На 18 септември Шкотланѓаните на прашањето дали Шкотска треба да биде независна земја одговорија со „не“ – 55 отсто гласаа против независноста, додека 45 отсто гласаа за независна Шкотска. Шкотланѓаните го дадоа својот одговор, кој донесе многу олеснување во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како што официјално се нарекува Велика Британија, во ЕУ, во САД и многу други земји.
Дури Дејвид Камерон, британскиот премиер, е фатен на микрофон на средба со Мајкл Блумберг, како коментира дека кога ѝ го соопштил на Кралицата Елизабета Втора резултатот од референдумот таа била многу задоволна, со што го прекршува протоколот дека разговорите меѓу кралицата и премиерот се приватни и не смее да се коментира содржината на тие разговори. Камерон исто така изјавува дека рејтинг-агенциите се виновни за погрешно прикажување на јавното расположение дека „за“ поддршката ја достигнува таа на „не“, но дека нема да ги тужи рејтинг-агенциите за чирот кој го добил поради тоа. Со протекување на приватни разговори и со обвинување на рејтинг-агенциите, Камерон покажува дека политичарите, колку да е разликата во префинетоста, си се политичари, сеедно дали тука, дали таму на Запад.
А толку важниот резултат за унионистите и за Обединетото Кралство, според многумина, и не е заслуга на ториевците на Камерон. И покрај тоа што се оценува дека околу 40 отсто од гласачите лабуристи гласале „за“ независноста, може да се оцени дека лабуристите, британската левица, имаат заслуга за ваквиот исход на референдумот. Алистер Дарлинг, шкотски лабурист, ја видеше кампањата „Подобро е заедно“- против независноста, а „не“ таборот го енергизираше Гордон Браун, поранешен британски премиер, британски и шкотски лабурист. Гордон Браун, можеби не влијаеше толку со својот пламен говор на завршниот митинг, кој го пренесоа сите медиуми, туку со својот план за пренос на нови моќи од британскиот на шкотскиот парламент, кој подоцна доби трипартиска поддршка од конзервативците, лабуристите и либерал демократите. Гордон Браун порасна од не толку успешен премиер, во спасител на унијата. Истовремено покажа како еден поранешен партиски лидер може конструктивно да се ангажира, иако не планира враќање на партиската сцена. Каква иронија е тоа, левицата го спасува кралството! Но сепак има и малку теснопартиски интереси бидејќи лабуристите во Шкотска добиваат по 40-50 пратеници, наспроти конзервативците кои добиваат еден или ниту еден.




