Промената на раководството во една политичка партија по низа на изборни неуспеси е многу добра можност за преиспитување на партиската доктрина, стратегија и програма. Во јавната дебата, по промената во СДСМ, се појавуваат три правци: првиот правец кој бара да не се преиспитува наследството на претходното раководство (статус кво опција), вториот правец дека е потребна вмроизација на СДСМ, и третиот правец е дека е потребна либерализација на СДСМ. Првиот не заслужува внимание – ако се изгубени низа на избори, статус кво е невозможно, мора да има промени.
Најгласен застапник за вмроизација на СДСМ е Саше Ивановски, уредник на Мактел, кој заслужува внимание поради својата неортодоксност и покрај неговата површност и вулгарност. Се препорачува вртење на СДСМ кон конзерватизмот: национализам и социјална конзервативност, со малку егалитаризам. Оправдувањето е дека тоа е моделот со кој ВМРО-ДПМНЕ победува, кој граѓаните го препознаваат и кој може да донесе победа на избори на СДСМ. Вртење кон национализмот треба да се направи во однос на спорот за името и за меѓуетничките односи, како и раскинување на коалицијата со ВМРО-НП и Љубчо Георгиевски, доколку не го смени својот став за Бугарија. Вртењето кон социјалната конзервативност ќе се постигне со истакнување на семејните вредности, поддршка на црквата („да се слика како пали свеќи“) и да се дистанцира од либерални теми, како ЛБГТ-правата. За истакнување на егалитарноста потребно е да се истакне скромноста (а не брендирана облека) и поддршка на политиките за сиромашните класи како субвенциите во земјоделието. Единствено што отстапува од конзервативниот авторитарен модел (на строг родител) е препораката да се вратат исклучените членови и да се дозволи фракционерство. Иако и тоа не отстапување, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ по 2006 година ги врати назад сите отцепени партии со исклучок на ВМРО-НП и Достоинство.
Од друга страна во „Како да се ослободиме од монструмите“, Никола Гелевски, публицист, нуди странски искуства како либералите поефикасно да им се спротивстават на конзервативците. Клучна препорака е градење на сопствената етичка перспектива, бидејќи прогресивните политики следат од прогресивни вредности. Соодветно тоа би значело повеќе егалитарност и демократија, а помалку национализам и социјална конзервативност.