И бидна, по вообичаената врева што претходи, ЕУ го објави извештајот за напредок, со кој по шести пат се препорачува започнување на пристапните преговори. Една од подобрите анализи на извештајот што ја прочитав е анализата на Институтот за европска политика. Институтот својата анализа ја ословува „препорака со чекор назад“ и смета дека тоа е најкритичкиот извештај досега. Според институтот тоа се гледа во ставовите на Европската
комисија дека политичките критериуми и натаму се исполнети во доволна мера, но дека жали за чекорите назад во изминатата година и дека неуспехот на Владата да покаже доволни резултати за клучни прашања им наштети на одржливоста на реформите, со евидентно уназадување во одделни области. ЕУ се концентрира на четири точки: партизација на државните институции, контролата врз медиумите, меѓу-етничките односи и неразрешениот спор со името. На позитивната страна се нотирани реформите во јавната администрација и активната меѓународна и регионална полициска соработка. Во политичките критериуми доминира барањето за обновување на политичкиот дијалог за што одговорноста ја лоцира и кај Владата и кај опозицијата. Во економските критериуми институтот се прашува зошто на Македонија и натаму не ѝ се доделува статус функционална пазарна економија, и покрај констатираниот континуиран напредок, дали е тоа дека комисијата реално согледува одредени недостатоци или пак не може да се постигне политички договор околу таа оценка. Институтот заклучува дека е јасно предупредувањето дека препораката нема да се одржи доколку нема напредок во клучните области, и се прашува „дали заигрува стапот?“, односно дали Владата ризикува повлекување на препораката и гасење на перспективите за членство во ЕУ? Но и самиот Институт се запрашува, дали „стапот“ ќе даде резултати во отсуство на „морковот“, односно непостоење на перспективи за отворање на преговорите и членство во ЕУ.
Општествено-политички
Октомвриски патардии
Барајќи соодветен наслов за мојот коментар, се сетив на патардии, стар ретко употребуван збор со значење – врева, бркотница… Октомвриски патардии е добар опис на состојбата пред објавувањето на Прогрес-извештајот на ЕУ, или како што службено се нарекува Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Патардии од изјави на политички лидери, медиуми, политички коментатори и аналитичари, од добро информирани диполоматски извори, прес-служби на Европската комисија…
Прогрес- извештајот во македонското општество доби статус на матура во животот на пубертетлии, стана ритуал на премин. Сите засегнати страни секоја година во октомври се во исчекување – дали напредувавме изминатиот период, дали нашата транзиција ќе влезе во завршница, дали ќе бидеме прифатени како полноправна членка на ЕУ-семејството. Но претераното значење што му се дава на Прогрес-извештајот, како и изјави од типот „за наредните чекори ќе се консултираме со меѓународната заедница“ или пак „така сакаат граѓаните и странците“, укажуваат на една општествена незрелост, општествена неподготвеност за независност, не како конечна цел, туку како чекор кон следниот премин во меѓузависност. Но за ова општествена состојба во која Брисел се доживува како нов Белград, во посебна прилика.
Една од одликите на општествена незрелост е недоволниот дијалог – општествен, социјален, граѓански, политички. Иако во фокусот на јавноста е политичкиот дијалог, неопходно е да се повторува дека отсуството на дијалог е подлабок општествен проблем и отсуството на политички дијалог е само врвот на санта мраз. Местото за политички дијалог е Собранието на Македонија. Подолг период Собранието – институцискиот дом на политичкиот дијалог беше заменуван со „средби на четворката“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, а како општествените предизвици преминаа од полето на меѓуетничките односи, во полето на внатреетничките односи тие средби беа заменети со средби на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Левицата го спаси кралството
На 18 септември Шкотланѓаните на прашањето дали Шкотска треба да биде независна земја одговорија со „не“ – 55 отсто гласаа против независноста, додека 45 отсто гласаа за независна Шкотска. Шкотланѓаните го дадоа својот одговор, кој донесе многу олеснување во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како што официјално се нарекува Велика Британија, во ЕУ, во САД и многу други земји.
