Слободни партии за слободно општество (2)

Во претходниот коментар, ја коментирав употребата на меѓуетничките односи и заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар, како еден од клучните проблеми во државата. Длабочината на проблемот е и поради тоа што ваквата состојба ја употребуваат сите партии од „големата четворка“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Повеќе се фокусирав на заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар, што се одвива во три фази: елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители, елиминација на конкуренти надвор од големата четворка и на крај заробување на сопствените партии. И на крај, сите три фази на заробување на политичкиот натпревар, се цементира со „американизација“ на изборните кампањи во Македонија, односно со доминација на телевизискиот политичкиот маркетинг, како најскап можен маркетинг за кој се потребни големи кампањски буџети.

Прочистување на избирачки список е важна мерка, но повеќе во односите на големата четворка, во стилот на приказната за Мурто и Курто. За ослободување на партиите, не се доволни ниту 6 или 12 или 18 месеци, потребни се структурни реформи на средни и долги патеки. Тие треба да одговараат на анализа на проблемите.

Потребен е развој на непартиски политички ангажман, развој на граѓанското општество, развој на партиципативна демократија, развој на директната демократија (граѓански иницијативи, референдуми)… Движењето против полициска бруталност, но и еколошките иницијативи, дури и иницијативата „На точак“, го воспоставија основите на еден автохтон, вкоренет, граѓански непартиски политички ангажман. Овие иницијативи неформални во својот карактер делумно и како протест кон организираното граѓанско општество, го имаат пред себе предизвикот на одржливоста (институционализацијата).

Read more

Слободни партии за слободно општество

Со воспоставување на политичкиот дијалог меѓу „големата четворка“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, се раздвижи јавноста и започна дебата за структурните промени што треба да придонесат кон подобра Македонија. За изненадување, повеќе идеи и предлози се слушаат од граѓански активисти и од помалубројните партии, отколку од „големата четворка“. Но дали е за изненадување што всушност нема идеи и предлози од големата четворка? Во неколку наврати во претходните години пишував на оваа тема, а особено ја третирав  во „Окупирај ја политиката 1 и 2“ во 2013 година.

slobodni-partii-za-slobodno-opshtestvoВо други држави граѓаните ги губат илузиите за традиционалната репрезентативна демократија, поради тоа што од една страна избраните политичари не се способни да ги решат најбитните проблеми, а од друга страна клубот на политичари станува сè позатворен, а „брокерите на моќта“ работат само за сопствениот интерес и ги употребуваат гласачите само за одржување на власт. Ние во Македонија не успеавме ни да постигнеме традиционална репрезентативна демократија, па да ја доживееме кризата на истата.

Во „Да, отпор, но за чии лаги (3)“, напишав „СДСМ не се развиваше како политичка партија заснована на идеологија, туку како патрон-клиенталистички систем, кој потоа го пресликаа сите други партии… Во тој систем нема судир на идеологии или идеи, нема левици, центар или десница, туку судир околу самата власт, како начин на контрола на јавните ресурси“. Ваквиот партиски клиенталистички систем не само што го пресликаа сите политички партии, туку заедно го бранат. Заробувањето на политиката во Македонија, се случи преку две подрачја: меѓуетничките односи и заробување на политичкиот натпревар.

Меѓуетничките односи, односно заплашувањето поврзано со нив, од независноста до сега, партиските елити го користат како ефективен инструмент за владеење. Секогаш кога елитите сакале да концентрираат повеќе моќ или да ја закочат деконцентрацијата, без разлика дали се тоа подрачја како локална самоуправа или образование, се употребувал другиот како бауч.

Read more

Турско сценарио

Во претходниот коментар насловен „Украинско, бугарско или турско сценарио“, ги употребив трите модели во анализа на можната политичка разврска во Македонија. Притоа значењето на „турско сценарио“ беше останување на власт наспроти масовните јавни протести. Во меѓувреме се случија парламентарните избори во Турција, кои делумно го променија значењето на турското сценарио. На парламентарните избори Ердоган и неговата Партија за правда и развој (АКП), победија, но го изгубија парламентарното мнозинство за првпат по десетина години владеење.

