Во коментарот од минатата седмица „Специјални или нормални“, пишував за критиките на договорот од Пржино, како специјални решенија кои се исклучоци и не се вообичаени решенија за нормални држави. Аргументирав дека нема специјални или нормални решенија, туку решенија што решаваат проблеми, но тоа исто така не мора да значи дека сите решенија од Пржинскиот или Охридскиот рамковен договор се добри.
Пред да продолжам понатаму да се извинам за моето спомнување на почитуваната Ванковска, во минатиот коментар. Прво, многу ја почитувам Билјана Ванковска. Второ, бидејќи многу ја почитувам сакав да дебатирам, не да водам полемика, бидејќи дебатата има за цел разбирање, а полемиката наметнување на сопствениот став. За жал јас пишувам политички коментари во Нова Македонија, мојот блог и на твитер, а Фејсбук, каде Ванковска е активна го употребувам само за лични цели, а не за политички дебати.
Во критиките на Ванковска во „Игорче и Кејти“, покрај одредени работи за кои не се согласувам, има работите за кои се согласувам. Не се согласувам дека Законот за специјален обвинител, не е вообичаен во нормални држави. Во САД е вообичаено именување на специјални обвинители за истраги на злоупотреби од власта, поаѓајќи од тоа дека Јавниот обвинител е дел од владата во поширока смисла. На пример последна расправа во САД за потребата од специјален обвинител е во врска со Хилари Клинтон и нејзината употреба на приватна електронска пошта за службени цели. За оцена на уставноста на законот, дали се коси со одредбата дека „Јавното обвинитеоство е единствен и самостоен државен орган“, останува да се изјасни Уставниот суд. Но фактот дека специјалниот јавен обвинител (СЈО), како и помошниците, е од редот на јавните обвинители и дека го избира советот на јавни обвинители, говори во прилог на запазување на интегритетот.
Од друга страна, се согласувам со критиката на изборот на Катица Јанева, за специјален јавен обвинител. Не е во прашање само штуроста на нејзината биографија. Основно јавното обвинителство на Гевгелија, каде Катица Јанева е јавен обвинител, нема надлежности и искуство со организиран криминал и корупција. Соодветно со тоа Катица Јанева нема искуство и потврдени резултати во подрачјето на организиран криминал и корупција. И тука е всушност клучната разлика на формулацијата на критериумите за избор на јавниот обвинител и специјалниот јавен обвинител. И за едната и за другата функција може да се изберат правници со правосуден испит со осумгодишно работно искуство или професори на Правен факултет со десетгодишно работно искуство. Разликата во формулацијата е дека за избор на јавен обвинител се потребни „потврдени резултати“, а таквата формулација отсуствува во критериумите за избор на специјалниот јавен обвинител. Како пишувачот на законот, да ја испуштил ова формулација, бидејќи веќе имал во предвид правник без потврдени резултати.