Дури Дејвид Камерон, британскиот премиер, е фатен на микрофон на средба со Мајкл Блумберг, како коментира дека кога ѝ го соопштил на Кралицата Елизабета Втора резултатот од референдумот таа била многу задоволна, со што го прекршува протоколот дека разговорите меѓу кралицата и премиерот се приватни и не смее да се коментира содржината на тие разговори. Камерон исто така изјавува дека рејтинг-агенциите се виновни за погрешно прикажување на јавното расположение дека „за“ поддршката ја достигнува таа на „не“, но дека нема да ги тужи рејтинг-агенциите за чирот кој го добил поради тоа. Со протекување на приватни разговори и со обвинување на рејтинг-агенциите, Камерон покажува дека политичарите, колку да е разликата во префинетоста, си се политичари, сеедно дали тука, дали таму на Запад.
А толку важниот резултат за унионистите и за Обединетото Кралство, според многумина, и не е заслуга на ториевците на Камерон. И покрај тоа што се оценува дека околу 40 отсто од гласачите лабуристи гласале „за“ независноста, може да се оцени дека лабуристите, британската левица, имаат заслуга за ваквиот исход на референдумот. Алистер Дарлинг, шкотски лабурист, ја видеше кампањата „Подобро е заедно“- против независноста, а „не“ таборот го енергизираше Гордон Браун, поранешен британски премиер, британски и шкотски лабурист. Гордон Браун, можеби не влијаеше толку со својот пламен говор на завршниот митинг, кој го пренесоа сите медиуми, туку со својот план за пренос на нови моќи од британскиот на шкотскиот парламент, кој подоцна доби трипартиска поддршка од конзервативците, лабуристите и либерал демократите. Гордон Браун порасна од не толку успешен премиер, во спасител на унијата. Истовремено покажа како еден поранешен партиски лидер може конструктивно да се ангажира, иако не планира враќање на партиската сцена. Каква иронија е тоа, левицата го спасува кралството! Но сепак има и малку теснопартиски интереси бидејќи лабуристите во Шкотска добиваат по 40-50 пратеници, наспроти конзервативците кои добиваат еден или ниту еден.
Yes Scotland
Yes Scotland (Да Шкотска) или Better Together (Заедно е подобро) е дилемата што секој Шкотланѓанец ќе треба да ја реши денеска на референдумот кога ќе одговори со едноставните „да“ или „не“ на прашањето „Дали сакате Шкотска да биде независна земја?“. Прашање на кое ќе одговорат Шкотланѓаните, а ќе ја засегне Велика Британија, ЕУ и целиот свет. Неколку работи ја прават Шкотска различна од другите случаи на барање на независност.
Првата е дека Шкотска е дел од Обединетото Кралство врз основа на слободна волја, односно врз основа на политички договор меѓу Англија и Велс со Шкотска од 1706-1707 година. Тоа ја прави таа унија една од најдолгите и веројатно најуспешни политички унии. Успешни и за Шкотска бидејќи помага во трансформацијата на земјата од една од најсиромашните во просперитетна земја.
Што тогаш го разнишал овој повеќевековен сојуз? Британската империја, во чија основа е Англиско-шкотскиот сојуз, исчезна по Втората светска војна. Наметливиот протестантизам како кохезивен фактор го губи значењето со секуларизацијата на општеството. Посебна анализа бара меѓусебното влијание на две наднационални структури Обединетото Кралство и Европската Унија. Дали јакнењето на Шкотската национална партија (СНП) во Шкотска потекнува од истите причини, но со различна реакција, со јакнењето на евроскептичните Независни (УКИП) во Англија? Клучното прашање е дали наднационална структура како Европската Унија, ја слабее улогата на другите наднационални структури како Велика Британија или на федеративните структури, а ги зајакнува националните и регионалните идентитети? Дали Шкотска, Каталонија, Паданија (Северна Италија) и други, ќе сакат во Брисел да учествуваат и влијаат виа Лондон, Мадрид или Рим, или директно?
Кој ја егеизира Македонија!?
Едно интервју на генерал Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на борците на Македонија, насловено „Да не беше АСНОМ ќе останевме движење“ од 25 јули 2014 година, што требаше да биде пригодно претпразнично интервју, предизвика дебата поради употреба на поимот „егеизација“. Сметав дека на оваа тема треба да пишувам со мала дистанца за да избегнам дневно-политички третман на темата, но и за ограда – еден од моите родители е „Егеец“.