Многумина тоа ќе го толкуваат исклучиво како спротивставување на граѓаните на „путинизацијата“ на Турција. Ердоган демонстрира јасни намери да го крои политичкиот систем на Турција според своја мерка и, откако ги исцрпи можностите за премиерски мандати, се насочи кон воведување на претседателски систем. Новата зајакната позиција на претседателот на републиката, претходно главно церемонијална позиција, беше најавена со екстравагантната претседателска палата. Како што во моментот стојат работите резултатите на изборите значат спротивставување на Ердоган и АКП.

Секако, зголемената авторитарноста на Ердоган предизвика зголемена мобилизација на општествени групи против него и неговите политики. Но резултатот на изборите е можеби повеќе резултат на либералните реформски политики на Ердоган, од почетните години. Позитивните постигнувања на Ердоган, како економскиот развој и намалување на национализмот и влијанието на војската, работат против него. Динамичниот економски развој под Ердоган ја јакне средната класа и неминовно ја поттикнува демократизацијата на Турција. Ердоган работеше и на намалување на турскиот национализам, особено негуван од војската, на пример во воспоставување на дијалог со Курдите. Исто така го врати имотот на религиозните малцинства, како православните, Евреите и Ерменците, одземен во Ататурковиот период.

tursko-stsenarioВсушност, резултатот на турските избори е ваков каков што е најмногу поради успехот на Курдите – за првпат курдска партија влезе во турскиот парламент. Курдската Демократска партија на народите (ХДП) го помина високиот праг од 10 отсто и постигна историски успех. За потсетување, курдските партии во минатото биле забранувани и пратениците Курди се кандидирале како независни кандидати. Пратеничка стана и Дилек Очалан, 27-годишна внука на затворениот курдски лидер Абдулах Очалан. Прашање до сите критичари на Ердоган, и поддржувачи на кемализмот: дали тоа, изборот на Дилек Очалан во парламентот, ќе бил можен пред Ердогановиот период? Инаку, за потсетување во конфликтите со Курдите во Турција има околу 45.000 загинати луѓе. Доколку се анализираат резултатите, видливо е дека загубата на поддршката на АКП е во регионите каде постигна успех курдската ХДП.

Read more

Украинско, бугарско или турско сценарио? [2]

Во претходниот коментар пишував за политичката криза во Македонија, која со митинзите на 17 и 18 мај, го постигна својот врв и би требало да започне разврската. Според туѓи искуства можни се три сценарија на разврската: украинско (промена на власта преку протести), бугарско (промена на власта преку избори) или турско сценарио (опстанок на власта). Украинското сценарио не е ниту посакувано, ниту возможно, додека СДСМ го посакува бугарското, а ВМРО-ДПМНЕ турското сценарио. Факторите што одлучувале за разврската се авторитарноста на лидерите и силата на општествените движења и политичките партии. Во Македонија и лидерството и поддршката е хибридна, што најверојатно ќе резултира во разврска која ќе биде различна од сите три. СДСМ со можности и на јавен притисок и на елитистичко решение („ново парламентарно мнозинство“), се чини нема доволно сили да издејствува преодна влада, без Груевски, на кратки патеки. ВМРО-ДПМНЕ и поради политички и поради економски причини  не може да наметне турско сценарио.

ukrainsko-bugarsko-ili-tursko-stsenario-2Дека е таква состојбата се гледа и во поместување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од нивните почетни позиции. ВМРО-ДПМНЕ говореше само за правна разврска и тоа исклучиво на случајот „Пуч“. Од друга страна, СДСМ говореше само за политичка разврска (преодна влада до парламентарни избори). Секако и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ може да одлучат да ги постигнат максималните позиции: апсење на Зоран Заев и рушење на премиерот Никола Груевски. Но да го постигнат тоа најверојатно ќе мора да ризикуваат рушење на државата. И тука не мислам да сеам страв дека Македонија ќе исчезне, но одење до крај толку ќе ја продлабочи политичката криза што таа лесно може да се претвори во безбедносна криза, а секако ќе ја урниса економијата и ќе не врати години наназад. Затоа и двете партии и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сега говорат и за политичка и правна разврска на политичката криза. Секако никој не е наивен дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ под политичка и правна разврска подразбираат сосема различни работи.

