизацијата“ на Турција. Ердоган демонстрира јасни намери да го крои политичкиот систем на Турција според своја мерка и, откако ги исцрпи можностите за премиерски мандати, се насочи кон воведување на претседателски систем. Новата зајакната позиција на претседателот на републиката, претходно главно церемонијална позиција, беше најавена со екстравагантната претседателска палата. Како што во моментот стојат работите резултатите на изборите значат спротивставување на Ердоган и АКП.
Секако, зголемената авторитарноста на Ердоган предизвика зголемена мобилизација на општествени групи против него и неговите политики. Но резултатот на изборите е можеби повеќе резултат на либералните реформски политики на Ердоган, од почетните години. Позитивните постигнувања на Ердоган, како економскиот развој и намалување на национализмот и влијанието на војската, работат против него. Динамичниот економски развој под Ердоган ја јакне средната класа и неминовно ја поттикнува демократизацијата на Турција. Ердоган работеше и на намалување на турскиот национализам, особено негуван од војската, на пример во воспоставување на дијалог со Курдите. Исто така го врати имотот на религиозните малцинства, како православните, Евреите и Ерменците, одземен во Ататурковиот период.
Всушност, резултатот на турските избори е ваков каков што е најмногу поради успехот на Курдите – за првпат курдска партија влезе во турскиот парламент. Курдската Демократска партија на народите (ХДП) го помина високиот праг од 10 отсто и постигна историски успех. За потсетување, курдските партии во минатото биле забранувани и пратениците Курди се кандидирале како независни кандидати. Пратеничка стана и Дилек Очалан, 27-годишна внука на затворениот курдски лидер Абдулах Очалан. Прашање до сите критичари на Ердоган, и поддржувачи на кемализмот: дали тоа, изборот на Дилек Очалан во парламентот, ќе бил можен пред Ердогановиот период? Инаку, за потсетување во конфликтите со Курдите во Турција има околу 45.000 загинати луѓе. Доколку се анализираат резултатите, видливо е дека загубата на поддршката на АКП е во регионите каде постигна успех курдската ХДП.