Што вели генерал Атанасовски? Според него сега сме во една „егеизација“ на Македонија, која се случува секојдневно во различни форми, пример е преименување на улицата каде живее генералот од „29 ноември“ во „Костурски херои“, а идеологот на таа егеизација е економската дијаспора од Беломорјето.
Пригодното интервју предизвика критики од провладините чинители за делба на македонското национално ткиво и одбрани од проопозициските чинители. Една од одбраните тврди дека егеизацијата е всушност антиквизацијата што ја спроведува актуелната македонска влада и е дело на најрадикалните националистички структури.
Тезите на генералот Атанасовски, за егеизација, само зошто неговата улица 29 ноември, Денот на Републиката на СФРЈ е преименувана, се лесно соборливи. На пример, не можам да се сетам на ниту еден министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија, кој како сака. Неколкуте министри од дијаспората се тукашни, од Ташковиќ, кој е по потекло скопјанец, преку Самак, кој е прилепчанец, до најновиот министер Горан Мицковски, кој е исто така е скопјанец. Кои се тие егејци во Владата, имаат ли имиња? А од друга страна, мислам прв и еден од најжестоките критичари на антиквизацијата е Димитар Димитров, кој за прв пат пишуваше за антиквизацијата како прикриена хеленизација во 2009 година. Инаку Димитар Димитров е егеец од воденско. Но сега и тука нема да спорам за тезата за егеизација, ниту ќе пишувам за значењето на граѓаните по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија за модерна Република Македонија, туку за две слепи точки на македонската левица искажани низ расправата за егеизацијата – лицемерството и ксенофобијата.
Духот на рамковниот договор
Тринаесетти август е денот кога свечено се потсетуваме на (Охридскиот) рамковен договор. Во медиумите се објавуваат пригодни интервјуа и анализи, се одржуваат трибина, со кои јавноста за момент ќе се потсети на договорот кој внесе најголема промена во политичкиот систем на Македонија.
Вообичаените прашања кои се обидуваме да ги одговориме дали Рамковниот договор е спроведен или не, дали ги подобри состојбите или не, понекогаш некој ќе го спомне „духот“ на рамковниот договор. И најчесто одговорите одат од крајност во крајност во зависност од етничката или партиската припадност.
Во дебатата за спроведеност доминираат правичната застапеност и јазикот, иако тие се само еден дел од резултатите кои требаа да се постигнат со рамковниот договор. Всушност тоа што треба да се постигне со рамковниот договор може да се групира во пет подрачја: прекин на непријателствата, вклучувајќи враќање на раселените лица и обнова, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, заштита од мајоризација (двојното или „бадинтеровото“ мнозинство) и идентитет, култура, јазик и образование. Да спомнам неколку работи кои најчесто не се спомнуваат, а се значајни постигнувања. Заштитата од мајоризација, двојното или бадинтеровото мнозинство, беше најавувано како катастрофа за Македонија, а се спроведува без проблеми години наназад. Употребата на знамињата на етничките заедници, прашање за кое се проли крв во Гостивар во 1997 година е зад нас. Бројот на студенти од етничките заедници е повеќекратно зголемен. На пример бројот на студенти етнички Албанци е зголемен од 586 (2.2 отсто) во 1992/93 година на 9.926 (16.5 отсто) во 2008/9 година, на студенти етнички Роми од 13 на 229, на студенти етнички Турци од 172 на 995.
Путин, врати ни ги децата! Обама, имаш ли срце?
Деновиве два конфликти еден нов, во Украина, и еден повеќедецениски во Палестина, постигнаа нови жални епизоди. Нови жални епизоди во кои страдаат цивили, деца и жени.