Read more

Украинско, бугарско или турско сценарио?

Политичката криза во Македонија, по митинзите на 17 и 18 мај, го постигна својот врв и би требало да започне разврската. Каква ќе биде таа разврска? На една неодамнешна многу продуктивна дебата организирана од Универзитет на Југоисточна Европа (Штуловиот Универзитет) и Амбасадата на Полска, Руфи Османи, поранешниот градоначалник на Гостивар, можната разврска ја постави во три можни сценарија: украинско, бугарско или турско сценарио, именувани според земјите во кои се случиле разврските.

Што е суштината на овие сценарија. Украинското сценарио е сценарио на долготрајни протести против власта, кои завршија со насилство, бегство на претседателот и воспоставување на нова привремена власт. Спецификата на украинското сценарио е насилноста на протестите со многу жртви. Но и тука треба да се има предвид дека беше постигнат политички договор за предвремени избори, а бегството на претседателот Виктор Јанукович најверојатно беше предизвикано поради тоа што политичкиот, воениот и полицискиот естаблишмент во Киев, а веројатно и во Москва, му ја откажаа поддршката. Бугарското сценарио е поврзано со предвремените избори во 2013 година, кога по насилните судири на полицијата и демонстрантите, кои протестираа против поскапувањето на струјата, премиерот Борисов поднесе оставка, што доведе до предвремени избори. До изборите функционира „службен кабинет“, сличен на барањата за преодна влада на СДСМ. Но и тука треба да се има предвид дека по оставката на Борисов, во три обиди не се формира политичка влада, по што претседателот го доверува мандатот на службениот кабинет. И на крај турското сценарио, сценарио на долготрајни протести, кои власта ги задушува и останува да владее понатаму. Инаку, како куриозитет, и во бугарскиот и во турскиот случај имаше скандали со прислушување на Борисов и на Ердоган.

ukrainsko-bugarsko-ili-tursko-stsenario-1Разврските во Украина, Бугарија и Турција, се одвивале во нивните социополитички, економски и културни контексти, но едни од факторите кој одлучувал за текот на настаните се авторитарноста на лидерите и силата на општествените движења и политичките партии. И Украина и Турција имаа авторитарно лидерство и различни исходи: во Украина пад на власта, а во Турција зачувување на власта. Различниот исход е главно условен од различната поддршка, односно Ердоган има јасна мнозинска поддршка на граѓаните. Во бугарското сценарио двигател се демократските стандарди. Патем Борисов на македонските власти им препорача да го следат неговиот пример.

Read more

Не потсекувајте им ги крилјата!

Кога ќе го читате овој коментар, средношколските протести и бојкот на наставата ќе влезат во својата разврска. Министерството за образование и наука објави дека примената на новите правила за матура се одлагаат, а ова година ќе се полага матура на досегашниот начин, додека власта не е подготвена да прави отстапки за екстерниот испит. Во среда ќе се одржи најверојатно последниот средношколски марш, а потоа најверојатно со делумното исполнување на барањата и под притисок на ризикот за исклучувања, бојкотот ќе биде прекинат. Дали е тоа најдобрата можна разврска?

