Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, што на 14 октомври на стадионот на Партизан во Белград беше прекинат по инцидентите со дронот што носеше карта на голема Албанија, ја доби својата фудбалска разрешница. УЕФА донесе одлука дека Србија службено го добива мечот со 3-0, истовремено Србија е казнета со три поена, како и со два натпревара без публика, а и двете федерации добија и високи парични казни.
И додека фудбалските одлуки се донесени, политичките последици од инцидентите сè уште траат. И тие, политичките последици, ги прават инцидентите на фудбалскиот натпревар, поинакви од другите инциденти. Не се невообиачаени инциденти на спортски натпревари предизвикани од екстремни навивачки групи: шовинистички скандирања и навредливи слогани, палења на знамиња на ривалските нации… И тоа не само тука на Балканот – секој натпревар меѓу Англија и Шкотска носи ризик од инциденти. И затоа УЕФА води кампања против расизмот на фудбалските натпревари. Како што не се невообичаени инцидентите, од друга страна е вообичаено инцидентите да се ограничат на навивачките групи, да се изолираат и безбедносно и политички. По палењето на македонското знаме во Косово, тој настан го осудија и политичарите од Македонија, но и од Косово.
И во тоа е разликата со овој случај, по прекинот на натпреварот, политичарите и во Албанија и во Србија, не го изолираа инцидентот, напротив тие ја ескалираа работата. На српската страна тоа го направи Ивица Дачиќ, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи, со изјавите за политичка позадина на инцидентот со дронот и директното обвинување на братот на Еди Рама, премиерот на Албанија. Обвинување кое остана само на спинување, без постапка или докажување. На албанска страна тоа го направија од Еди Рама, преку повеќе министри до пратеници кои ги дочекаа репрезентативците на Албанија, како херои. Вџашувачки беше меѓусебното „тролање“ и „хејтање“ на Еди Рама и Томислав Николиќ, претседателот на Србија, на Твитер, и во медиумите.
Првата политичка последица или жртва на инцидентите е историската посета на Еди Рама на Белград. Посетата е одложена од октомври за 10 ноември. Но создадениот ривалски амбиент во почеток ги ограничува можните резултати. Ривалството на врвот, поттикна тензии и во општеството. Настрадаа повеќе дуќани во Србија, пред сè во Војводина, во сопственост на етнички Албанци, но и на Горани. Чувството на загрозеност, на закана од голема Албанија е подигнато кај сите соседи на Албанија. Албанците од сите земји колку и да гледаа на инцидентот како на одбрана на знамето, што е свето нешто во повеќето нации, за соседите изгледаше дека се брани картата на голема Албанија. Која е пораката на Албанците, за нас во Македонија посебно на етничките Албанци тука кај нас? Дали сметаат дека славењето на инцидент е начин на градење заедничка држава или, пак, на добрососедство? И да, градењето на добрососедство не е предизвик само за Македонија и Грција, тоа е предизвик и за Албанија и Косово и Србија.
Read more