Над Украина е соборен авион, цивилен, 298 луѓе загинаа, од кои околу 80 деца. Ужас, човечка трагедија, на која страните во конфликтот веднаш се обидоа да направат добивки, во својата војна за поддршка од светската јавност. Од една страна беше објавено дека авионот е соборен со ракети земја-воздух од територија контролирана од милициите на Донбас, дека е пресретнат телефонски разговор што тоа го потврдува, дека постојат снимки на ракетниот лансер на кој му недостига една ракета, дека… Од другата страна информации дека на локацијата има активни ракетни системи на украинската војска, дека авионот летал 14 километри надвор од коридорот, дека постојат снимки на украински борбени авиони кои летале на неколку километри од авионот. Од трета страна, основни прашања, како цивилни авиони летаат над територија каде се соборени повеќе авиони во последните недели, месеци? Како надлежните авторитети одлучуваат каде е безбедно, а каде не е безбедно да се лета. Од вчера-завчера, првата страна ретерира, дека авионот е соборен по грешка, поради погрешно радарско читање, дека ракетниот лансер можеби бил управуван од дезертери на украинската армија, кои можеби носеле украински униформи… Во целата војна за светската јавност, ме чуди како сега и едните и другите имаат снимки на лансери, борбени авиони во близина на цивилниот авион, снимки на кои може да се види и униформата на нелуѓето кои го притиснале копчето за лансирање на ракетите. А од друга страна со месеци не може да се утврди во кое море или кој океан падна малезискиот авион на летот за Пекинг, дали е во Јужно Кинеско Море, дали е во Индиски Океан, каде е? Oдносот без почит кон жртвите ги засилија сликите на ужасот. Да, местото каде е соборен авионот е конфликтна зона и веројатно не е можно да биде обезбедено како место на сторен криминал како што гледаме на ЦСИ-сериите. Но секој со малку човечност очекува достоинствен третман на телата на погинатите патници. И не само од страна на милициите од Донбас или страните во конфликт во Украина. Туку и од одредени новинарски екипи, како таа на Еј-би-си, кои во лов на насловни стории на бранот на силни емоции, не се срамеа да допираат предмети на погинатите, или пак други и да претураат по куферите на жртвите.
Пописот како поле на партиски натпревар [2]
Претходниот четврток, отворајќи ја темата за пописот, напишав дека со таква историја на пописи каква што ја имаше Македонија, зачудува дека е изненадување неуспехот на пописот од 2011 година. Во мултикултурен контекст да се спроведе успешен попис потребно е да се избегне играта на добитници и губитници. Тоа може да се постигне преку употреба на непристрасен модел – попис заснован на регистри или да одлучиме да не се попишува етничка и верска припадност, или доколку такви податоци се собираат да не се објавуваат.
По неуспехот на пописот во 2011 година, пописот станува важен дел од агендата за критика на власта од страна на опозицијата. Со вклучувањето на пописот во петте теми за кои СДСМ бара да бидат опфатени во политичкиот дијалог, пописот во Македонија станува двојно невозможна мисија, покрај поле за меѓуетничка пресметка, станува и поле за меѓупартиска пресметка. Пописот како партиска пресметка СДСМ го употребува во постигнување на две цели: да се потврди неуспехот на власта во подобрување на благосостојбата и да се оспори избирачкиот список, а со тоа регуларноста на изборите.
Првата цел која СДСМ и проопозициските коментатори сакаат да ја постигнат е да се потврди неуспехот на власта во подобрување на благосостојбата со тврдењето дека Македонија нема повеќе од 1.8 милиони жители, односно дека 300.000 луѓе ја напуштиле земјава во последните десетина години и популацијата е намалена за околу 15 отсто. И со и без попис скоро е сигурно дека Македонија има помалку жители од проценетите 2.1 милион, бидејќи таков е регионалниот тренд. Бугарија која својот популациски врв од околу 9 милиони жители го постигнала во 1989 година, на пописот во 2011 година брои околу 7.3 милиoни жители, што е намалување од околу 19 отсто. И Косово за кое во 2010 година се проценуваше дека има 2.2 милиони, според пописот во 2011 година, без трите општини на северот, има околу 1.7 милиони жители и популацијата е помала за околу 23 отсто. Неспорно е да се очекува дека Македонија има помала популација од проценетата, и тоа не само како резултат на стагнирачкиот природен прираст, туку и поради миграциските трендови. И наместо дневнополитички, темата за миграцијата мора да се истражува, како што Хелтгрупер ја истражува миграцијата на докторите, во потрага по политики и мерки кои ќе ја намалат миграцијата.