Премиерот Никола Груевски повика на национален дијалог за пет точки, вклучувајќи го подобрувањето на квалитетот на образованието.

ne-potsekuvajte-im-gi-kriljataНекој може да заклучи дека средношколките протести се против реформите и со тоа против подобрувањето на квалитетот на образованието. Но тоа не е така. Власта наведува дека наставата се бојкотира во пет средни училишта од 94 државни средни училишта. Кои се тие пет училишта? „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Георги Димитров“, „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“, сите пет во Скопје. „Корчагин“ со години остварува најдобар резултат во матурата, а другите четири училишта се редовно меѓу петнаесетте најдобри училишта во Македонија. Средношколците што протестираат се најдобрите, не најлошите ученици. Кога протестираат најдобрите ученици, тие имаат целосен легитимитет, без разлика дали се здружени во унија или пленум.

Можеби меѓу тие што протестираат има ученици чии родители се симпатизери на СДСМ. Но сигурно меѓу тие што протестираат има ученици чии родители не се симпатизери на СДСМ. Јас сум еден од тие родители, а знам и многумина други. Јас учев Никола Карев, во Скопје, во едно од училиштата каде се протрестира, каде што учел и мојот вујко, каде учеше и мојот брат и многумина мои пријатели, каде сега учи мојата ќерка и каде се надевам ќе учи мојот син. Како граѓанин го следам образованието, бев член во училишен одбор, редовно учествувам во родителските активности, бидејќи сакам моите и другите деца да го добијат најдоброто можно образование. И верувам дека сите родители, без разлика дали се симпатизери на едните или на другите, го сакаат истото: квалитетно образование за своите деца.

Read more

Црвени кругови, соросоиди, предавници и … [2]

Во коментарот што претходеше пишував за личната дискредитација преку етикетирање, за  брзиот пораст на партиската поделба и јаз што станува водечка причина за виктимизација и за дискриминација во Македонија.

tsrveni-krugovi-sorosoidi-predavnitsi-iПартискиот јаз во мултикултурно општество како Македонија не мора да е исклучиво негативен, напротив може да е полезен во релативизирање на етничките и верските јазови. Но растечката поларизација, како и растечкиот говор на омраза на основ на партиска припадност, како и партиското етикетирање составен дел од тој говор на омраза, укажува на пореметување на меѓупартиските односи. Тоа, пак, одразува подлабоки општествени проблеми. Соодветно справување само со етикетирањето, без да се адресираат подлабоките причини, ќе биде гребење по површината на проблемот. Подлабоките причини може да ги бараме во заемните односи и меѓузависноста, во начините на решавање на конфикти и во социјалната правда.

За градење нација потребни се заемни односи и меѓузависност меѓу различните општествени групи, како етнички и верски, така и социјални, партиски и други. Веќе одреден период личните контакти се намалуваат, а односите меѓу власта и опозицијата се одвиваат преку посредници. Во екстремите на двете страни, и на власта и на опозицијата, постојат гледишта дека другата страна е непотребна, излишна и дека Македонија би била подобро место за живеење доколку ги нема другите.

Тоа е тесно поврзано со начинот на решавање на конфликти. Повеќе пати говорам за „мачо“, маскулиното водење на политика, каде не постои можност за „победник-победник“ решение, туку само за „победник- губитник“ решение. Тоа е засновано на нетолеранцијата, но и самодоволноста, самобендисаноста, ароганцијата, каде важен и исправен е само сопствениот став и мислење, а другиот е небитен. Разликите во мислењата се решаваат со наметнување на ставови, а не низ дијалог. Тоа неминовно влијае на нарушување на заемните односи.

Read more

Црвени кругови, соросоиди, предавници и …

Вчеравечер, во организација на Левичарското движење „Солидарност“ се одржа трибина „Црвени кругови, соросоиди и предавници – етикетирањето, жигосувањето и поларизацијата на македонското општество“ чиј наслов го позајмив за насловот на мојот коментар. Според најавата, трибината се фокусира на личниот углед и на личната дискредитација пред сè преку етикетирање. Во чаршијата, во јавниот простор, личниот углед е императив, и соодветно етикетирањето е честа партиска техника и пракса. Етикетата е кратенка, брз пат до некакво tsrveni-krugovi-sorosoidi-predavnitsi-iзначење, позитивно и негативно, каде позитивната е резервирана за себе, а негативната е резервирана за партискиот ривал. Негативното етикетирање ги одбележува непријателите и ги дехуманизира. Поделба на општеството на непријателски групи, наместо на неистомисленици и спротивставени страни, но со еднакви права на различно мислење, е погубна. Притоа се заборава дека угледот е поврзан со човековото достоинство, веројатно најуниверзалната човечка вредност и основа за дефинирање на човековите права. „Солидарност“ бара начин на надминувањето на овие погубни техники на владеење и се обидува да отвори пат за креирање нов политички субјект – зрел демократски граѓанин кој ќе го уважува правото на различност.