Пописот како поле на партиски натпревар [1]
Пописот, односно неговото спроведување, е дел од петте теми за кои СДСМ бара да бидат опфатени во политичкиот дијалог, за кои коментирав во двата претходни четвртоци.
Пописот, историски настанат како потреба за забележување на мажи способни за војска или пак забележување за даночни потреби, денес е процедура за системско собирање и чување на информации за популацијата. Иако процената на (бројноста на) популацијата останува важна функција на пописите, со пописот се собираат многу информации потребни за општествено-економско планирање, како и за меѓународни споредби. Пописот влијае и на подрачја кои вообичаено не се земаат во предвид, на пример во одредувањето на примерокот за анкетите на јавното мислење. Но некои проопозициски коментари му даваа магични димензии на пописот, на пример го поврзуваа пописот и со потреба на информации на бројот ученици, нешто за што има годишен регистар.
Инаку за разгледување на можните опции треба да се наведе дека покрај традиционалниот начин на спроведување на попис со пребројување, постојат и „виртуелни“ пописи со употреба на постојните регистри или пак комбинирани со употреба на регистри и пребројување и/или анкети. Виртуелните пописи, односно пописи засновани на регистри, ги воведуваат Холандија и Данска, главно поради дилеми за заштита на приватноста при традиционалните пописи, а во регионот прв попис заснован на регистри спроведува Словенија. Во Холандија не се објавуваат процени за населението, туку има бројач на популацијата кој го покажува бројот на жители во секој момент. Во една изјава за пописот премиерот Никола Груевски најави набавка на софтвери за пописот, што укажува на тоа дека Владата размислува за попис заснован на регистри или пак на комбиниран попис.
Пописот како процес на утврдување на бројност е посебен предизвик во мултикултурен контекст. Во позитивен контекст Советот на Европа препорачува вклучување на прашања за етничката и други определености, поради потребата за информации за политики против дискриминацијата и за следење на еднаквите можности. На пример прашање за етничка припадност во Англија и Велс е за првпат воведено во 1991 година, точно за следење на еднаквите можности. Но тоа што се смета за етничка припадност кај нив, кај нас повеќе би се подразбирало како расна припадност. Дури во пописот од 2011 година се поставуваат прашања за национален идентитет исклучиво заснован на само-идентификација и кој дозволува англиски, велшки, шкотски, северно ирски и британски идентитет.
Митот за владините реклами
Во пресрет на почетокот на политичкиот дијалог, СДСМ објави пет теми за кои бара да се разговара и тоа: формирање техничка влада, одвојување на партијата од државата, медиумите, изборното законодавство и спроведување попис. Начелно сите пет теми се поврзани со изборите и изградениот опозициски став дека единствена причина зошто ги губат изборите, е тоа што власта ги „краде“ гласовите.
Едно од клучните подрачја се медиумите. Во оценките на набљудувачите на изборите постои критичка оценка за „нерамен терен“ за изборите, формулација што вообичаено реферира на употреба на државни ресурси или одвоеноста на партијата од државата и на медиумите. Во медиумите нерамниот терен го сочинуваа две работи: политичките реклами и (не)пристрасноста во информативната програма. Во изборите 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ потроши повеќекратно повеќе од другите политички партии, што не беше случај во 2011 година кога СДСМ учествува со 1.51%, наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 1.03% во прегледот за најголеми рекламери на комерцијалните телевизии. Оваа прашање не е толку прашање за регулација на медиумите, колку што е за регулација на финансирање на политичките партии.
Непристрасноста на медиумите или независноста на медиумите е централното прашање во подрачјето на медиумите. Во извештаите на Фридом хаус, Македонија има стабилни оценки на независноста на медиумите сè до 2010 година, со влошување на оценките во 2011/12 и 2013 година. Влошувањето на оцените најмногу се поврзува со затворањето на А1 и со судската постапка против Томислав Кежаровски. Во заднината на оцените има две критички нишки: влијанието на Владата преку владиното рекламирање и големиот број на судски постапки против новинари. Или на кратко, награда за своите, казна за туѓите.