Негативното етикетирање или стигматизирање, односно придавањето на непосакувана или дискредитирачка особина на лице или група насочена кон снижување на статусот во очите на заедницата е дел од (говор на) омразата, за што пишував претходните два коментари. Како што заклучив (говорот на) омразата, превенцијата и сузбивањето, е нашиот цивилизациски вредносен предизвик, неопходниот предуслов за развој на дијалог, политички, социјален, граѓански… за функционална партиципативна  демократија, за нормално општество!

Надминувањето на етикетирањето, како партиска техника, е битен дел од превенцијата и сузбивањето на (говорот на) омраза. И веројатно еден од првите чекори во надминување на сегашната политичка криза. Како да го надминеме етикетирањето? Потребни се анализи, градење на јавна свест, политики.

Read more

Безомразно [2]

Претходниот коментар го посветив на „Безомразно“ проект што го адресира проблемот на говорот на омразата во нашето општество. Проблемот на говорот на омразата, заедно со казнените, кривичните дела на омраза, е врвот што се гледа на сантата на мраз, на нетолеранцијата, неприфаќањето и непочитувањето на разликите, предрасудите, пристрасноста, bezomrazno-2дискриминацијата, ксенофобијата. Политичарите и медиумите се издвојуваат како чинители кои влијаат негативно. Проектирањето на вината кон политичарите и медиумите е делумна само-амнестија на сите нас, граѓаните. Сè додека врв на политичка дебата е таа на Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, која заврши со жестоко меѓусебно навредување, тешко до пристојна јавна дебата, во која говорот на омраза ќе се смета за непримерен и неприфатлив. И сензационалистички пристап на медиумите ќе продолжи, сè додека медиуми и емисии во кои има говор на омраза имаат високи рејтинзи (гледаност/читаност).

Со растечката политичка поларизација, со растечкиот јаз меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или на поддржувачите и противниците на власта, во пораст е и говорот на омразата. И едните и другите ја правдаат својата страна, со однесувањето на другата страна. Препознавање на (говорот на) омразата само на другата страна, го прави проблемот на борбата против (говорот на) омраза, дополнително тешко, покрај веќе постоечките проблеми во превенцијата и во сузбивањето на (говорот на) омраза.

Read more

Безомразно

Деновиве беше одбележано завршувањето на „Безомразно“ двегодишниот проект на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) од Скопје. Безомразно го адресира проблемот на говорот на омразата во нашето општество, проблем што е во пораст последните години. Тоа е доволна причина за анализа и коментар. Дополнителна причина е потребата да истакнам еден проект на граѓанска организација која адресира суштински проблем на нашето општество, во создадениот амбиент дека „нема фајде од парите што ги трошат невладините организации“.

bezomraznoПроблемот на говорот на омразата, заедно со казнените, кривичните дела  на омраза, е врвот што се гледа на сантата на мраз, на нетолеранцијата, неприфаќањето и непочитувањето на разликите, предрасудите, пристрасноста. Перцепираниот пораст на говорот на омраза е одраз на најверојатниот пораст на нетолеранцијата и  неприфаќањето и непочитувањето на разликите. А пред нас стои цивилизациската потреба од развој на меѓузависност и конструктивно решавање на споровите и конфликтите (во форма на политички, социјален, граѓански и секој друг облик на дијалог), засновани на толеранција и почитување на разноличноста.

Read more